Не е баш дел од јадранскиот дел од патот, но одамна голема желба ми беше да го посетам Мостар, ем поради Стариот Мост и ем да пробам дали (босанските) ќебапи се подобри од нашите :D

Да не навлегувам во историјата на БиХ, повеќето добро сме запознати со неа (повеќе или помалку), но внимавајте - населението е прилично поделено на Хрвати (католици) и Бошњаци (муслимани), па од оние Хрвати што ги познавам од Мостар, знам дека се лутат ако ги наречете Босанци бидејќи се сметаат за Херцеговци. Од нив знам дека имаат и посебни училишта и факултети за Хрвати и Бошњаци, поделени места за излегување, итн.. до некаде и звучи познато. Единствено мешана е главната мостарска гимназија која е исто така интересно архитектонско дело во центарот близу до чаршијата.

Назад на убавите работи: Мостар има околу 100.000 жители, низ него поминува прекрасната река Неретва, има симпатична мала чаршија и изненадувачки има многу туристи. Името на градот доаѓа од чуварите на Стари мост (мостари) кој бил изграден во 16-ти век и е еден од најпознатите и најпрепознатливи мостови на Балканот (а можеби и пошироко) поради неговата големина и само еден свод што било значително архитектонско дело во тој период. За жал денешниот мост всушност е реплика завршена во 2004-та година бидејќи оригиналниот бил срушен во војната, а заедно со него биле реконструирани сите историски обележја во неговата околина, вклучувајќи ги двете кули од страните - Тара и Халебија. Во 2005-та мостот и неговата околина биле заштитени како споменик во UNESCO.




.