Како најдобро да ја почнам новата година од планирање на нова тура скијање и навраќање на ланското? :) Она што минатата година ни беше најлесно за одлука беше дека ќе одиме на скијање во Австрија или Германија (па што сака нека биде), а она што беше најтешко беше да се одлучиме баш во кој ски центар би оделе... изборот е огромен!

Еве како изгледаше мапата на местата за кои сме слушнале или знаеме некој кој бил таму... хаос.




Бидејќи планот беше да одиме со другарите кои живеат во Минхен (повеќе за Минхен: дел 1, дел 2) со лет до таму, изборот беше помеѓу германскиот Гармиш Партенкирхен и некој од центрите во Австрија кој би бил поблиску за патување со воз. Датумот го планиравме по 15-ти Март бидејќи тогаш завршува сезоната и ски-картите и сместувањата се далеку поевтини од цените во екот на сезоната.

Лани скоро и да немаше снег кај нас, а во Гармиш беше слична ситуацијата, па, благодарение на препораките од другаровите колеги кои одат во Австрија на еднодневно скијање, на крајот се одлучивме да одиме во долината Цилертал (Zillertal) и да се сместиме најблиску до ски-центарот Хохцилертал (Hochzillertal). 

Она што е интересно за оваа долина е што во неа има 5 големи скијачки центри, во кои ако се купи ски-карта за повеќе од еден ден, истата важи во кој било ски-центар во околината. Центрите се поврзани со мала стара железница која почнува во Јенбах (Jenbach) и завршува кај гратчето и ски-центар Маерхофен (Mayrhofen). Од секоја железничка станица близу до ски-центар до главната гондола на центарот има организирани ски-автобуси кои го чекаат возот - и целиот превоз и со воз и со автобус низ долината е бесплатен доколку сте со скијачка опрема, FTW!

Ние се сместивме во селцето Рид им Цилертал (Ried im Zillertal) од каде фаќавме автобус блиску до сместувањето (не мораше и воз) кој нè носеше до самиот почеток на гондолата и почетокот на ски центарот Хохцилертал во гратчето Калтенбах (Kaltenbach). Малку звучи збунувачки со сите имиња и парови место-центар, ама сè си функционира супер и од сместувањето до влегување во гондола ни требаа 10-15 минути.

Долината Цилертал со сите ски центри
Возот Јенбах - Маерхофен со обележани станици од кои почнуваат ски-центрите

.