Сардинија (Sardinia) или Сардења (Sardegna) на италијански или Сар'диња (Sardigna) на сардински [:)] е вториот по големина остров во Средоземното Море после Сицилија (за малку) и е автономен дел од Италија. Локацијата доаѓа отприлика одма карши Рим, под француската Корзика.

Иако ние малку сме слушале, има пребогата историја уште од пред нашата ера, час била популарна за освојување, час ја оставале на раат да си биде автономна. Ќе напишам повеќе околу градовите и остатоците од цивилизацијата на Нурагите (не можам да најдам никаков извор на македонски, па ако знае некој нека линка).

Иако овој пат поради обврски не планирав да го искористам јунскиот одмор, сепак ни улета шанса која не се пропушташе - понуда за нововоспоставените летови со Алиталиа преку Рим до кој било италијански остров за 149€. Имајќи предвид дека само до Рим редовната цена на летовите е скоро дупло, моравме да ја искористиме оваа шанса и да летнеме до ретко зборуваниот и преубав остров Сардинија. Некако ни тргна со островиве после Мајорка, Лефкада и Крит, ама за разлика од нив, тука дефинитивно го скршивме рекордот на поминати километри со кола за 10 дена :) И морам да признаам дека е единствен остров од претходниве каде од која страна и да отидовме, сите плажи беа која од која поубави.



*** Сликите се од моето патување и бидејќи сум приврзаник на Криејтив Комонс, ако ги споделувате, линкајте назад на овој блог. Благодарам однапред.

Одамна летам со евтини летови и неколку пати имам спомнато колку се радувам дека WizzAir ни овозможија да летаме за евтини пари низ Европа. 

Сепак со нив летав најмногу еднаш во годината и никогаш не сум ја разгледала опцијата за членство во Wizz клубот за попуст (Wizz Discount Club). Оваа година веќе имам купено 2 карти за групи од по тројца, па сакав да го споделам искуството со оваа можност. 

Покрај тоа, сакав да спомнам и за ваучерот кој се добива со регистрација за Скопскиот Маратон, а од идниот месец, за прв пат воведуваат избор на седишта!

Wizz Discount Club


Постојат 2 типа на членства, едниот е стандарден кој важи за поседувачот на клуб-членството и уште еден придружник, а вториот тип е групна за поседувачот клуб-членството до 5 придружници. 

Ако купувате во денови кога има 20% попуст на летовите со членството во клубот (се случува 2-3 пати месечно да има 20% попуст), тогаш групното членство за повеќе од двајца веќе се исплати со добиениот попуст! Исто така има секогаш попуст на дополнителниот багаж од фиксни 5 евра.  

На пример, кога се одлучивме да купиме клуб членство, картата за тројца беше редовна цена околу 22.000 денари, додека со картичката околу 17.000 денари со се вклучена клуб членство - самата карта реално беше под 14.000 денари.

Сепак она што не е фино ограничување, е тоа што членството не може да се префрли на некој друг, така што најмногу се исплати да ја купи некој од друштвото/семејството што најчесто лета... Ако летате почесто сами или барем еднаш во група, ви препорачувам да се снабдите со клуб членството :) 



Е сега, кога станува збор за цените и деновите кога има 20% попуст... никогаш не се знае. Нема прецизно однесување на системот, не можете да го излажете со нов инкогнито прозор на пребарувач (што не значи дека не треба да пробате :Р). Некогаш навистина има поголем попуст, некогаш не. 

Примерот погоре, кога плативме за групно членство, беше токму на ден со 20% попуст за членовите на клубот, но викендов за велигденските празници со истата понуда цената беше иста како и претходните денови, додека ден по попустот цените беа навистина многу пониски од тие за време на важечкиот попуст. Најдобро е да ги следите неколку недели и да видите како се однесуваат, па да видите дали вреди да чекате за поевтина цена или не.

На следните две слики може да се забележи токму ова второво, цена повисока во петокот (10.04, и истата се задржа до 12.04) за време на 20% попуст и цената еден ден откако помина попустот која е поевтина (13.04). Сепак, како што кажав погоре, ова не е правило, па ви препорачувам да следите како се движат картите и тоа за бројот на патници кои планирате да одите, бидејќи некогаш и тоа влијае на цената (на пример, за еден патник е поевтино, се трошат бројот на седишта кои се со таа цена, ако додадете понатаму уште еден патник истата цена во истиот ден веќе е поскапена).


10.04.2015 со понуда од 20% попуст

13.04.2015 без понуда од 20% попуст, но со редовен попуст со клуб картичка


Избор на седиште

Она што е најново е изборот на седишта и започнува за сите летови по 19-ти Мај. Јееее! Значи нема веќе туркање за да се фати подобро седиште :) Тие што сте се возеле, се знае дека сите патници фаќаат ред на портата за качување во авион дури половина час пред да се отвори за да се осигураат дека ќе си фатат место со придружниците или понапред итн. 

Отсега, седишта за вашата група ќе бидат доделени по автоматизам (како кај другите компании кога се чекирате пред влегување во авион) со внимание да се доделени заедно, а доколку сакате да го смените местото за седиште понапред или со поширок простор за нозете, можете да го направите тоа со доплата како што е наведено на следната слика.



Ваучер од WizzAir Скопски Маратон

Минатата година за прв пат WizzAir беше главен спонзор на Скопскиот Маратон и за секој кој учествуваше без разлика на која трка (5км, 21км, 42км) им додели по еден ваучер во вредност од 20€. За жал ваучерот од минатата година не стигнав да го искористам до 1-ви Декември, но затоа секако ќе го искористам тој од годинава :)

Со секоја регистрација на маратонот, добивате код за ваучер во потврдата која ви стига на e-mail. Кодот од 17 цифри се внесува токму пред крајот на целиот процес, пред да се плати картата, во посебен таб Wizz Voucher. По кликањето на копчето Submit Payment (на македонски веројатно има соодветен превод), цената директно се намалува за 1250 денари и ваучерот се запишува во табела подолу, така што може да се внесат и повеќе ваучери.


Плаќање преку банка



Кога сме кај плаќањето и трите табови, плаќањето преку банка морав да го испробам пред месец дена :) Ако порано провизијата за административна такса од 500 денари (по лет по човек) се плаќаше само за плаќања со платежна картичка, тоа веќе не важи и таа е вклучена и со плаќање преку банкарски трансфер.

Освен ако не морате, навистина не ви препорачувам да се мафтате од обични до девизни шалтери и да доплатите 30-40 денари за девизниот трансфер на локална сметка на нерезидент... така што плаќајте си со картичка за пријатно корисничко искуство :)

----------

Ако имате некој совет или финта за летање со WizzAir, слободно споделете во коментари! ;)
Постојано ни се појавуваат листи на земји и градови кои треба да ги посетиме во животот, најдобрите места за патување во 2015-та, најшарените градови во светот, итн итн. Голем дел од нив ги споделив и редовно ги споделувам на твитер и на фејсбук страната :)

Се мислев дали да пишувам за некој град кој може да го посетите зимава, ама се одлучив и за сопствени потреби да си направам моја листа на желби за следниве неколку години... зашто кога ќе си зацртате некоја цел во глава, многу е полесно да ја остварите ;)

Супер постерче од македонскиот дизајнер Flim! <3


Како најдобро да ја почнам новата година од планирање на нова тура скијање и навраќање на ланското? :) Она што минатата година ни беше најлесно за одлука беше дека ќе одиме на скијање во Австрија или Германија (па што сака нека биде), а она што беше најтешко беше да се одлучиме баш во кој ски центар би оделе... изборот е огромен!

Еве како изгледаше мапата на местата за кои сме слушнале или знаеме некој кој бил таму... хаос.




Бидејќи планот беше да одиме со другарите кои живеат во Минхен (повеќе за Минхен: дел 1, дел 2) со лет до таму, изборот беше помеѓу германскиот Гармиш Партенкирхен и некој од центрите во Австрија кој би бил поблиску за патување со воз. Датумот го планиравме по 15-ти Март бидејќи тогаш завршува сезоната и ски-картите и сместувањата се далеку поевтини од цените во екот на сезоната.

Лани скоро и да немаше снег кај нас, а во Гармиш беше слична ситуацијата, па, благодарение на препораките од другаровите колеги кои одат во Австрија на еднодневно скијање, на крајот се одлучивме да одиме во долината Цилертал (Zillertal) и да се сместиме најблиску до ски-центарот Хохцилертал (Hochzillertal). 

Она што е интересно за оваа долина е што во неа има 5 големи скијачки центри, во кои ако се купи ски-карта за повеќе од еден ден, истата важи во кој било ски-центар во околината. Центрите се поврзани со мала стара железница која почнува во Јенбах (Jenbach) и завршува кај гратчето и ски-центар Маерхофен (Mayrhofen). Од секоја железничка станица близу до ски-центар до главната гондола на центарот има организирани ски-автобуси кои го чекаат возот - и целиот превоз и со воз и со автобус низ долината е бесплатен доколку сте со скијачка опрема, FTW!

Ние се сместивме во селцето Рид им Цилертал (Ried im Zillertal) од каде фаќавме автобус блиску до сместувањето (не мораше и воз) кој нè носеше до самиот почеток на гондолата и почетокот на ски центарот Хохцилертал во гратчето Калтенбах (Kaltenbach). Малку звучи збунувачки со сите имиња и парови место-центар, ама сè си функционира супер и од сместувањето до влегување во гондола ни требаа 10-15 минути.

Долината Цилертал со сите ски центри
Возот Јенбах - Маерхофен со обележани станици од кои почнуваат ски-центрите

.