Дубаи - дел 2

14 December 2013 //
Leave a Comment
Малку повеќе доцнам со постов, ама одговара совршено за тие што ќе се одлучат да одат во Дубаи за Нова Година :) Првиот дел беше напишан во мај и обавезно пред одење прочитајте го тука.

Иако не стигнавме да видам сѐ што сакав, сепак успеавме да ги прошетаме голем дел од објектите и местата, а и (покрај сите сплетки) да отидеме на пустинско сафари. Имајте предвид дека таму викенд е петок и сабота, а во петок ништо не работи до 14 часот, вклучувајќи го метрото, автобусите, сите трговски центри, отворени пазари и тн.

Метрополитен, indeed.

На крајот на постов има и видео од моментите што вредеше да се доловат подвижни :)

Еве ги работи што мора да се видат/направат, во зависност колку време имате:








  1. Бурџ Калифа / Дубаи Мол / Фонтаните на Дубаи / Сук ал Бахар

    Бурџ Калифа (Burj Khalifa) како што веќе пишав во првиот дел, е највисокиот облакодер на светот со 206 ката. Веднаш до кулата е трговскиот Дубаи (Dubai Mall), измеѓу се фонтаните на Дубаи (Dubai Fountains) а преку мостче од Дубаи Мол кон фонтаните се преминува во помал потрадиционален трговски центар Сук ал Бахар (Souk al Bahar). Мапа тука.
    Внимавајте на тоа дека метро станицата е далеку од Дубаи Мол, односно Бурџ Калифа, не е толку блиску колку што делува на мапата. Со истата картичка од метрото може да влезете во "feeder" автобус до Дубаи Мол и ако ја титнете на влез и излез нема да ви биде наплатено, а ќе заштедите 15 минути во пешачење или возење по хоризонтални ескалатор-ленти, особено ако брзате да стигнете во одредено време за качувањето во кулата.

    Билет за панорамата на врвот на Бурџ Калифа (всушност, панорамата наречена "At the top" е само на 124 кат) е паметно да си купите однапред преку интернет на оваа страна, проверете периодот кога ќе одите од годината кога заоѓа сонцето и купете карта за половина час/час претходно ако има слободни, за да фатите и ден и ноќ горе. Две недели пред нашето одење тие карти околу зајдисонце за жал беа распродадени, а откако ќе ги купите онлајн, физички карти се подигаат на шалтер пред лифтот. Не е страшно и ако задоцните за терминот кога ви е лифтот, зашто пуштаат +/-15минути од терминот на купениот билет. Цената е 130AED (~25€) но вреди качувањето на врвот на светот, нели? :) Горе се продаваат најскапите сувенири, ама најквалитетни во изработка, така што ако сакате поевтини не купувајте горе.

    Чекање во редица за лифт за Бурџ Калифа
    Монитор на кој се прикажува моменталната, ноќна и историска слика
    Панорамски поглед од 124 кат



    Од страната на Бурџ Калифа
    Дубаи Мол е еден од многуте трговски центри, ама делува дека е најголем од сите. Има интересни фонтани, таму е сместен и аквариумот, да не зборувам за изборот на продавници. The place to be... ако имате пари за трошење.

    Јавниот дел од аквариумот во Дубаи Мол

    Бидејќи првиот ден кога бевме во Бурџ Калифа врнеше (тој дождот што е еднаш во годината), не останавме да го гледаме шоуто на фонтаните, но затоа отидовме друга вечер.

    Шоуто на фонтаните Дубаи
    е секој ден од 6 попладне до 11 или 11.30 (за викенд) на секој половина час, ама според нашето искуство беше на точниот час (распоред тука). Најубав поглед има преку мостот од страната на сук-от. Има преку 1000 песни и кореографии на фонтаните и ако ви се погоди песната навистина се ужива. Ние ги начекавме "This is The Prayer" и "Thriller" и од романтика отидовме на шизење и стварно супер си поминавме :)

    Местото за гледање - карши Бурџ Калифа

    Бротчиња возат во паузите

    This is the prayer
    Thriller




    И на локалците им е интересно :)



    По последното шоу, поминавме на кратко и низ Сук ал Бахар, каде гледавме како се изработуваат песочни сувенири во различни бои (внимавајте да нема празно место во шишенцето ако го купите за да не ви се распадне сликата). Прошетавме наоколу и седнавме во ресторанот Zahr El Laymoun покрај водата каде што нема фонтани на вечера и наргиле (shisha).

    Ентериерот на сук-от
    Цртање камили
    Кхм.
    Наргиле
    Сук-от од спротивна страна на фонтаните
  2. Трговскиот Ибн Батута / Кинеските градини

    Бидејќи скоро сѐ во Дубаи се врти околу трговски центри, како втора точка морам да го ставам трговскиот Ибн Батута (Ibn Battuta Mall) кој е посветен на мароканскиот патеписец којги прошетал сите земји каде живееле Арапи од Јужна Шпанија до Кина и патувањето долго 30 години го запишал во книга. Еден од првите светски травел-блогери :)

    Местото е пола трговски центар (со поевтини цени од Дубаи Мол), пола музеј - со 6 дела кои ги претставуваат земјите низ кои поминал, уредени со специфични детали и мини плоштадче во секој стил посебно, и мал музеј во персискиот дел со записи од патешествијата.

    Во истиот трговски на крајот (до Кина) се наоѓаат и „Кинеските градини“ каде има сместено неколку ресторани со поволни цени и преубава атмосфера, ние јадевме во либанскиот (арапски) ресторан Mashawi.
  3. Египет
    Тунис (со симулирано отворено небо)
    Тунис
    Андалузија (Шпанија)
    Андалузија (Шпанија)
    Персија (дел од мини-музејот)
    Индија
    Индија

    Кина (панорама)
    Кина

  4. Дубаи Марина / The Walk / Барасти бар

    Можеби ретко кој турист оди во Дубаи Марина (Dubai Marina) бидејќи е населба, но има и пристаниште на вештачки канал, а нормално и трговски центар. Целото маало сѐ уште е во изградба и е составено од огромни облакодери каде претежно живеат Европјани. Околу каналот има и шетачката патека (Marina walk) со барови и ресторани. По патеката имаше доста рекреативци доцна навечер, па ако сте по трчањето и имате подолг престој, обавезно земете си патики за трчање ^_^

    Погледот од рестораните и терасата на трговскиот центар кон бескрајната завеса од светла на зградите со каналот измеѓу вас е неверојатен! Буквално ве остава без здив!


    Телефонот ви е најдобар пријател кога ќе ви цркне батеријата од апаратот
    Помеѓу каналот на марината и плажата, се наоѓа и улица наречена „The Walk“ каде секоја вечер дефилираат и паркираат најновите автомобили. Паралелно со улицата има и пешачка патека и многу ресторани (повеќето за брза храна).

    За сликање ми се погодуваа таксисти :)

    Во близина на пристаништето, на самата плажа се наоѓа и ноќниот клуб/бар Барасти кој има дозвола за продавање алкохол и е место каде сите странци се собираат во текот на целиот ден. Интересно е дека има различни сцени, диџеј на плажа, латино на еден шанк, поп на друг шанк, и тн. Во секој случај интересно место да се излезе навечер (и спремете си пари зашто едно пиво е 40AED ~= 8€).

    Клубот и Марина во позадина
    делот од клубот на плажа
    и обезбеѓење су људи
  5. Трговскиот на Емиратите / ски-стаза

    Трговскиот на Емиратите (Mall of the Emirates) ќе го спомнам тука чисто хронолошки, но не е ништо посебно да се види освен што е местото каде се наоѓа првата ски-стаза и снежен парк во затворен простор на средниот исток.

    Ако немате време, слободно скокнете го местово освен ако не планирате да скијате :)


    И некои фини модели за висока мода...
  6. Пазарите за текстил, зачини и злато

    Пазарите за текстил, зачини и злато (souk = пазар) се наоѓаат во стариот град од спротивни страни на заливот на Дубаи.

    Од едната страна кон модерниот град (југо-западна) се наоѓаат неколку пазарчиња за текстил каде покрај некои наметки и слично што може да се најде и на нашите пазари, може да најдете убави материјали и марами од кашмир и свила за кои може да се ценкате додека продавачот не почне да зеленее од мака, а не смее да ве пушти без да ви продаде откако веќе сте влегле во продавницата. Да речеме дека нашиот ја смени бојата пред да излеземе со неколку свилени марами по цена од кашмирни марами.





    За да се стигне до пазарот за зачини, покрај текстилниот пазар треба да се симнете до заливот каде има регуларни бродови, како и мали дрвени сплавови кои ќе ве префрлат од другата страна само за 1AED (~12 денари).





    Оттука може да уживате во мирисите на пазарчето за зачини, да најдете листови од ванила кои ги нема кај нас, како и кари, шафран и други типично арапски и индиски зачини. Во продавничките претежно работат Индијци и Пакистанци (Арапите се возат во скапи коли и шетаат по трговски) така што скоро сите нѐ зазборуваа од каде сме и второ прашање дали сме мажени. Среќа едната од нас три женски имаше прстен па ги откачувавме побрзо :)





    Понатаму има пазар на сувенири, чевли, фустани и пластики како на Бит Пазар, а со малку лутање наоколу и прашување успеавме и да го најдеме пазарот на злато кој не беше така евтин како што се надевавме (за да најдеме бурми) и беше полн со луѓе кои нѐ викаа по споредни улички да ни продадат шкартни рачни саати.

    Во секој случај, никако не ги испуштајте пазарите, ама ако имате машка придружба ќе се поштедите од замарање со локалците :)




  7. Мадинат Џумеира / Бурџ ал Араб 

    Градините, хотелот и (се разбира) трговскиот Мадинат Џумеира (Madinat Jumeirah - Mall, Gardens) се наоѓаат во непосредна близина на познатиот хотел - едро, Бурџ ал Араб (Burj al Arab). Мадинат Џумеира е цел комплекс изграден во арапски стил со прекрасни градини, мал амфитеатар и преубав поглед на едрото меѓу палми и отсјај во водени површини. Шетањето низ трговскиот кој е во затворен простор е како да се шета низ некоја стара пустинска палата, а продавничките претежно се со сувенири и традиционални теми - марами, дрвени предмети, накит, и тн. Надвор кон езерцето во градините има повеќе ресторани од кои дел имаат и дозвола за точење алкохол (и поскапи цени). Местото е одлично и за дневна и за ноќна, романтична прошетка.
    Фотографии од целиот комплекс тука.




  8. Фестивал Сити / фламинга на зајдисонце

    Трговскиот центар Фестивал Сити (Festival city mall) е центар кој сам по себе нема ништо интересно за гледање, но има убав дел со ресторани и пристаниште кон делот што излегува на главниот залив (crieck) во најдалечниот дел од утоката и формира езеро.

    Тоа што нѐ привлече да отидеме таму е можноста да се фати тура со туристички брод (25AED, мислам дека имаше бродови на секој саат и возењето трае 1 час) до дел во заливот во кој се чуваат розеви фламинга. Само ќе кажам дека ако одите, носете си двоглед или објектив со голем зум кој јас не го носев и успеав едвај да сликнам во далечината некои точки што стојат на стапче, да не зборувам дека со голо око скоро и да не се гледаа :)

    Она за што се исплатеше сосема за одењето, беше дека го фативме последниот брод за таа тура и возејќи се паралелно на морето го доживеавме најубавото градско зајдисонце што некогаш сум го видела со совршени силуети од облакодери. Вредеше за сите фламинга.

    Фестивал сити - помеѓу трговскиот и заливот
    Пиксел-фламенга... веројатно беа вистински :)

    имам некоја склоност за пиење кафе на пристаништа...


  9. Плажа

    Се разбира дека не може да отидете таму каде скоро цела година е лето, а да не отидете на плажа. Немавме многу време, но бидејќи во петок ништо не работи до 14 часот, фативме такси и искористивме саат-два да поминеме на една од јавните плажи, плажата покрај Бурџ ал Араб која ни беше најблиску. Водата плитка и топла, многу туристи, уживанција со блек-ап и едно шеширче што го менувавме меѓу три :)

    Исто така, проверете ги другите јавни плажи, најдобрата веројатно е кај Марината кај Барасти барот, но внимавајте да не отидете на некоја плажа каде што не е дозволено за мажи без фамилија.

  10. Пустинско сафари

    И најдоброто за крај... ^_^ Нормално дека кога ќе отидете во земја каде скоро сѐ околу вас е пустина, сакате да го искусите пустинскиот живот... и иако е малку циркуски сето тоа што е подготвено за туристите, сепак уживавме најмногу во овој ден.

    Има најразлични тури со различни понуди, тури на изгрејсонце, други на зајдисонце (никако во најжешкиот период од денот), со вклучено едно или друго... ние се одлучивме за турата на зајдисонце. Секоја агенција што организира си свој или има договор со некој камп каде ги носи своите туристи. Носете си марама и патики на нозе (апостолки може да ви сметаат, да пропаѓате во песокта). Попладне околу 15.30-16.00 часот, ве земаат околу 6-7 души во џип на договорено место негде низ градот (за целосна сума или доплата, ве земаат и од вашиот хотел) и прво има возење од пола саат до станица во близина на пустината каде се прави пауза (и пари за дуќанџиите) и каде возачите ги издишуваат гумите на џиповите за да можат да возат низ пустина.

    И уште на самиот влез во пустината, ви кажуваат убаво да се врзете и во климатизиран бел џип почнува „dune bashing“ односно сурфање по песочните дини. Нашиот индиски возач нормално ни пушти музика а-ла панџаби денс и заедно со уште 5-6 џипови нѐ возеа наоколу нагоре/надолу, лево десно низ дините фрлајќи песок на сите страни... уште една мала препорака - не одете ручани :) И уживајте во возењето, многу е добро :) Џипот исто така прави и мала пауза за фотографирање сред пустина на зајдисонце.

    dune bashing
    омилен триптих од пустината
    малку ветровито :)
    desert rose

    По пристигнувањето во кампот, сѐ останато од забава ви е бесплатно (освен бакшиш за дечкото со соколот), одете веднаш кај камилите ако сакате да пробате како е да се јава камила, бидејќи таму се прави најголемата гужва. После тоа возачот ни беше доволно фин да нѐ внесе во кампот, да ни подаде од храната што не ни знаевме дали е бесплатна, да ни посочи што е, каде е и да се договориме каде да се чекаме и кога. Во кампот како во Касандра стил има наредено различни делчиња за различни активности: дел за наргиле, дел за арапско кафе, дел за цртање хена тетоважи, дел за облекување арапски мантили, дел за продавање теписи, дел за сувенири... а на средината централно поставена сцена.




    јас и другарка ми













    По стемнувањето нѐ повикаа да се наредиме околу сцената каде уживавме во еден блок арапски танци со жени, па со мажи, па мешано.. Потоа беше време за вечера како шведска маса со скара, хумус, салати, овошја... па уште еден блок танци. Вечерта ќе беше совршена да не го изгубев телефонот во момент кога снема струја при крајот, ама нејсе, мора и такви работи да се проживеат (спремете се да шетате од една полициска станица до друга за пријавување, зашто и таму исто така, си ја префрлаат одговорноста како и кај нас).


















    За начинот на работа (може да го скокнете тие што не одите): тури за во пустина се организираат секој ден, но за викенди е преполно, а ние само тогаш можевме. Благодарение на нашите колеги што живеат таму, успеавме да купиме купони од арапскиот групон и да заштедиме бааги на сумата за во пустина која обично достигнува до 70-80€. Арно ама, пазете се дека Арапите се доста слични на нас, па ако им закажат луѓе што ја плаќаат целосната сума, вас ќе ви се јават дека има пустинска бура или нешто слично, а немате време кога друг пат да го искористите купонот и ќе ви пропаднат парите. Среќа и фала што имавме кој да им списка дека ќе ги пријави, па успеавме сепак да отидеме како што си беше договорено.


Местата на кои не успеав да отидам :(
  1. Палмата Џумеира со водниот парк Атлантис (Palm Jumeirah) - вештачкиот полуостров во облик на палма
  2. Чудесните градини (Dubai Miracle Gardens) - малку се далеку и мора со автобус
  3. Глобалното село (Global village) - цел свет на едно место, работи само во зима до април
  4. Музејот на Дубаи (Dubai Museum, Sheikh Rashid house) и Шеик Мохамед центар (Sheikh Mohammed Centre) - во стариот град
  5. Џамијата Џумеира (Jumeirah mosque) - ептен не ни се погоди по пат
  6. Буда бар (Buddha bar) - ја има најголемата статуа на Буда во затворен простор во светот
  7. Концерти!!! Постојано некоја светска ѕвезда прави концерт во Дубаи, проверете што се случува додека сте таму!
+ АБУ ДАБИ - на саат со кола, саат и пол-два со автобус е соседниот Емират каде што ако имате време мора да се посетат:
  1. Големата бела џамија на Шеик Зајед (Sheikh Zayed Grand Mosque) - направена целосно од прилепски мермер и една од најубавите џамии во светот! Место кое поради сплет на околности го видов само оддалеку, ама ќе му се вратам еден еден...
  2. Ферари Ворлд (Ferrari World) - најголемиот затворен тематски забавен парк во светот, особено препорачан на љубители на Ферари :)


    Ma`a as-salāma.

0 коментари:

Post a Comment

.