Нова Година во Минхен - дел 2

31 March 2013 //
Leave a Comment
По подолга пауза пред да почнам пролетни или минати патувања, да си докажам кои места се за прошетка низ Минхен пред да ми измине уште еден месец без објавен пост и пред да помине роденденот на нашата домаќинка :)

По летот од Скопје се стигнува на главната железничката станица, се сместивме кај нашите другарчиња во нивното ново симпатично станче, малку одморивме, спакувавме храна за забавата по шетањето и тргнавме во поход подготвени за новогодишната ноќ :)

Ден 1

1) Теризиенвизе (или како и да се чита Theresienwiese, скарана сум со германски) - е местото каде што се одржува Октоберфест и прво се упативме таму... за жал имаше забава со веќе распродадени карти и не можевме да влеземе во шаторите (кои ги има многу повеќе за време на Октоберфест), па само малку прошетавме во околината.

Метро станицата и луди Германци



Аматерски огномет на сите страни околу шаторите
Игри со осветлување за новогодишните забави

2) Оттаму се упативме кон главниот плоштад Мариенплац (Marienplatz) каде се водеше пиротехничка забава организирана од емигранти :) Сред бојно поле успеавме да се напиеме по едно пиво/варено вино и уште околу 23ч се откажавме од избегнување петарди и штрекање на секоја експлозија и неконтролирано испалени огнометчиња кон народот, така што - дефинитивно не го препорачуваме главниот плоштад за новогодишна прослава :)



Тамам пред полноќ се упативме кај нашите другари кои организираа забава во нивниот дом и точно на време бевме дел од гушкање со непознати странски другари, наздравување со Шампањ и аматерските огномети во нивната улица :)


Супер екипа за супер Нова Година, фала на Н. и А. :)

Ден 2

3) Вториот ден попладне го посветивме на лесна прошетка низ Олимпискиот парк (Olympiapark)

3.1.) BMW World и BMW Museum се посебни објекти на пат од метро станицата кон паркот, но поради тоа што бевме на Први јануари, беа затворени.. инаку BMW World е бесплатен за посета.

Околу BMW
3.2.) Самиот парк е доста интересен, се шетаат семејства околу езерцата, трчаат џогери по патеките, се љубат парови на клупите, се чекаат редици за јадење колбаси, се гледаат отисоци на познати музичари, се креира сосема нова снежна патека за светски куп во слалом... и така, еден обичен првојануарски ден во Минхен :)

Езерото, патеката, цитат од Далај Лама.
Отисоци на музичари кои настапиле на Олимпискиот стадион

3.3.) За да се качите на Олимписката кула (Olympiaturm) и да уживате во погледот врз Минхен и остатокот од паркот, се плаќа влезница за лифтот од 5,5€. Имавме можност покрај анализирање каде е Алијанс арената, Нимфербершката палата, Олимпиското село, итн... да гледаме и светски куп во слалом (FIS Ski World Cup) бесплатно одозгора :) 

Билетот за кулата
Во цената за кулата е вклучен и мини рок музеј кој е во центарот на кружната затворена стаклена тераса и во кој уживав! Има џубокси на кои можеш да си пуштиш песна за 50 центи, секакви артефакти од гитара потпишана од Металика, првото издание на албумот на Нирвана Nevermind, огледалестото пијано на Елтон Џон, писма од Битлси, и тн... да ме оставеа, можев цел ден да го поминам таму :)

Панорамски поглед на паркот, стадионот и кулата
Панорамски поглед на Минхен
Олимпискиот стадион
Нимфербершката Палата, BMW World и Музеј
Панорамската тераса
Поглед на скијачката слалом патека, Олимпиското село (сега студентски дом)
Брзина на лифтот од 0 до 7m/s на висина од 185 метри
BMW World, BMW Museum и поглед на Минхен
Писма, објави, инструменти... на рок легендите на сите времиња!

Гитарата потпишана од сите членови на Металика,
два џубокса и транспарентен портрет на Џенис Џоплин

3.4.) Откако се напивме кафе и јадевме медењаци во ресторанот (види дел 1 за цени/слики), на крај ја искористивме шансата да влеземе во Олимпискиот базен (отворен за посетители) каде рекреативци си пливаа, а ние наоблечени се потевме обидувајќи се од поблиску да ѕирнеме што се случува на ски-купот :)

Олимпискиот базен и билборд за ски-купот


---
Потоа тргнавме на кратка прошетка низ центарот на пат кон место за вечерање..

4) Се симнавме со метро на Одеонсплац (Odeonsplatz) од каде што има порта кон Англиските градини, но и интересни 4 мали статуи на една од градбите кои ако ги протриеш за нос се мисли дека ќе донесат богатство... арно ама, внимавајте - не требало сите 4 да се протријат, туку максимум три зашто алчноста ќе ви донесе несреќа... само што тоа ни го кажаа дури откако се вративме :D

...а убаво ги изгланцавме :)
По пат од Odeonsplatz до Karlsplatz
Девојки копнеат по Тифани

По патот веднаш пред Мариенплац ги има продавниците со најубавите излози што сум ги видела во живот... ех. Имаше и излог со кавијар, ама не е ништо посебно убаво во лименки што висат на новогодишна елка :)

Излог 1: кафе
Излог 2: чај
Излог 3: чоколадо
Оттука поминавме преку лизгалиштето на божиќниот маркет и пиевме варено вино, а потоа вечеравме во L'Osteria пица и Ердингер (види дел 1 за цени/слики) и ја затворивме вечерта со дружба во станчето.


Ден 3

Третиот ден (02.01) останавме без вработената во друштвото, па со нејзината посилна половина се шетавме низ центарот на градот.

5) Прво се качивме на кулата од црквата Св. Петар - Питерскирхе (Peterskirche или Alter Peter) за 1€ како студенти (регуларна цена е 1.5€) и уживавме во убавиот поглед врз главниот плоштад како и во ситниот и тврд снег кој се разврна баш кога бевме горе :)



Вертикална панорама на градското собрание (Rathaus) и Marienplatz

6) Веднаш до главниот плоштад, се прошетавме и низ зелениот пазар Виктуалиенмаркт (Viktualienmarkt) кој е намерно оставен во центарот на градот за запазување на традицијата и каде се наоѓа минхенскиот Maypole (столбот со симболите на градот, ако се сеќавате од првиот дел).



7) Испешачивме до малиот пивски Октоберфест музеј (Oktoberfest Museum), но за жал и двата дена кога отидовме тој беше затворен :(


8) Потоа поминавме низ една од портите на градот - портата Исар (Isartor) кај која имаше мал божиќен маркет со пунч и варено вино, како и палачинки и друга храна... и чаша на која пишуваше Tip is not a town in China.


9) Времето ни помина тамам за пиво во Hofbrauhaus (дел 1) која е најстарата и најголема пивница и мора да ја посетите, затоа и повторно ѝ одвојувам посебна точка.

10) Пак направивме мала ноќна тура: низ центарот од плоштад до плоштад:

Лево 2: Театарот и Операта
Лево 3: на Одеонсплац
Десно 1/2: Влез во Минхенската резиденција (Rezidenz Munchen) - музеј
Десно 3: Влез во Англиските градини

Порта кон англиските градини и улица близу до портата Зендлингер (Sendlinger Gate)

По пешачењето низ цел град, нормално дека се оди на пиво, овој пат и на колбаси во Augustiner Am Dom, па на пица во Pasta Basta да се донајадеме :)


Ден 4

11) Последниот ден го искористивме за лежерно да прошетаме низ Нимфербуршката палата (Schloss Nymphenburg) бидејќи денот беше дождлив и студен... влезот е 6€ само за палатата (5€ за студенти) и 3,5€ за аудио водич, а зедовме еден бидејќи беше интересно да се слушаат описи и историски приказни за секоја соба посебно. Палатата е многу помала, но наликува малку на Версај, но сепак е интересна да се посети, така што не ја заобиколувајте. Наречена е според слика на таванот на влезот на која е претставена нимфа која се капе во фонтана.

Поглед од палатата
Горе десно: сликата со нимфата според која палатата е именувана

Многу огледала :)
Собите
„Галеријата на убавиците“-
36 портрети на жени кои биле интересни за Лудвиг I од Баварија :)
Египетска маса добиена на подарок
Фазите на изградба на палатата на интерактивна светлосна мапа

Панорамски поглед на палатата (централен дел)

Каналот кој води до палатата
(сликано на мостот во близина на трамвајската станица)

По палатата избегнувајќи дожд, прошетавме пак малку низ центарот и по продавници - иако имаше попусти, ништо не направивме со планот за купување спортска опрема поради тоа што за нив сѐ уште беше скијачка сезона :( 


Патот го заокруживме со пива и бургери во ирскиот паб Kennedy's.


Работите кои ги оставивме за друг пат, а мора да ги видите/посетите/направите:

12) Секој ден од 11:00 и 12:00 (прет)пладне има тури со водичи од пред споменикот на Мариенплац... турите траат по повеќе од 3 часа, па ние немавме толку време, но би било фино повеќе да се чуе за историјата на градбите низ центарот на градот.

13) Секој ден во 11:00 и 12:00 на Neues Rathaus (Glockenspiel) има перформанс со часовникот кој отчукува - ние ниту еден ден не успеавме да се разбудиме, да се спремиме и да стигнеме во центарот толку рано :(

14) Deutches musem - интерактивниот музеј на науката е одличен начин за поминување на цееееел ден :) Јас веќе сум била во сличен во Барселона, а и немавме цел ден, некако повеќе ни се дружеше на пиво, но сигурно дека ќе заглавам таму во некоја следна прилика.

15) Прошетка покрај реката Исар - дури имало и луѓе кои сурфаат на брановите на реката, така што би било интересно да се види... во времето кога ние планиравме, заврна многу дожд и дуваше покрај реката, така што не видовме ништо од тоа.

16) Прошетка низ Англиските Градини и Кинеската кула (ресторан) кои се поубави на пролет/лето и немаше поента да шетаме во студени зимски денови... 

--- 

Фала на нашите мили другарчиња што не чуваа и пазеа во периодот додека им бевме на гости, А., имај најсреќен роденден! xoxo

Ако имате уште нешто да предложите, слободно дополнете во коментари... ако одите таму, напијте се за мене еден матен Ердингер :) 

Tschüs!



0 коментари:

Post a Comment

.