Рок во Италија (Верона, Кодроипо, Лидо ди Јесоло, Венеција)

11 September 2012 //
Leave a Comment
Уште во март/април случајно ја ѕирнав европската турнеја на Фу Фајтерс, каде најавени беа концертите во Прага и на фестивалот Pukkelpop во Белгија... се зафатив да барам превоз до Прага, но во моментов е најнедостапен град во централна Европа - Czech airlines ги укинаа летовите до Скопје, Malev банкротираше во февруари, Austrian преку Виена има скапи карти, а со автобус/воз ќе изгубев премногу денови од одморот...

И тогаш, објавија дека ќе настапат во вилата Манин, во Кодроипо, Италија. Прв пат слушнав за местово, па морав да го изгуглам... и кога видов дека се наоѓа на еден саат возење од Венеција до каде имаме летови со WizzAir, збеснавме со Ивана со која баравме опции за Прага! Муабет по муабет, возбуда по возбуда, екипата на љубителки на Дејв Грол се зголеми на 5 женски на италијански road trip.

Нивата со киви каде што паркиравме пред концертот
во маичките што ги направивме како прави обожавателки :)

Возбудите околу концертот и секојдневните случувања може да ги прочитате на блогот на Јована, а јас, иако месец дена подоцна, ќе ве охрабрам со детали околу патувањето да направите ваков потег доколку имате желба на кратко да ја посетите северна Италија :)

Фу Фајтерс на сцената во Вила Манин



Основни факти за патувањето
  • Период: 12.08-15.08 (2012)
  • Број на патници: 5 (иако нè дружеа уште двајца, сами си се организираа)
  • Авионска релација:
    • Скопје -> Венеција (Тревизо) 
    • Патувавме со рачен багаж за поевтин превоз
    • Скоро сите купивме авионска карта по различна цена - од 65€ до 85€ за повратна карта, без регистриран багаж и со вклучени такси (евтини летови не ни може поинаку да се купат).
  • Превоз низ Италија (*цените се на крајот) :
    • Рент-а-кар од аеродром до аеродром за три дена.
  • Места кои ги посетивме: 
    • Верона, Тревизо (не го прошетавме целосно), Вила Манин, Лидо ди Јесоло, Венеција.
  • Јазик: италијански, се снаоѓаат со англиски и пантомима
  • Валута: Евро (€) - во моментот среден курс според НБРМ е 61,5 денари
  • Виза: не ни треба заради Шенген зона.
  • Што да се носи: зависи од должината на патувањето: лекови (синопен и слично за каснатини зашто имаше многу комарци!), аутан, креми за сончање (ако одите на плажа), чоколатца, испринтани резервации и авионски карти
  • Безбедност: освен што нè пцуеја со италијански потег на рака, немавме гајле :) Во секој случај чувајте си ги ташните/ранците и документите и парите во нив.
    • Ако одите со рент-а-кар: не оставајте какви било работи внатре во кола, барајте хотел со паркинг/гаража зашто обично се доплаќа.
  • Температура: Просечно беше околу 30С

Храна и пијалаци

Не пропуштајте италијанска пица, паста и кафе. Што и да изберете, нема да промашите. Пиците дури и на главниот плоштад се движеа околу 10€, додека паста можеше да се најде од 7€ до 13€ (во Венеција). Пробајте и домашно вино или коктелот шприц-аперол (аперол мешан со пенливо вино, 3,5-4€). Ако седнете во ресторан, сметајте и дека ќе ви наплатат пресметан бакшиш (service fee) од околу 2€ по човек.

Во Верона седнавме да јадеме во споредна уличка, а по 22 часот нè преместија од другата страна на ресторанот што излезе дека е - на самиот главен плоштад :) Колку беше „културен“ келнерот Мухамед, може да прочитате на блогот на Јована, ако веќе не сте прочитале.
Сметка: 5х2€ бакшиш, 10€ пица со пршута и рукола, 9€ пица со 4 сирења, 3,5€ шише вода од 0,75л, 4х3,5€ шприц аперол. Мхм, 2 пицас фор 5 пипл.

На здравје со шприц-аперол
Пица со пршута и рукола
Пица со 4 сирења и шприц-аперол
Во Венеција седнавме во фино ресторанче на десетина минути од Пјаца Рома (каде што се паркинзите).
Сметка: Пастата нè чинеше од 8 до 9,5€, шприц аперолот 4€, водата 3,5€ и 12% пресметан бакшиш.
Различна паста за секоја девојка :)
Шпагети со песто сос


Сладоледот во Верона/Венеција се движеше од 1,2 до 1,5€ за топка, 2 до 2,5€ за две итн. Сладоледот во Верона имаше вкус светлосни години пред вкусот на сладоледот во Венеција што го пробавме на едно попрометно плоштадче.



Кафето дури и во МекДоналдс го носат во вистински чаши, со добро еспресо и интересна декорација за цена од 1.2€ до 2.5€.

Лате макијато
Во Лидо ди Јесоло, пиевме и по едно мохитце, цената беше 5€ на плажа. Пиво во супермаркет се наоѓаше од 0.5€ нагоре.




Сместување

Барањето на *евтино* сместување во Венеција е скоро невозможно. Откако се пресметавме дека сме 5 и ни се исплати да изнајмиме кола за време на трите дена, одлучивме дека ќе се сместиме во Тревизо - во близина на аеродромот. По многу пребарувања на хостели, хотели и станови, на крајот налетав на хотелче малку на север од Тревизо со голем паркинг во стилот на американските мотели каде што паркираш под собите.


Така, завршивме во хотелчето Holiday La Marca, кое имаше специјален попуст во моментот, но поради недостиг на пари на картици за да го платиме одеднаш, моравме да го резервираме преку venere.com каде не одземаа пари за резервацијата. 5-креветна соба (3 кревета + 2 на спрат) без доручек за 351€ за трите дена (23.4€ по човек по ноќ) со бесплатен паркинг и интернет (секој корисник мораше да земе посебна лозинка, зашто доцна сфативме дека се туркаме едни со други од системот со истата).



Кога стигнавме таму, нè известија и дека доручекот ни е од 7 до 10 часот наутро, така што или испадна дека ни е вклучен, или не беа сигурни... а ние не се осмеливме да прашаме, па си добивме и бесплатен доручек кој инаку се доплаќаше 6€ :)

Хотелот испадна дека е одличен! Собата беше чиста, купатилото беше големо и чисто, со туш кабина и сите неопходни работи како гелови за туширање, капа за туширање, крпи повеќе од потребно и за лице, раце и туширање, фен, влечки за низ собата, итн. Презадоволни сме за услугата што ја добивме за таа цена. За споредба, хоСтел на островот на Венеција чини околу 40€ од вечер, во која купувате кревет во соба со непознати, имате заедничко купатило, а за постелнина се доплаќа.


Каде без тераса? :Р
Фенси-шменси купатило


Патување со кола

Колата ја изнајмивме, по препорака на колега кој веќе беше на пат низ северна Италија, беше од Locauto Rent и одлучивме наместо најмалата класа, да земеме кола од изборот: Fiat Punto 5p / Renault Clio / Wv Polo o Similare (Cat: C) за да биде покомотно за 5 души, бидејќи разликата беше околу 5€ вкупно. За три дена изнајмувањето нè чинеше 102,42€.

Лошиот момент во изнајмувањето е тоа што мора да се остави депозит во форма на резервација на средства за евентуални штети на задолжително кредитна картичка. На сајтот пишуваше од 350€ до 750€ , но не било баш така. Бидејќи ниту една од нас немаше 750€ на кредитна картичка кои уште би останале во резервирани средства околу месец дена (додека не се провери дали на таа регистрација ќе стигне казна од камерите по патиштата), за да одиме со најниската сума моравме да резервираме 350€ (фала за тетка им на Јована и Тамара!) и да доплатиме уште 40€ за осигурување кои ни беа непредвиден трошок и кои исто беа одземени од картичката.

Колата се зема со полн резервоар и се враќа со полн, а за бензин потрошивме 70€ за целото патување. На бензиска имавме и фрка со автоматот, па ако нема луѓе во празничен ден на бензиската, направете ги сите чекори како што пишува, па дури потоа кренете го цревото за точење бензин, зашто отидоа парите.

Имајте предвид дека се доплаќа за шофер помлад од 25 години или за втор шофер (мора секој што ќе ја вози колата да биде регистриран).

Патарините се плаќаат како нашите паркинзи: на влез земаш билет, на излез го плаќаш, се смета по број на поминати километри. Сумите беа следни:

  • Тревизо (север) - исклучок пред Венеција 3.1€
  • Венеција - Верона 7.7€
  • Верона - Тревизо (на враќање по други патчиња и друг автопат, наместо по GPS-от) 7.1€
  • Тревизо (север) - Кодроипо 2.7€
  • Тревизо (север) - Тревизо (југ) 0.7€
  • Венеција - Тревизо (север) 3.1€

Вкупно за превоз потрошивме по 48€ по човек, што сепак е поевтино од воз на сите релации на кои бевме.

Бесплатен паркинг во нива :) 

Паркинг плативме само во Венеција и тоа на самиот остров, 15€ за четири часа бидејќи отидовме попладне, а има цени од 25€ за 24 часа што ако останувате подолго е поисплатливо. Најисплатливо е да се паркира во Местре (копнениот дел) од каде се фаќа воз од 1-2€ во правец до Венеција. Затоа, пак, во Верона искористивме бесплатен паркинг затоа што во Недела не се наплаќа зонското паркирање.

Официјално фала на Даниела што беше одличен шофер по пропис (за разлика од Италијаните) и немавме никакви проблеми, а и фала на Дарко што нè спаси со GPS Андроид апликацијата која ја имаше снимено на телефон за да не кешираме мапи на google maps на Интернетот во МекДоналдс :)

Ем убава женска, ем знае да вози - Даниела и нашето Поло. Фото by Јована

За крај, немам време да опишувам многу, па ве оставам со сликите од прошетките низ северна Италија.

Првиот ден по пристигнувањето отидовме во Верона, понеделникот ни беше посветен на концертот, а во вторник искористивме плажа во Лидо ди Јесоло, па вечер во Венеција. Во среда рано наутро го имавме патешествието со бензиската пумпа, ама среќа навреме стигнавме за утринскиот лет.

Во Венеција сум била во летото 2009-та година, па некогаш можеби ќе напишам поопширно што сè треба да се види. Верона ме изненади колку е симпатично градче, уживав во секој чекор :)

Верона















Куќата на Јулија беше затворена (недела)




На патот од Лидо ди Јесоло до Венеција



Венеција







Ponte di Rialto
Vaporetto - венециски автобус
Пиење Prosecco покрај каналите...
полноќ... време за дома.



До следното патување, чао рагаци... 


0 коментари:

Post a Comment

.