Патување со рачен багаж

21 August 2012 //
19 comments
Откако се појавија нискобуџетните летови од Скопје со wizzair, може да си дозволиме и со авион да отидеме негде и на викенд или неколку дена. Во моментов оперираат летови до Венеција (поточно Тревизо) и Лондон (Лутон) за кој ни треба виза, а од крајот на Октомври почнуваат и летови до: Мулхаус (Базел), Дортмунд, Ајндховен, Малмо, Меминген (Минхен) и Бергамо (Милано). Уште си чекам лет до мојата омилена Барселона или некој централно-европски град како Виена или Прага за поволни конекции, ама се надевам ќе стигнат и тие наскоро :)




Зошто се „нискобуџетни“ летовите? 

  1. Обично летаат до спореден (подалечен) аеродром од градот што е наведен, на пример Лутон во Лондон, наместо до Гетвик или Хитроу, па затоа превозот до главниот град до кој летаме чини повеќе
  2. Се доплаќа за багажот кој се чекира (пријавен багаж) и тоа во моментот на купување на картата онлајн - на лице место е скоро дупло поскапо
    • Визер - 32кг за 20€ 
    • Рајанер - 15кг за 15€ вон и 25€ во сезона; или 20кг за 25€ вон и 35€ во сезона
    • Изиџет - 32кг иако препорачуваат до 23кг за 25£
  3. Се контролира големината на рачниот багаж, а од неодамна во Визер се доплаќа и за поголем рачен багаж (повеќе понатаму)
  4. Сами ја купувате картата онлајн на сајтот, па добивате потврда на мејл со confirmation code
  5. Најрано 7 дена пред полетување треба сами да се чекирате онлајн користејќи бесплатен web check-in (да ги пополните личните податоци, број на пасош итн), за потврда ќе добиете бординг тикет со бар код кој треба да го испринтате (ако не го направите тоа онлајн пред реалното чекирање на аеродром - се доплаќа)
  6. Нема бесплатно да ве послужат со храна, вода, кафе, и тн; и рекламираат работи за купување како на фришоп
  7. Нема број на седиште, седнува кој кај ќе стигне; потесен е просторот меѓу седишта
  8. Се доплаѓа за сè и сешто: повеќе простор за нозе, приоритет за качување во авион, и тн.


Предности на патување со рачен багаж
  • Поевтино е - не мора да плаќате за чекиран багаж
  • Побрзо е - не мора да чекирате багаж и не мора да го чекате после летот
  • Побезбедно е - секогаш багажот е со вас и не мора да се плашите дека ќе го изгубат


Патување само со рачен багаж

Она што заклучив дека многу луѓе ги мачи, тоа е - како да патуваат само со рачен багаж. Ако летате на повеќе од десетина дена, препорачувам сепак да си доплатите за регуларен багаж, но ако патувате на максимум една недела, доволно ќе ви биде и рачниот багаж освен ако не планирате да носите литро ракија за подарок :)

Доста официјални правила и препораки за летање и багаж може да прочитате на новиот блог на Петар или на официјалните сајтови на Визер, Рајанер, Изиџет... Ама одлучив да ги сумирам на кратко работите и да додадам неколку кратки совети во врска со пакувањето во рачен багаж.

Димензиите на стандардниот рачен багаж се 55х40х20cm и на влез во авион има метални корпи во кои вашиот багаж треба да влезе без проблем и да не надминува 10 килограми. Од неодамна Визер одлучија да ја наплаќаат и оваа димензија за 10€ затоа што се случуваше да нема место по кабините над главите на патниците, па багажот да го преместуваат во задниот дел на авионот... Луѓето, нормално, качуваат во рачен багаж сè што можат само за да не платат, а тоа подоцна им создаваше главоболки на стјуардесите.

Бесплатната димензија за во Визер, од 1-ви Август 2012 наваму, е 42х32х25cm со тежина до 10 кг. Најчесто таа торба/ранец треба да може да влезе под седиштето пред вас.


Edit: Официјалното известување од нивниот newsletter што го добив на 20-ти Октомври 2012:

Ако сте купиле карта на или после 4-ти Октомври за патување на или после 24-ти Октомври 2012 година, ќе бидете подложени на новата политика за рачен багаж
  • Дозволно е да се носи само една торба во кабината, дали мала или голема (cabin bag). Ако одберете голема торба, ќе ви биде побарано да платите цена за неа (fee).
  • Производи купени на аеродромот по поминување на безбедносниот скенер се дозволени да се однесат во кабината како дополнување на вашата една торба.
  • Нема ограничување на тежината на едната торба за во кабина, се‘ додека можете самите да ја качите во горниот магацин за багажот без ничија помош.
  1. Мала торба за во кабина:

    Ако вашата торба е со големина 42х32х25см или помала, може да се земе во авионот без никаква доплата. Мал ранец (со приближно капацитет од 30L) или ташна за лаптоп што влегува под седиштето пред вас се пример за ваков багаж.
  2. Голема торба за во кабина:

    Ако вашата торба е поголема од димензиите на малата торба за во кабина, од вас ќе биде побарано да платите за да може да ја земете таа торба со вас во авионот. Големата торба секако мора лесно да може да се смести во горните магацини за багаж во кабината што значи дека не смеат да бидат поголеми од 56х45х25см (IATA стандард за багаж за во кабина со приближно капацитет од 60L). 

Edit: Официјално известување кое важи за багаж по 01.11.2019:



Не заборавајте дека големината на вашиот багаж ќе биде проверена на аеродромот. Платете за багажот онлјан однапред и заштедете 50% или повеќе!

Wizz Air ги охрабрува сите патници кои патуваат со голема торба за во кабина да ја платат опцијата за неа онлајн најмалку 3 часа пред поаѓањето за цена од 10€. Ако не сте платиле онлајн, ќе треба да платите на аеродромот, но цената ќе биде 20€ при чекирање, или 30€ на самата порта (boarding gate).

Edit: Во меѓувреме, визер спремиле и видео за промоција на патувањата со помал багаж:


Јас имам купено мека спортска торбица уште во 2008 година која ја имам носено како рачен багаж и во Рајанер и во Визер со приближни димензии 60х25х30cm од 40л, но секогаш оставам празно место во неа за да ја напикам и ташната со документите и да можам да ја гмечам во металната кошница ако тоа го побараат од мене. До сега од мене не побарале да го сторам тоа, ама најчесто го бараат од сите кои имаат сомнителна димензија на багажот и тоа најчесто од луѓето со крути куферчиња со тркалца. Последно летав пред една недела и поминав со мојата торбица, но таа ми беше полупразна и бев подготвена ако треба да ја зипувам за да влезе во новата бесплатна димензија дозволена за рачен багаж. Имајте предвид дека ако не ви ја собере торбицата, дека ќе мора на самото место да доплатите... поскапо.

Рачниот багаж секогаш мора да се состои од едно парче, па ако носите торбица, бидете подготвени во неа да пикнете и сè друго што носите со себе: ташна за документи, апарат, мобилен, лап-топ итн. На одење од Скопје не го побараа тоа од мене, ама го побараа во Тревизо на враќање.

Најзезнатиот дел во патувањето само со рачен багаж е ограничувањето за течности кое е во употреба уште од трагичниот 9/11. Порано мораше течностите да бидат одделени во посебна проѕирна пластична кеса со пластичен патент, ама од неодамна тоа веќе не е правило во сите авиокомпании. Она што е сè уште важно е тоа дека сите течности мора да бидат во контејнери од максимум 100 милилитри. На пример, не можете да внесете шише вода од 0.5л макар и да е неотворено, ама може да внесете празно шише, а потоа да си го наполните во тоалет на бординг гејт пред да се качите во авион... зашто нели, во авион се наплаќа околу 2€ :) Во авион може да внесете и работи купени на фришоп или во продавниците после поминувањето на безбедносниот скенер, без разлика дали се вклопува во димензиите од вашиот рачен багаж.

Ако сакате побрзо да поминете на безбедносниот скенер, извадете од себе сè што е метално и може да свири на детекторот за метал: каиш, телефони, наочари, чевли/чизми со токи и слично и ставете ги во дадените послужавници заедно со торбата.


Список за патување

И како екстра совет, еве како пример што пакувам најчесто, за трите дена кога патував последен пат:

  • облечете ги работите што највеќе ви зафаќаат простор (патики, фармерки, и тн).
  • алишта што лесно може да се комбинираат меѓу себе, не се туткаат, зафаќаат помалку простор и претежно се памучни за да не потат премногу (шорцеви, барем 3 маички, фустанче, пижами шорц+маичка, долна облека за сите денови, чорапи, хеланки - се наоѓаат)
  • блуза/џемперче - иако е сред лето и жешко, во авион доста често е ладно поради климатизираниот простор; исто корисна е и марама, двете се наоѓаат и како перница во авионот
  • несесер (четка за заби, паста, чешел, гел и крем за лице, ноктарче, за женски + си знаете :) )
  • друга козметика (гел за туширање, шампон, крем за тело... сè во контејнери од максимум 100мл. Или - носете сапун! Фала Даниела за советот ;) ). Овие работи може да го има во хотелот каде што ќе престојувате, па слободно прашајте си.
  • нешто ситно накит што може лесно да се искомбинира со сите алишта
  • апостолки/влечки и сандали/балетанки
  • мобилен и фотоапарат + полначи
  • наочари за сонце (и за гледање)
  • палома, влажни марамчиња, лабело, мастики (за избегнување на затнати уши при полетување), гел за дезинфекција, ханзапласт, лекови ако лесно се разболувате
  • нешто за јадење за по пат (дозволено е да носите сендвич и слична цврста храна)
  • најбитно: испринтани бординг карти за летот (може да се чекирате најрано 7 дена пред летот без разлика кога ви е купена картата), пасош, пари, картица, лична карта, испринтани резервации (хотел, кола, и слично), патничко осигурување (не именувам кои, имаат 24/7 пунктови во Тобако Together)
Дополнување:
  • ако одите на плажа: крем за сончање, крпа, купачи
  • ако очекувате да врне: чадорче на расклопување
  • ако мора да сушите коса и нема во местото каде што ќе престојувате: мини фен или пегла за коса (пеглата за коса исто така може да послужи како пегла за алишта - проверено и второ фала за Даниела!)
  • ако нема пешкир за туширање (пример во хостели се доплаќа) земете тенка крпа со средна големина што може да ја користите за туширање и малечко крпче за лице

И да, сето ова го собира во малиот рачен багаж ако добро испланирате :)


Последна проверка

Пред да тргнете секогаш проверете ги ограничувањата на авиокомпанијата со која летате во врска со дозволениот рачен багаж затоа што варираат од авиокомпанија до авиокомпанија.

Пожелно е да имате торба/куферче со стандардните димензии или торба што лесно се прилагодува, ама препорачувам да е торбица за на рамо - ако мора да ја влечете, тогаш поверојатно е дека тежи повеќе.

Спакувајте ги само работите што навистина ви се неопходни, без натегање. Бидете сурови во селекцијата. За во зима размислете дали ќе успеете да се спакувате во рачен багаж или да си доплатите за пријавен багаж заради тоа што зимските алишта зафаќаат многу повеќе простор.

Bon voyage!

19 comments: Leave Your Comments

  1. +Ако патуваат > 1 патник може да платат еден багаж (32кг)/(број на патници) <= 10€/патник :)

    ReplyDelete
  2. na stranata na wizzair pisuva deka dimenziite za racen bagaz se 55x40x20, nekade procitav deka od prvi avgust goleminata na racniot bagaz ke bide namalena ama samo probno na edna relacija (kolku sto se sekjavam bese negde od london do negde)

    ReplyDelete
  3. Мики, точно! :)

    Филип, пробните летови беа само на една релација веднаш после 9-ти Јули до 1-ви Август. Од 1-ви наваму, важи за сите летови, најверојатно освен за оние купени пред 9-ти Јули. И не се намалува багажот, туку се воведуваат два типа - помал бесплатен и поголем (колку досегашниот) за 10€ доплата. Повеќе тука: http://wizzair.com/en-GB/useful_information/baggage

    ReplyDelete
  4. Сандра, не си во право. Димензиите за рачен багаж остануваат 55х40х20, без доплата. Најверојатно се откажале од тестот.

    Цените за пријавен багаж кај Визер исто така се разликуваат дали се во или вон сезона, и дали станува збор за краток или долг лет.

    Мој совет би бил да не се букираат повратни летови, туку 2 поединечни. Причината е едноставна: ако сакаш да додадеш торба само на еден лет (пр. на враќање), мораш да ја платиш и на другиот правец. Бидејќи давачките се по лет, нема разлика дали имаш едно или две букирања.

    За поврзани летови, Бергамо, Ајндховен и Тревизо не се лоша варијанта, бидејќи се бази на RyanAir, WizzAir, Transavia и други слични компании. Само треба да се побара :)

    ReplyDelete
  5. Јас летав пред недела дена и се уште не проверуваа за типови на рачен багаж, ама додека стои на сајтот така (линк во претходниот коментар) не го менувам.. и искрено се надевам дека ќе се откажат од таа идеја :)

    Добра финта е со посебни летови, во случај да не носиш во двете насоки багаж, тенкс :)

    ReplyDelete
  6. Druga finta e sto osven torbata, dodatno (bez trosoci) moze da si nosis i kebe...

    Fintata e sto moze da si nosis vreka za spienje i mesto da ja svitkas vo kupce kako sto obicno doaga, da ja otvoris i da kazes deka ova ti e kebe, taka sto nema da ti napravat nikakov problem i za vreka za spienje i moze da ja nosis kako racen bagaz.

    ReplyDelete
    Replies
    1. Фала Нино, ептен корисен совет :)

      Delete
  7. Налетав на блогов и прочитав корисни информации, фала ти многу за тоа.

    Имам едно прашање околу козметиката, значи 100мл е дозволено по шишенце, колку максимум можам? Пример After Shave + купка за бањање и дезодоранс дали смеам?

    И поважното прашање, дали морам (ако да, каде?) да носам ќеса со патент-затворање во која би ги сместил “козметиките“ ?

    Фала ти

    ReplyDelete
    Replies
    1. Официјално можеш до 10 шишенца (макар и да не прават 1L), ама сум поминала и со повеќе ситни козметички работи за шминкање како маскара и слично.

      Таква кеса мораше порано да ја приложиш надвор од рачниот багаж на скенер... сега работите се уште треба да се во проѕирна кеса, но не мора да се надвор и не мора да е со патент, битно да е затворена/врзана и сите шишенца да се во неа на купче.

      Фала и поздрав :)

      Delete
  8. Пак јас... : )

    Број на седишта нема, така? Кај најдеш место седнуваш?! Малце ми е чуден принципов, али ОК, што можам :) Ваљда не е до толку страшно

    Пишува дека за земји надвор од ЕУ треба нешто да се пријавуваме претходно и сл. Што и како е со ова? Бидејќи имам web check-in т.е. веќе сум чекиран.

    Фала

    ReplyDelete
    Replies
    1. Нема број на седиштата освен ако си платиш и резервираш унапред :) Седнуваш ко кај нас во автобус, евентуално стјуардесите ќе те замолат да се преместиш ако има празни места и тежината е само на една страна од авионот... ама ретко е празно.

      Дури и да имаш веб чек-ин, мора да поминеш на рецепцијата за чек-ин (каде што се чекира багаж, иако го немаш) да ти го проверат пасошот бидејќи не сме во ЕУ. Ќе ти удрат печат на бординг тикетот (што ќе ти го пратат како PDF после веб чек-ин и мораш да го испринташ) и можеш после да продолжиш на пасошка контрола.

      Убав пат! :)

      Delete
  9. Многу корисни информации, браво за блогот!

    Јас имам прашање, каде можам да купам таква кеса со патент?

    ReplyDelete
    Replies
    1. Здраво Наталија, извини што не ти одговорив порано, се надевам дека не е доцна. Јас купив пакетче со 40 кеси за замрзнување со патент, би требало да ги има во сите поголеми маркети :)

      Delete
  10. Dali so wizzair ima povratni ednodnevni letovi ?

    ReplyDelete
    Replies
    1. Извини за доцниот одговор... обично истиот лет доаѓа од некаде и одма заминува (или обратно, од Скопје трга и одма после се враќа со други патници), ако сакаш еднодневна екскурзија да отидеш сабајле и да се вратиш вечер - нема :(

      Delete
    2. А дали кје може да се носи и други раб како лаптоп Play Station и слично?

      Delete
    3. Во меѓувреме многу работи се сменија за рачниот багаж :) Најново е ова: https://www.facebook.com/moitepatuvanja/photos/a.695713747110207/2333809326633966/?type=3&theater

      Со најосновната карта може да внесете само рачен багаж со големина на ранец бесплатно (внатре може и лаптоп и што сакате), ако треба уште една дополнителна торба за лаптоп или друга техника, тогаш препорачувам Priority карта во која се вклучени куферче + торба/ранец (или два ранци), и во тој случај за доплата од 300 денари нема да имате никаков проблем.

      Delete
  11. Zdravo.sakame da patuvame vo germanija na gosti od edna nedela 4 vozrasni.moze sovet kako da isplanirame za bagas.prv pat patuvame kako spansko selo ni e.pozdrav.

    ReplyDelete
    Replies
    1. Здраво.. во зависност од тоа во какво сродство сте, ви препорачувам да доплатите барем 2 големи куфери (имате опции од 20кг и 32кг), со оглед на тоа што е зима и облеката сигурно ќе ви зафаќа повеќе простор, а треба да останете една недела.
      Останатите може да земат Wizz Priority кој ви овозможува ранец или ташна + дополнително мало куферче од 10кг (во кое не смеете да носите течности во пакувања поголеми од 100мл) и е најисплатливо зашто се доплаќа само 300 денари во правец.

      Може да одберете некоја од опциите со Priority веднаш (Wizz Plus со 32кг или Wizz Go со 20кг) или може да одберете Basic, па отпосле да додадете само чекиран багаж (без priority и рачен багаж).

      Ако планирате во следната година повторно да патувате во група, ви се исплати и да докупите Wizz Club картичка за патување во група која ќе ви донесе попусти и на овој лет и на следниот (не сум сигурна ама мислам дека беше за група од 5-6 луѓе). Ако е само ова летање, можно е да не ви се исплати (пробајте додајте ја како опција и видете ја разликата во цената).

      Се надевам дека помогнав :) Поздрав и убаво патување!

      Delete

.