Во Швајцарија по чоколадо (Цирих, Лаакс, Луцерн)

21 October 2012 //
7 comments
Швајцарија е најцентралната и најнеутрална земја во Европа, единствена земја каде меѓу 8 милиони луѓе се зборуваат 4 јазици, има 4 култури и 23 дијалекти! Во моментов е најбогата земја во светот, а градовите Цирих, Берн и Женева се на листата од топ 10 градови со највисок квалитет на живот, додека Цирих се вбројува и во најскапите во светот. Интересно е што имаат и најголем број на Нобеловци по глава на жител. (Податоциве ми се од краток курс по швајцарски-германски од еден интересен тип во народна носија а ла Хајди).

Дојде време да ја посетам и земјата на чоколадото, овој пат службено... затоа нема да има премногу детали за ова патување, туку само за двата дена кои ги имав слободни и ги поминав едниот во Цирих, другиот во Луцерн, со различни екипи на супер-колеги.

Линдт... да речеме дека сме биле и поблиски од ова :Р


Основни факти за патувањето
  • Период: 12.09-16.09 (2012)
  • Авионска релација:
    • Скопје -> Љубљана -> Цирих (Adria Airways)
  • Превоз низ Швајцарија:
    • Автобус, воз; градски превоз: трамвај, брод
  • Места кои ги посетивме: 
    • Цирих, Лаакс, Луцерн
  • Јазик: швајцарски-германски (во други реони, француски, италијански, и непризнаен романиш), знаат и англиски
  • Валута: швајцарски франк (CHF) - во моментот среден курс според НБРМ е 50.79 денари
  • Виза: не ни треба заради Шенген зона.
  • Што да се носи: зависи од должината на патувањето: фервекс (и слично што може да ви се најде после студен ден), топла облека, чевли/чизми за на планина и за по дожд, чадор, испринтани резервации и авионски карти
  • Безбедност: многу безбедно особено во малите градови... во Цирих, за секој случај чувајте си ги ташните/ранците и документите и парите во нив.
  • Температура: Температурата варираше од 10С до 20С

Цирих

Во Цирих слетавме рано наутро во среда, уморни од патот, го оставивме багажот на аеродром каде што требаше вечерта да се вратиме, се поделивме во групи, смогнавме сили и се упативме кон центарот со воз со карта за 24 часа за сите типови на превоз (12,8CHF). За полесно снаоѓање со локалниот превоз, ви ја препорачувам апликацијата Wemlin (iOS, Android) со чија помош ќе може многу лесно да се снајдете (прво симнете ги распоредите и мапите кога сте при интернет конекција). [Вметнувам и пофалба за цела екипа колеги кои имаат работено на апликацијата која е една од најпопуларните таму!]


Времето беше врнежливо, но сепак под водство на колеги кои веќе биле таму, тргнавме од железничката станица Цирих Хауптбанхоф - Zürich HB (која се смета за центарот на градот зашто немаат некој централен плоштад) кон езерото по главната шопинг улица - логично Банхофштрасе (Bahnhofstrasse). Ова ми беше едно од ретките патувања каде не ја земам прва мапата и оставам да ме водат други, па затоа морам да ги гуглам улиците/местата по кои се движевме, а и појма немам од германски, па текстов може да не биде баш најточен :)


Целиот град е симпатично централно-европско скоцкан со шарени зградички со мали прозорчиња и обоени капаци (и тмурен - признавам дека времето многу ми влијае на перцепцијата), додај река и езеро и некако одма ми е за нијанса посимпатичен. Почна да врне, па скршнавме меѓу црквата св. Петар и Fraumünster, па преку мостот во првиот кафе-паб Одеон препорачан од Андон (фала за цела тура!).


Спомнав до сега дека Цирих е во топ 3 најскапи градови во светот? Е па, скапо е! 
Некој кафе (6,5CHF), некој пиво (8-9CHF), некој quitten шприцер (9,8CHF)... малку муабети на шанк, некој муабет и со господинот шанкер, греење снага и назад по дожд до железничка со трамвај за да јадеме - во кинескиот ресторан Mr.Wong - ем ни се јадеше нешто азиско, ем е најевтино после Мекдоналдс или Бургер Кинг (во кои одамна избегнувам да јадам). Таму си делев порција со мојата стандардна партнерка за ручек, па зедовме порција пилешко со кашу (Chicken Cashew Nuts , 16CHF) која не‘ најаде двете, а другите колеги си зедоа по цела порција (горе-долу цените се движеа околу 15CHF, водата како референца беше 2,5CHF).


Тука се поделивме во уште неколку помали групи, некои отидоа во трговскиот центар Силсити, некои во шопинг по Банхофштрасе, а ние што прв пат бевме таму, отидовме до почетната станица на бротчињата што пловат по реката низ езерото до кинеските градини (важи истата карта за превоз како и за трамвајот). Низ стакленото бротче можевме да ги видиме убавите градби околу реката, а и капките дожд врз нас одвреме-навреме. Среќа кога стигнавме до градините веќе не врнеше, па уживавме во зеленилото, во штосните „споменици“ и во езерцата со патки или крајбрежјето на езерото со еден куп лебеди во лет.






Пешки се упативме пак до железничката, во маркетит Coop се опремивме со секакви чоколади за дома (Lindt, Branche, Toblerone, итн) и веќе уморни и смрзнати, се упативме до панорамскиот ресторан Жил Верн на по уште некое кафе или пиво. Во менито пивото го пишуваше 9,5CHF, ама нарачавме точено Ердингер што излезе дека е 8CHF.



панорамски поглед на Цирих

Оттука, во друга уште помала група, се упативме кон стариот дел од градот, каде по малку стрмни улички гледавме фасади со интересни цртежи, балкончиња со шарено цвеќе, интересни продавнички со винтиџ шмек и кафе барови со маси и столчиња надвор. Нема утка со „старите градови“ во секој град, секогаш ми се допаѓаат најмногу :)





Назад до аеродром, и сите испозаспавме на првиот контакт со автобусот додека ја чекавме втората тура колеги да слетаат од Скопје.

Уште неколку фотографии од таму










Лаакс

Во Лаакс стигнавме доцна вечерта, директно на убава вечера и дружење. Се сместивме, а следното утро се разбудивме со овој поглед и останавме со подзинати усти...



Лаакс е скијачки центар кој не функционира само во зима, има спортски центри, ресторани, патеки за пешачење и искачување, велосипеди за изнајмување за возење по планини, во близина има и кањон, езерца и тн. Времето првиот ден беше променливо, од магливо и дождливо до сончево, но наредните неколку дена беше пријатно и сончево.

Два дена поминав во трема поради тоа што презентирав при крајот на семинарот, ама целото искуство беше супер! Превкусна храна, одлична организација, преубаво сместување и дружење. И толку за тоа :)






Последниот ден во Лаакс беше слободен, па имавме избор за возење велосипеди, пешачење до езеро, пешачење/качување околу кањонот и high-wire парк. Ова послесното ми изгледаше најинтересно затоа што немаме ништо слично кај нас... паркот е уреден како Недојдија на Петар Пан, со платформи на дрвјата на различно ниво и различни „стази“ за поминување од најлесни до најтешки. После забрзан курс по безбедност, опашани со безбедносен појас, три сајли на нас и кацига, цел ден го поминавме во пентерење и спуштање по кратки и долги сајли... адреналин невиден! Иако завршивме со големи модрици под рацете од бесење по сајли со цела тежина како некој да не‘ скршил од ќотек, си поминавме лудница, многу фала на сите што ме убедија да одам таму :) 




Фото: @tomepejo

Луцерн

Последниот ден станавме околу 5, зашто дел од нашите имаа лет рано од сабајле. Повторно се поделивме на аеродромот во Цирих и заминавме на различни места, некои во Technorama, некои на водопади, некои низ Цирих и ние 6 души во Луцерн.

Повратната карта од аеродромот во Цирих до Луцерн е 54 CHF. Спиењето во убав воз ми е најпогодено кога патувам, па ме освежи колку да успеам да го преживеам денот :)

Луцерн е мало и симпатично градче, го запамтив по единствениот дијагонален мост што го имам видено (не е под прав агол на реката) како и тоа дека точаците ги оставаа незаклучени.



Дијагоналниот трговски мост со цртежи од историјата под покривот

Имаат и твитерџии :)

Со супер екипа на одличен сончев ден, полека задоволно си шеткавме низ градот, пиевме кафе покрај реката, се сликавме и се лигавевме по излози со чоколада зашто сите продавници беа затворени.


Ја имаат и најмодерната црква која сум ја видела, со мобилни апликации и профили на социјалните медиуми! :Р




Спомнав дека секаде имаат лебеди? И во Цирих и во Луцерн си пловат мирно по реките...



Се качивме и на нивното Кале со преубава панорама на градот и Алпите буквално високо надвиснати над него.



Го посетивме споменикот на лавот што умира (The Dying Lion Monument) посветен на последните залудно загинати швајцарски војници, после кои Швајцарија дефинитивно го обезбедува местото на најнеутрална земја во Светот.


Интересно беше и тоа што покрај традиционалниот стил на фасади за планински места, имаат и доста шарени фасади со нацртани мотиви. 






И какво е тоа шетање низ градот ако не се заокружи со пиво, т.е. едно штанге? И тоа од нивната „градска пиварница“ :) 

Prost!



7 comments: Leave Your Comments

  1. неколку забелешки:
    - романиш - не е непризнаен, туку си е најнормално 4ти национален јазик, си имат и училишта на романиш
    - цирих е баш ептен сончев, светол и позитивен бе :P
    - кашу = индиски оревчиња
    благодариме за многуте сугестии, јас се мотав во цирих како мува без глава не знаејќи кај да седнам на пиво или кај да јадам пристојно јадење за пристојна цена.

    поздрав од земјата на чоколадото,
    ивана :)

    ReplyDelete
    Replies
    1. Ок, немислев непризнаен, туку неофицијален :) http://en.wikipedia.org/wiki/Languages_of_Switzerland

      Кашу претпоставував дека се индиски, ама не бев сигурна... фала :)

      Се гледаме во наредна прилика! :)

      Delete
  2. Браво Сандра уште еднаш! Одлична инспирација си ми :) Швајцарија си ја планирам за на пролет уште од пред некое време, и сега тамански ми дојде постов.

    ReplyDelete
    Replies
    1. Немам многу детали, ама се надевам барем малку ќе ти помогне :) Убава земја е ептен, само штеди со време, ќе ти треба :)

      Delete
  3. Многу убава патопис репортажа, сликите се преубави, навистина убаво кадрирано сместено .. Едвај чекам да одиш на ново патување ! :))

    инаку, за швајцарија лично немам некакво добро мислење но туристички сигурно е убаво... и баш убаво што ова го сподели со нас.:)

    ReplyDelete
  4. Фала ти многу ми требаше состав за македонски јазик на тема мојот патопис и многу ми помогна thanks

    ReplyDelete

.