...и по првиот дел со воведот и вториот дел за северот на Сардинија, еве го конечно и југот и воедно последен дел од ова патување! Wohoo :D
Ден 5 (дел 2) - преку Нураге Лоза до сместување (263км)
Нураги се мегалитски градби кои можат да се најдат насекаде низ Сардинија, градени во времето на уникатната цивилизација на Нурагите помеѓу 1900-та и 730-та пред наша ера.
До сега биле откриени околу 7000 градби иако археолозите веруваат дека има и над 10.000 насекаде низ островот, но само неколку од нив се откопани доволно за да бидат интересни :)
Најчесто биле градени во реони каде постоеле праисториски сардиниски култури и имаат облик на конусни кули со скратен врв што потсетуваат на осила. Покрај кулата од голем број на слоеви на камења (од поголеми на дното кон помали на врвот) се состојат и од внатрешен дел направен од помали камења во облик на куршум и среден дел од многу мали делови и кал што ја зацврснува структурата. Висината достигнува и до 25-30м, а некои покрај кулата имаат и систем на коридори. Сепак, непознато е за што се користеле - како религиски градби, обични собиранки, домови, воени стражарници и слично.
Наоѓалиштето Нураге Лоза (Nuraghe Losa) е едно од најстарите и најзачуваните нураге кули на островот и кое датира негде од 15 до 13 век п.н.е. и се користело за погреби сè до 7-ми век од нашата ера.
Се наоѓа веднаш покрај автопатот кој оди од Алгеро до Каљари, така што ептен ни беше патем и не можевме да не застанеме :) Кога бевме таму не видовме жив човек да нè праша за влез, така што се посликавме одоколу и ги исчитавме таблите со информации, па се упативме кон сместувањето јужно од Каљари.
Ден 5 (дел 3) - Нора (19км)
Откако се сместивме во Торе дељи Уливи (детали во првиот дел), одлучивме дека имаме уште малку денско светло за да се спружиме на плажа. Со домаќините со пантомима се разбравме некако дека сакаме да ни препорачаат плажи во близина, беа одлучни дека во нивното место плажата не е добра и нè упатија на југ.Така завршивме на плажата Нора, во близина на градот Пула, каде исто така има археолошко наоѓалиште кое за жал беше затворено после 5 попладне (уште една од работите за Сардинија што ни ја потврдија домаќините - дека не знаат да работат туризам :Р). Влезот беше 7,5 или 8,5€ во зависност од работите што сакате да ги видите.
Се сместивме во појужниот дел од плажата (која нормално дека имаше кула) и имаше малку повеќе комарци на зајдисонце, па би препорачала да ја посетите прво кулата и амфитеатарот, а потоа да се преместите на посеверниот дел во остатокот на денот. Плажата не беше којзнае што, ама секако локалитетот би го земала предвид и следен пат :)
Паркингот се плаќаше 4,5€ за цел ден или 1,5€/час во сабота или 1€/час секој друг ден.
Ден 6 (дел 1) - Каљари (30км)
Во недела одлучивме да прошетаме малку низ главниот град Каљари - Cagliari (со акцент на првото „а”). Има 150.000 жители, но со околината има над 450.000. Сè и сешто поминало на оваа територија, има знаци дека градот постои од неолитот па наваму.
Одлуката беше донесена бидејќи за викенд плажите се преполни, а испадна правилна бидејќи паркингот во недела низ цел град е бесплатен, па успеавме да паркираме блиску до подножјето на тврдината и оттаму да пешачиме нагоре. Инаку цената беше 0,5€/час.
Скоро сè што треба да се види од стариот град се наоѓа горе во тврдината освен делот покрај пристаништето кој е полн со ресторани и кафеа, кои беа поживи другите денови. Има многу места и за шетање навечер и убав ноќен живот, но бидејќи бевме сместени далеку од градот не прошетавме ниедна вечер таму. Ако сакате ноќни случувања, најдобро би било да се сместите во самиот град.
Ако сте сместени во градот, можеби вреди и на кратко да го посетите местенцето Сан Сперате (San Sperate), кое е познато како улична уметничка галерија. За жал ние дознавме за него по враќањето дома.
Градините веднаш до етнографскиот музеј |
Ако како мене со години сте се прашувале како се вика ползавецов -> bougainvillea |
Кога од плоштад може да гледаш надолу кон куќите.. :) |
2 пива + чипс + панорама врз градот = 12€ |
Ден 6 (дел 2) - Мари Пинтау (30км)
Плажата Поето (Poetto) е главната градска плажа во Каљари, но бидејќи беше недела и премногу гужва (по целата должина немаше ни едно слободно паркинг место), одлучивме да продолжиме понатаму на исток на плажата Мари Пинтау (Mari Pintau).
Иако отидовме попладне, имаше многу гужва и успеавме да паркираме на патот над Мари Пинтау. Плажата на слики делува дека е песочна, ама е со камења, само внатре во водата е песок... но затоа водата беше преубава, чиста и тиркизна. Пивото од барче на плажата беше 3€.
Романтики последни на плажа :) |
И последната кола на патот :) |
Ден 7 - Киа / Су Џудеу (33км)
Кон северниот дел на Су Џудеу има и езерце со фламинга и ова беше место каде најмногу успеавме да им се доближиме (без да влеземе во забранетиот дел) :) Помеѓу плажата и патот има песочни дини како во пустина, водата е чиста и ладничка, на јужниот дел има повеќе бранови - што во превод значи и сурфери, а забележливо е и дека дува премногу.
Бидејќи е една од најпопуларните плажи, лежалките со чадор се движеа неверојатни 15 до 25€ во зависност во кој бар и со кој поглед, а со оглед на тоа што немавме чадор таму се израдувавме кога откривме дека внатре во самиот бар под сенка од конструкција пивата се само 2,5€, а сендвичите 4-5€, така што се закотвивме таму во најжешкиот дел од денот :)
Малку повеќе пешачење на југ и се оди и до плажата Кала Чипоља (Cala Cipolla), но толку се закотвивме на првава што само го ѕирнавме патот натаму. Треба да е помала и чиста, не толку атрактивна плажа, во други услови попладнето би го поминале таму :)
Виласимиус е сосема типично туристичко гратче, многу од сместувачките капацитети беа баш таму, но некако не се одлучивме да се сместиме во тој дел поради убавите плажи во југо-западот. Градот иако е симпатичен, не е ништо посебно и кога би требала да бирам повторно, пак би одбрала да се сместам негде во близина на Каљари.
Денски градот беше приближно на напуштен (најдовме едно сендвичарче да јадеме панини на нога по 3€), додека вечерта се раздвижи, дел од главната улица беше затворен и претворен во шетачка улица со отворени дуќанчиња налик на сите туристички места кои ги знаеме низ Халкидики. Исто така, доста тешко ни беше да најдеме и отворен ресторан, кој на крајот исто така не беше ништо посебно... а можеби и не требаше да нарачаме паста во рибен ресторан :))
Плажата беше со многу народ, но голема, песочна, убава и со чиста вода. Паркинг за цел ден беше 5€, а пиво во барче на плажа беше 2,5€.
Плажата во Џеремеас |
Неизбежните цветни огради низ цела Сардинија (и од неодамна кај мене на тераса :Р) |
Цел остров е популарна дестинација за велосипедисти |
Порто Џинко |
Ден 9 - Туереда (38км)
Туереда (Tuerredda) ни беше можеби една од топ 3 плажи (покрај Стинтино и Киа). Паркиравме на патот покрај други коли, иако имаше паркинг веднаш до самата плажа. Кога стигнавме имаше доста народ, но подзаврна и се испразни, па остана за уживање помеѓу мал број на луѓе. Се разбира дека имаше и кула, а погледот одозгора беше незаменлив :)
Не ни се возеше повеќе, но на југо-западот има уште една прекрасна плажа со песочни дини во близина на местото Порто Пино (Porto Pino) наречена Плажа на Дуните (Spiaggia delle Dune). Покрај плажите што се број 1 и 2, кога би се вратила повторно на Сардинија и оваа би била дефинитивно на листата за посета :)
Не ни се возеше повеќе, но на југо-западот има уште една прекрасна плажа со песочни дини во близина на местото Порто Пино (Porto Pino) наречена Плажа на Дуните (Spiaggia delle Dune). Покрај плажите што се број 1 и 2, кога би се вратила повторно на Сардинија и оваа би била дефинитивно на листата за посета :)
Ден 10 - 1ч во Каљари (23км во еден правец)
Последниот ден пред летот, поминавме уште еден час низ Каљари, во делот поблиску до пристаништето, па уште неколку фотки бонус... овој пат беа 23км во еден правец, на патот до аеродром :)
И уште еднаш ќе кажам... до сега еден од поомилените одмори ми беше овој иако бевме цркнати од шетање од место во место, немаше лоша плажа на која бевме, храната е превкусна и освен што колата беше ѓаол и пол (за двајца) и малку немаат осет за туризам, другото сè е прилично достапно. Претопло го препорачувам островот за одмор, се надевам дека ќе го искусите некогаш и лично :)
Ciao ragazzi!
И уште еднаш ќе кажам... до сега еден од поомилените одмори ми беше овој иако бевме цркнати од шетање од место во место, немаше лоша плажа на која бевме, храната е превкусна и освен што колата беше ѓаол и пол (за двајца) и малку немаат осет за туризам, другото сè е прилично достапно. Претопло го препорачувам островот за одмор, се надевам дека ќе го искусите некогаш и лично :)
Ciao ragazzi!
0 коментари:
Post a Comment