Вињалес: Куба - дел 5

16 April 2012 //
Leave a Comment

Вињалес (Viñales) е градчето со најнасмеани и најфини луѓе на цела Куба (или она што видовме од неа), истовремено е најзеленото и најживописно место каде видовме повеќе од селско-градскиот живот на островот. Се наоѓа во долината Вињалес, една од седумте долини во областа.

Назад кон цивилизација со Шеви за сва времена.


Михаел вечерта нè остави во хотел Ермита каде што имавме резервација (~23€ од вечер по човек со доручек), бидејќи за жал по интернетов не можевме да најдеме куќа (casa particular) а не ни се ризикуваше да одиме на лице место бидејќи од Кајо Левиса се враќавме доцна навечер.
Велам за жал, затоа што тука го имавме најголемото разочарување од сместувањето. На прв поглед изгледаше одлично средено, со базен околу кој се обвиваше хотелот, собата беше со фин мебел и телевизор, ама мирисаше на влага (и за два дена не успеавме да ја излуфтираме), а кога ќе изгасевме светло протрчуваа едни огромни бубашваби. Аха, да... од тие црните! Мораше да се интервенира со апостолка завиткана во тоалетна (и да, јас ги тепав крвнички!).
Да знаевме дека луѓето од Вињалес го чекаат автобусот кој доаѓа од Хавана и ќе викаат за сместување како во Охрид на автобуска, ќе одевме на ризик без сместување, ама тоа е тоа.

Утрото го почнавме со доручек на дождлива тераса. Ако нешто вредеше од хотелот, тоа е погледот на целата долина Вињалес:


Имавме само еден ден за да ги прошетаме сите места кои требаше да се видат бидејќи следниот ден рано наутро требаше да тргнеме за Тринидад. Затоа одлучивме да одиме на организирана тура, арно ама се влечкавме и уживавме во појадокот, па ја испуштивме... па одлучивме да одиме сепак до центарот и да се распрашаме како можеме најлесно да ги поминеме сите места. 

Во центарот се распрашав повеќе околу турата во муабет со најсимпатичната црнкиња со најдобар англиски што ја сретнавме таму [немам слика :( ]. Испадна дека има можност за истите пари (35CUC по човек,) да ги прошетаме местата со водич и такси, со вклучен ручек и влезници за пештерите.

Така, за половина час го запознавме Маноло - професор по историја, директор на Музејот на Вињалес и во слободно време - Водич по природа и општество :) Тоа веројатно беше најбогатиот човек што го запознавме таму: ем по знаење ем по пари. Неговата месечна плата била 25CUC, додека од турите зема уште по некоја паричка. Во моментот работел на отварање на casa particular, така што ако некој оди, еве визитка да го бара него за сместување, ама и за водење. 


Професор Маноло знаеше нешто англиски (спенглиш), ама му беше покомотно да зборува на шпански па така ја возевме цела тура. Се натоваривме кај еден таксист (со кого кратко зборувавме па не му го запамтив името) и почнавме во стандардната обиколка.

1. Инди(јан)ски пештери (Cuevas del Indio) како и другите пештери биле засолниште за домородното население кое се криело од шпанските колонијалисти. 

На влезот професор Маноло веќе почна да нè запознава со некои палми над влезот, тревки, цвеќенца и најинтересното - вид на мимоза која расте како трева, наспроти цветната јадранска што ја знаев од претходно. Многу интересно ми се виде дека палмите си растат по планини во формација на шуми - на наше изненадување, бидејќи сме навикнати да ги гледаме по плажи.

На влезот имаше чичко со гитара кој не испушти да ја запее Comandante Che Guevara, па Маноло му се придружи... хит! :) Тука ни ја кажа и изреката „Не си Кубанец ако не знаеш да играш и пееш“.


Низ оваа пештера поминува река во која има организирано тура со чамец, па се натоваривме и ние откако прошетавме на кратко со Маноло. Наводно, галеријата е долга 45км, ама ние успеавме да видиме само мал дел од неа. Во пештерата можеа да се препознаат облици (кои со блицот се уништија) како крокодил, череп, индијанец, итн.. кои ни ги покажа водичот. Надвор имаше и кафе бар, ама во интерес на времето не се напивме од свежо-цедените сокови и мохита кои ги нудеа. [видео]






2. Пештерата на Маруните(?) (El Palenque de los Cimarrones) се наоѓа во соседната долина Сан Висенте (San Vicente) и покрај пештерата има и изградено селце пример за тоа како живееле африканските робови кои избегале од шпанските колонијалисти. Во пештерата имаше камени статуи на змии и пештерски стаорци, а надвор нè пречекаа весели изведувачи кои облечени во африкански носии изведоа мал перформанс за нас... нормално за бакшиш од 1CUC. Имам видео за тоа, ама тоа дури откако ќе успеам да ги средам сите слики од патувањето :)



Маноло ни објаснува дека црвениот клуч носи среќа ако го допреш


Во барот - сите видови на Хавана Клуб и сите ги сакам!

Мршојадци беа честа глетка над ненаселените места

Интересни пештерски карпи на патот назад до Вињалес

3. Видиковецот од Лос Хасминес (Los Jasmines) - првиот хотел изграден во Вињалес откако Кастро го открил, му станало омилено место на цела Куба и одлучил да го промовира како туристичко место. 


Доминго Рамос Енрикес - првиот сликар кој ја насликал долината 
и кому не му верувале дека тоа место навистина постои.


Кул селанец-каубоец.

4. Муралот на праисторијата (Murro de la Prehistoria) е во долината на двете сестри (Dos Hermanas) и е уште еден каприц на Кастро изведен во 1961 година (и според некои, најгрдото туристичко обележје на Куба). Било цртано во техника пиксел-по-пиксел, односно уметникот обележал кое квадратче каква боја треба да биде избоено и многу работници учествувале во боењето. На секои неколку години, се освежува бојата на муралот од ново.
Отсликан е развојот на животот, или еволуцијата, позадината означува вода, земја, воздух и насликани се суштества од диносауруси до луѓе. 
Битно: Има ресторан и дискотека.


5. Оттука одлучивме дека е време за ручек, па Маноло ни препорача домашен ресторан (paladar) за јадење во кое има одлична храна (и веројатно со чии газди соработува за процент, ама ако, не се лутиме). Покрај одличниот чипс од банана кој веќе го пробавме и во Хавана, прв пат пробавме и некој сладок корен кој изгледа како сварена банана. Не го запамтив името, за жал.





6. Тутун. Иако полињата беа празни (беше период на садење на тутунот), посетивме фарма за тутун во самиот град. Пешачевме по црвена земја која е поволна за одгледување на тутунот.


За мене најјак момент од целата тура беше овој дел, бидејќи скоро секое лето од детството го имам поминато во Прилеп, и покрај тоа што ме потсетуваше дека сè е опкружено со тутун, ми беше интересно дека имав помагано и во нижењето. Кубанскиов тутун е сосема различен од нашиот ориентален тип - со големи листови, па нема потреба од толку прецизно и напорно нижење. За разлика од нашиот кој се суши, па се дипли (калапи), пресува и дроби, овој се чува во амбари каде откако ќе се исуши во текот на зимската сезона, се чека да прими влага во летната (дождлива) сезона за да може полесно да се витка. Од два до три листа виткани рачно, прават една пура. На крајот се отсекува вишокот и може веднаш да се пуши (не се додаваат филтри и хартија, освен ознаките и другите потреби за фабрички пури). 

Уште покул тутуно-фармер.

Мојот прв пат :Р

И како тоа навистина се прави... ах.

После турата со тутунот нè поканија на домашно кубанско кафе

Секој фармер сакал-неќел има откуп од 90% од производениот тутун, останатите 10% смее да ги продава на туристи и да си ги задржи за сопствена употреба. Овие домашниве корнат на штала, патем. Пурите се чуваат на влажно и темно место за да не се дозволи да се исуши и испука тутунот. Ние купивме шверцана кутија Cohiba од хостелот во Хавана за дупло поевтина цена, нормално со сите ознаки и маркици дека се оригинал. И купивме 10 фармерски пури по 1CUC за тестирање во друштво.



* Тука негде почнавме да се разделуваме од Маноло за крај на официјалната тура. Беше нешто кратко после ручек, а Маноло ни предложи да нè прошета низ околината и да ни раскаже повеќе за природата, за 20CUC во следните 2 часа. Бидејќи немавме ништо посебно испланирано, во градот не ни имаше нешто да се види, бевме јадени и пиени... и се согласивме. Тој отиде да се пресоблече во маичка која обележува дека е официјален водич и за половина час се сретнавме повторно.

Додека одевме полека по споредни улички, преминавме во дел од Вињалес кој буквално изгледаше како село - со земјени патеки и ептен трошни куќи. Исто како дома. Селските куќи се како нашите, само што наместо домати, пиперки и рибизли во дворовите имаат банани, гуави и кафе.

Не запамтив ни пола од работите што ни ги кажа, ама интересни беа за слушање и гледање. 

Двете слики долу десно (една над друга) се зелена и зрела гуава.

Кон селските куќи

Во горниот дел е мала колиба од цврста градба во која се кријат за време на урагани
Во долниот ни покажа како се меле брашно (и тоа ни беше познато од негде :Р)

Ентериер на селска куќа. Ептен познато (особено телевизорот на акумулатор).


Во селската куќа нè пречекаа ептен стари баба и дедо, дедото едвај се движеше, ама се движеше доволно да ни донесе полни раце свежо-набрани гуави; ме потсети на тоа дека дедо ми на секое влегување на гости, сè уште ми вика „земи си јаболче“ и ми го тутка в раце.

Тука начекавме и двајца Германци, средовечни маж и жена, што понатаму ги сретнавме уште еднаш на крајот од патувањето.

Патот на кафето не се опишува во опис под слика :) 
1. Зрно кафе извадено од лушпа
2-3. Грмушка кафе
4-5. Кафето се остава една недела на сонце да се исуши... се вади така бело од лушпата и се остава уште недела на сонце.
6. Се пече за да се добие црно кафе во зрно како што го познаваме


7. Кафето се меле во рачна мелница
8. Бабата вари кафе во мока-ѓезве (иако веројатно може да се свари и како нашето црно кафе)
9. Се пие со сласт


Бидејќи ептен ми се допадна тука кафето, кога ни понудија да си купиме, купивме... 5CUC за 0,5кг, кое после во Скопје испадна дека е 0,25кг, не знам како не му обрнавме внимание, веројатно од возбуда. Ама пак не можеш да им се лутиш на отепаните баба и дедо, си наоѓаат начин да преживеат луѓето. И така со полни раце гуава си продолживме на турата.

1. цвеќенце ко прстен што ми го направи Маноло
2-3. Еукалиптус
4. Огромен баобаб
5. Тоа растението со коренот ко варена банана
6. Мислам дека беше грав

Го гледате крукчето? Затоа ми е таква фацата.

Почна да врне (иако цело време подросуваше), а следно на планот на Маноло до една нетуристичка пештера... по лизгави водени растенија се пентеревме до пештерата, а внатре во црна темница во која одвреме-навреме капеше дел од дождот, нè водеше Маноло со една мини-лампа на батерии. Ама ја видовме светлината и кога излеговме надвор нè пречека поглед како од Џурасик Парк

Преживеавме.

Оттука веќе беше полесно, се вративме околу нивите, поминавме од едно валкано црвеносано езерце во кое тројца младинци се бањаа на дождот со голи газови и дојдовме повторно до неколку селски куќарки во која нè пречекаа со свежо цеден сок од ананас, гуава и не знам што друго, мали слатки банани и други овошја.

А и мали слатки прасенца.

Најслаткото бананче што сме го пробале во животот.

Сте знаеле дека ананасот расте во грмушка како тиква? Јас не знаев о_О

1. Поле со тутун и амбар
2-3. Делфин-дрво од кое Маноло ми направи делфинче за сувенир
4. Пак кафе
5-6. Некое растение кое грофот кој владеел тука некој период 
го врзувал околу вратот на жените и кога плодот ќе се отворел 
ја менувал за друга, а зрната ги користел за дезинфекција, кхм.

Амбар каде се суши тутунот и празно поле пред него

Банана со цвет. Кога ќе падне цветот, значи дека може да се јаде.



Со Маноло супер се разделивме, не‘ покани вечерта да одиме во Casa de la Musica на плоштад на музика и мохито, ама бевме преморени од шетањето цел ден, почна да врне и истура, се качувавме пешки до хотелот, тепавме бубашваби во купатилото, итн, итн... и одлучивме да се наспиеме пред претстојниот рано-утрински пат до Тринидад. 

По пат се расонувавме со петли и највкусно кубанско капучино со слаткиот корен за мешање на шеќерот и декорација - зрна кафе.

Salud!



... следен дел 6: Тринидад.

0 коментари:

Post a Comment

.