Тринидад: Куба - дел 6

31 May 2012 //
Leave a Comment
Трошки > Вињалес: Куба - дел 5

Тринидад е еден од градовите на Куба каде преовладува колонијалниот стил со улици од калдрма и, веројатно зашто е доста автентичен, е заштитен од УНЕСКО... што и не помогнало баш да биде премногу зачуван и реновиран како град, освен куќите кои се издаваат и некои државни (и религиозни) објекти во центарот на градот. Сепак, задолжителна станица е за сите туристи. 

Како што тргнавме со дождови од Вињалес, така уште повеќе се истури од врнење за времето кое го поминавме во Тринидад. Скоро цело време ни врнеше, па тоа придонесе да не посетиме две места во околината кои се задолжителни за посета - плажата Анкон (Playa Ancon) и водопадите во националниот парк Топес де Кољантес (Topes de Collantes) на тура со коњи или џип. :(

најдолгото растојание што го поминавме во еден здив

Овој пат откривме друга директна линија па купивме карти за автобусите на TransTour наместо со Viazul за 37CUC. Требаше патот да трае од 7.30 до 15ч, ама доцнеше повеќе од саат време. После дооолги саати пат со автобус од Вињалес, назад до Хавана, преку Сиенфуегос стигнавме во Тринидад кај хотелот Iberostar каде што нè пречека señora Addys, или како што си ја нарековме тетка Адис.

Уште пред да тргнеме знаевме дека ќе ни бидат најцрните домаќини на целото патување, впрочем и поголемиот дел од населението во Тринидад беа црнци (пак морам дисклејмер да повторам: не нагласувам боја на кожа зашто ги делам луѓето, туку да доловам дека сретнавме секаков тип на луѓе и сите таму се еднакви!). 

Заедно со сопругот, доктор Хозе Суарез (Dr. José Suarez) кој е доктор во болницата во Тринидад, имаат преубава мала куќичка на два спрата од која вториот спрат има една соба за издавање и преубава тераса каде (бидејќи беше викенд) двајцата домаќини ни го послужуваа оброкот (доручек и вечера по наше барање). Собата од вечер чинеше 25CUC, доручекот 4CUC, а вечерата од 8 до 10CUC (за морска храна) + пијалак по човек.

Собата не изгледаше којзнае како, ама беше најпространата и најчистата соба (и вц) од сите во кои бевме, а љубезноста на домаќините не можеше да се измери! Имаа и интернет и тетка Адис сто пати ми повтори на разделување дека ако ни се допаѓа престојот да ги препорачаме на Trip Advisor, а сега гледам дека добиле и Travelers Choice Winner 2012 - скроз заслужено!

Скалите до собата, влезот, собата внатре и трпезаријата на тераса

Ептен интересна кровна тераса со поглед на центарот и столици за нишање

Тие се срцките - лепотанот, тетка Адис и доктор Хозе

Откако одморивме малку од напорниот пат (и преврна) тркнавме пред зајдисонце да го разгледаме центарот на градот кој беше на отприлика 5 минутно растојание. Една жена ептен стара почна да моли да ни продаде неколку ланчиња направени од костени, мешунки и други растителни плодоци за 1CUC. Ги купив. Добра зделка.

Главниот плоштад

На самиот плоштад се наоќа црквата на Светото Тројство, т.е. Тринидад
(Iglesia de Santisima Trinidad)

Покрај тоа што во секоја куќа се наѕираа интересни столици, 
такви беа и клупите на плоштадите

Деца играат фудбал на плоштад

Чичкото што пишуваше поезија на плоштад
 и што знаеше сè за Македонија (од п.н.е. до Југославија)

Манастирот San Francisco de Asis

Почна да нè стемнува по малите улички со калдрма

Многумина користеа коњи за транспорт, 
а нормално и за организирани тури за туристи

Луѓе ни нудеа ресторан на улиците (не бараа пари) и се откачуваа 
само на одговорот „имаме вечера кај домаќините во куќата“

Спомнав дека се уби од врнење два дена? :( Голем дел од времето го поминавме во соба, па имав време да разгледувам во книгата за гости, каде исто како на Trip Advisor беше препорачано да се јаде кај домаќините, зашто тетка Адис готвела фантастично. Па, првата вечер ни спреми ракчиња, со ориз, компири, салата, овошје... и се напивме по едно пивце, пробувавме од време на време да го заменивме ептен доброто Буканеро со полесното Кристал.

Мњам!

Следното утро додека врнеше, тркнав да купам карти за идниот ден за Сиенфуегос (6CUC). Автобуската станица им беше најлегендарна од сите што ги видов дотогаш... додека чекав да дојде тетката на шалтер, ме фасцинираше чекалната со слики од Че и телевизорЧе на кое моташе државна пропаганда и по некој спорт.

Џабе ми е ретро ефектот на Инстаграм :)

Околу ручек преврна и решивме да го прошетаме остатокот од градот.

Прошетка после дожд

Човек си продава овошје и зеленчук на улица

Интересни логоа и реклами имаше насекаде („Поправач на чевли“)

Столбови пред банка (се разбира дека е реновирана)

Интересна тераса со заоблен агол на стара куќа

Општинската зграда и нејзиниот плоштад

Сите плоштатчиња имаа градини во средината и столчиња/клупи за седење

Веќе типична глетка: деца играат фудбал на плоштад

Бици-такси, црквата San Francisco de Paula и интересни телефонски школко-кабини

Она што ме фасцинираше беа камените улици, навидум нечисти, ама полни со живот! И дел од улиците со стара калдрма ме потсетија на старата охридска чаршија.

Се заљубив во разнобојните стари колонијални куќи со преубави врати и прозорци, без разлика дали се посиромашни и распаднати или побогати и реновирани. Прозорците беа високи и почнуваа скоро од земја, колку вратите, сите покриени со метални решетки, а зад нив отворени капаци и по неколку луѓе во друштво кои си седат покрај прозор на некоја украсна столица за нишање и слушаат кубанска музика на старо радио. Понекогаш ако начекав празен прозор, пробував да ѕирнам внатре, пуста љубопитност :)

Бици-такси

Ако немаше луѓе, кученца ги чуваа влезовите

Улици, обоени куќи, логоа и реклами

Вратите и прозорците беа место за дружење

Калдрма. Врати. Прозорци. Бои.

Мистична глетка на улица со калдрма после дожд


Врати и прозорци во колонијален стил <3

Напуштена црква на плоштадот Santa Ana

Не знам дали играа шах, табла или нешто трето,  ама дискусијата беше интензивна :) 
Како да ги гледав дедо ми и пријателите на времето кога бев мала.

Не знам што цвеќе е, ако знае некој нека ми пише

Рачно направен скирол. Ме потсети колку бевме
 поинвентивни кога имавме помалку.

Знаци и орнаменти, ресторан, мало плоштатче,
фаст-фуд ресторан, интересна куќа на два ката, мапа од Тринидад

Пеликан?!

Вечерта се вративме да вечераме кај тетка Адис, нормално по препорака на книгата за гости, нарачавме јастог (кој дотогаш го немав пробано). Јастогот беше подготвен со лук и други зачини, отворен на средината... мевцето беше највкусното морско нешто што го имам пробано во животов! Гарнирано со обоен ориз, компирчиња и салата што вклучува авокадо, залиено со бело ладно шпанско вино, на топла спарна вечер на нашата интимна тераса со поглед на Тринидад... совршенство! Ако читате гладни, длабоко се извинувам за претходниот опис :)


Би се вратила пак само да го пробам пак јастогот. 
На здравје! 

Вечерта по препорака на домаќините се упативме во куќата на музиката (Casa de la Musica) што е всушност свирка на отворено во близина на главниот плоштад, каде (скоро) секоја вечер се собира народ да игра салса и да пие коктели базирани на рум. Си се дотеравме, си отидовме на скалилата источно од главниот плоштад, си купивме по едно мохито во мала пластична чаша за 2.5CUC и си застанавме од страна на обичните железни бели маси и столици поставени на платформата помеѓу скалила, на кои веќе седеа локалните фраери и фраерки.

Лево на самото почивалиште беше распореден бендот, пред него беше оставен 2х5 метра простор за играње, а погоре над столчињата, на скалилата, имаше испоседнато еден куп западноевропски туристи, веројатно дојдени организирано. И така си уживавме во звуците на кубанската музика, јас чекав да ме покани некој дедо или некое дете на танц, ама ништо од тоа зашто бев со придружба (а собираа девојки од публика). Прекрасно беше да се гледаат сите од најмали до најстари, слаби и дебели, црни и бели, убаво и кичасто облечени, сите разголени колку што може, каде што мрдаат газиња и се вртат во ритамот на музиката.

Тогаш почнаа да ја свират „Гуантанамера“ и нормално, сите русо-бледи туристи ја знаеја, па се наредија кретенски да играат како на транс журка. Среќа заврши тоа, па се вратија локалците да играат салса на други песни... и таман го привршувавме првото мохито и почнавме да играме од страна - заврна! Толку беше од играњето на мојот придружник, цели 10 секунди :) Музиката се спакува и сите го напуштија местото во рок од една минута. Ах.

[слики немам :( ама затоа имам интернет] 
photo by Spy Travelogue


Два дена беа повеќе од доволно да се прошета Тринидад, штета што не можевме да ги оствариме планираните екскурзии... во националниот парк не ни препорачаа да одиме поради надојдени реки и лизгав терен, а на плажата немаше поента да се оди на дожд.

Како и да е, Тринидад ни остана особено во убаво сеќавање по расположениот и насмеан народ, шарените и живописни улици и куќи, прекрасните домаќини со убавото сместување и превкусна храна. На разделување забележавме дека докторот носи маичка од Машински Факултет од Загреб, па му подаривме една маичка од ИАЕСТЕ Македонија од серијата за претходната летна рецепција :)

Утрото имавме автобус во 8.15 часот рано наутро, па тетка Адис рано околу 6.30-7 веќе имаше спремено доручек и нè испрати како што нè дочека - со свежо цеден мешан сок од ананас, гуава и којзнаештодруго. Изгрејсонцето на терасата беше преубаво... поуживавме малку, па се упативме да го фатиме автобусот за Сиенфуегос.


Adios, linda Trinidad!

... следен дел 7: Сиенфуегос.

0 коментари:

Post a Comment

.