Маслиновиот Крит - дел 1

13 August 2013 //
5 comments
Крит е најголемиот и најнаселен грчки остров во Средоземното Море. Крит бил центарот на минојската цивилизација (околу 2600–1400 п.н.е.), најстарата форма на грчка и европска цивилизација.

Сега Крит е една од најпопуларните туристички дестинации во Европа и претежно економијата зависи од туризмот, а скоро и да нема невработени жители. Крит е прв производител на маслинки за маслиново масло во историјата со корени назад до 2500г. п.н.е. За жал, маслинки за исхрана имаат ретко, најчесто за домашна употреба и може да се купат на пазар во поголемите градови.

Претежно е планински остров, со понизок дел на северот кој е доста развиен и населен, додека по планините има рибарски села и градчиња чии жители се окупирани со одржувањето на нивните плантажи со маслинки. Покрај плажите, во сеќавање дефинитивно ќе ми остане и мирисот... на островот на маслинките.

А плажи има секакви... од слични на оние околу Халкидики (темен песок, бранови, матна вода... сепак чиста) до прекрасни плитки (лагуна тип на) плажи со бел песок, без бранови и чиста, тиркизна вода.

Мирисот на Крит

*** Сликите се од моето патување и бидејќи сум приврзаник на Криејтив Комонс, ако ги споделувате, линкајте назад на овој блог. Благодарам однапред.




Основни факти за патувањето

Основните факти за грчкиот остров ќе оставам да си ги прочитате на Википедија, со тоа што ќе дополнам со личните видувања од патувањето.

  • Период: 21.06-29.06 (2013)
  • Број на патници: 2
  • Релација:
    • Скопје -> Солун -> Хања, Крит (Chania)
    • Бидејќи поголемиот дел од плажите кои сакавме да ги видиме се наоѓаа на западниот дел од островот и немавме време за источниот дел, се одлучивме да летаме до Хања, наместо до Ираклион (Heraklion), главниот град кој се наоѓа во централниот северен дел и до кој има летови, исто така.
  • Превоз:
    • Опција 1: авион од Солун со Aegean air или Ryan air
      • патувањето беше скоро па во последен момент, карти купивме 2 недели пред поаѓање и цената беше околу 140€ повратна карта со двете авио-компании, со тоа што кај Ryan air дополнително се плаќаше багаж, па затоа се одлучивме за летање со Aegean air. Сепак, многу е поевтино ако имате можност на време (неколку месеци однапред) да си купите карта преку Ryan air, само внимавајте на ограничувањата на багажот.
      • интересно беше што за прв пат искористив електронска boarding карта, бидејќи на сајтот на Aegean имаше можност да се искористи Passbook за корисниците на iPhone.. ова супер ни се најде зашто не моравме да бараме принтер после веб чек-ин и издавање на бординг карта за враќање, туку само интернет колку да ја симнеме картата 3 дена пред летот. 
    • Oпција 2: со кола до Атина, па со траект до Хања (Chania) или Ираклион (Heraklion). Доколку имате време да возите до Атина и потоа околу 10 часа да спиете на траект, оваа опција би требало да е поисплатлива за подолг престој и возење низ цел Крит со кола. Некои референтни цени за траектите може да најдете тука.
  • Превоз низ Крит:
    • Постојат автобуси што возат низ целиот север во правец исток-запад и некои што одат до попознатите туристички места во правец север-југ. Меѓутоа, цената за одење од аеродром до сместувањато и назад, па до 2 битни плажи каде што моравме да отидеме, и еднаш до Ираклион според планот, испадна дека цената со рент-а-кар е приближно иста, а без кола се ограничувавме скоро секој ден да бидеме на плажата каде што бевме сместени во Платања.
    • Затоа изнајмивме кола за 150€ за 9 дена - од кои 60€ беа за pick-up/drop-off на аеродром - (иако откако стигнавме на лице место имавме проблем за дополнителна гаранција од 900€ резервирани средства на кредитна картичка, па наместо тоа моравме да доплатиме уште 40€ за целосно осигурување, цена добиена со ценкање... внимавајте кога резервирате цената да биде со вклучен excess) и околу 80-90€ потрошивме за бензин... многу поисплатливо ќе беше да бевме четворица за изнајмувањето кола, ама немавме многу избор - без кола ништо немаше да видиме од плажите. (Едит: сајтот преку кој изнајмивме е caravel.gr, многу пофино дизајниран од тогаш :)) 
    • Низ Крит нема патарини, има еден регионален пат во улога на автопат на северот од запад до исток, ама надолу за по другите плажи се локални патишта со две ленти, некои околу планинските села и доста теснички, ама сите со убав асфалт, па тоа не беше проблем... со поевтиното Сеиченто ни беше жешко без клима иако таму е супер времето, ама не извозевме повеќе од 2х160км во еден ден до Ираклион и немавме време да возиме до централниот јужен дел за по 100км во правец. Сепак, и така, направивме околу 1000км вкупно за 9 дена.
Фативме супер-месечина еден ден
на враќање од плажа
  • Места кои ги посетивме: 
    • Градови: Хања, Ираклион, Кисамос, Ставрос (ако се важи како град)
    • Плажи од север кон југ виа запад:  
      • Балос (север накај Ираклион) 
      • Лутраки, Марати, Сејтан Лиманија/Ст.Стефану, Ставрос (север, Акротири, - полуостровот каде се наоѓа аеродромот на Хања)
      • Аја Марина, Платања, Герани (север, на запад од Хања)
      • Корфалонас (северозапад, меѓу Хања и Кисамос)
      • Островот Грамвуса и лагуната Балос (со траект), Фаласарна (северозапад, западно од Кисамос)
      • Елафониси, Кедродасос (југозапад) 

View Crete, 2013 in a larger map
  • Јазик: грчки, се снаоѓаат со англиски, германски, руски или пантомима
  • Валута: Евро (€) - во моментот среден курс според НБРМ е 61,59 денари
  • Виза: не ни треба заради Шенген зона. Ако веќе сте биле во Грција, не заборавајте си го ливчето што ви го заменува пасошот; ако не сте биле, ќе ви дадат едно ливче да пополните на граница. На аеродром бидејќи е локален летот не треба ливчето, само пасош на чек-ин.
  • Што да се носи
    • лекови, аутан и синопен (иако немаше премногу комарци како на други грчки локации), креми за сончање со фактор над 20, препорачливо 30 (дефинитивно Блек-Ап се покажува како најјак крем кој е поефикасен од Нивеи и други фенси креми - бесплатна реклама), ханзапласт, испринтана резервација 
    • чадор тешко со авион да го носите, или купете си или носете од малите шаторчиња на расклопување, или ќе изнајмувате лежалки
    • алуминиумско фрижидерче со замрзнати мали води за ладење дневна прехрана (не се носат големи фрижидерчиња и амоњаци), ладното пиво е околу 2,5€ во баровите на плажа ;) 
    • ќе ви се најде инсталиран софтвер за навигација кој работи офлајн (како Navigon, на пример) и сајтот Cretan beaches како и апликациите за мобилен (iPhone, Android).
  • Безбедност: доста ни делуваше сигурно и безбедно, ама не заборавајте на стандардните мини-претпазливи потези како - да не носите вредни работи и пасоши на плажа (доста ви се по 10€-20€ за трошење), не оставајте какви било работи внатре во кола додека сте на плажа, барајте куќа со паркинг/гаража; и ако сте на приземје во некои апартмани - не спијте со отворена врата/прозор иако е жешко.
  • Температура: Просечно беше околу 30С. Водата беше од најладна на северните подлабоки плажи, до најтопла во плитките, бистра и чиста - одлична за капење. За спиење немавме проблем, иако еднаш - два пати пуштивме клима (вклучена во цената на апартманот).
  • Активности: Покрај активностите по плажи, Крит е планински остров и има одлични можности за планинарење и шетање по археолошки наоѓалишта. Ние одбравме да отидеме само до минојската палата Кносос во Ираклион и да ги прошетаме градовите. Ако се погоди ветровит ден на плажата Фаласарна може и да се сурфа и да се земаат часови, а на некои плажи може и да се нурка површински. Интересно е што по југот на Крит поминува некоја замислена линија на европска патека на долги растојанија - E4 по која некои луѓе и пешачеа и во најжешките делови од денот.

.: Храна :.

Најчесто по цел ден бевме на плажа, и иако скоро на сите плажи имаше каде да се јаде, се снаоѓавме со пазарење во Лидл и стандардните сендвичиња и брзи тестенини за навечер. Сепак, седнавме неколку пати и во ресторанчиња и не плативме повеќе од 20€ по човек за оброк со сите салтанати (салата, узо, суфлаки, пиво, често носат гратис десерт). Гиро се наоѓаше многу поретко од тоа што сме навикнати. Пиво и кафе на плажа беа од 2€ до 3€. А нема да го заборавам ни цедениот сок од портокал со кој нè пречека газдарицата кај која бевме сместени :)

И инстант паста од Лидл може да биде
добра романтична вечера ;)

Во Платања (Platanias) еднаш вечеравме во најстариот ресторан во населбата - Платанос. Келнерот како и сите праша од каде сме, а на одговорот дека сме од Македонија, го викна другиот келнер, Панајоти, односно Панче од Кочани. Си поправивме супер муабет со чичко Панче кој работел на Крит веќе 18 години, ни ги потврди плажите на кои сакавме да одиме и нè почести со по уште едно узо и неговото пријатно друштво :)
За суфлаки, критска салата и дакос (салата со лепче и пасиран домат) и узо х2 плативме 31€ за двајцата со вклучен бакшиш.

Критска салата
Дакос - лепче покриено со пасирани домати, сирење, итн.. делува како салата.
Суфлаки

Во Ираклион ручавме во близина на палатата Кносос, во таверна Пасифае (Pasiphae) каде што ја паркиравме колата бесплатно, иако има и друг паркинг подолу кон палатата. Не бевме уценети, ама одлучивме таму да ручаме и јадевме вкусно суфлаки и грч ладно пиво за 26€ за двајца.

Пак суфлаки и Митос во замрзната чаша

Во Ставрос, на полуостровот Акротири, ручавме/вечеравме на зајдисонце во барот Sunset beach (после го најдов и како Malika’s cantina и дека и се заканувало затварање) со карипски шмек кој го отворила Французинка што веројатно одлучила да си го оствари животниот сон :) Барчето е цело уредено со морска тематика, во дрво и трски, со рачно напишано мени на мала табла на преклопување. Прекрасно беше чувството да се јаде интересно подготвено суфлаки со пивце и зраците на сонцето каде што се дават во него... за на крај да нè почестат со локум, баклава и сладок ликер. Со задоволство плативме 24€ за двајца со бакшиш.

Malika's cantina

пак суфлаки, овој пат со интересен со зачинет ориз и динстан зеленчук

секое пиво на светот во лето треба да се служи во замрзната чаша ^_^
бараш сметка и ти носат локумче, баклавче и ликерче ^_^


Последниот ден пред да тргнеме на аеродром, ручавме во барот на плажата во Фаласарна, 1 вкусен чикен чизбургер, 1 типична грчка салата со ретко вкусно фета-сирење, мал тост и 2 големи пива. Плативме 22€ за двајцата со бакшиш.

помодерен бар на плажа

грчка салата, чикен чизбургер, пиво во замрзната кригла


.: Сместување :.



Поглед на Chania
Бидејќи бевме ограничени само на 8-9 дена, одлучивме да го шетаме само западот и се сместивме во место покрај плажа Платања’ (Platanias) што е блиску до Хања’ (Chania) и мислам дека не згрешивме. За тие 9 дена ги поминавме најбитните плажи иако има добри и во центарот на југ... една пријателка веднаш после нас отиде на 6 дена до Хања и 6 дена во делот на југ во центарот под Rethimnon, се надевам дека ќе ја убедам да напише гостински пост за тој дел :)

Поглед од апартманот

Ние се сместивме во апратманите Фридерики, веднаш над главната улица (стотина метри од плажа). Собите беа одлични, а бидејќи имаше повеќе празни соби можевме да одбираме која ја сакаме (нормално дека ја одбравме таа со поглед на море). Апартманот чинеше 41€ на ден - иако имаше и поевтини опции, го одбравме овој поради одличните оценки на Trip Advisor зашто немавме премногу време за пребирање.


 


Не зажаливме во одлуката во ниеден момент, имавме прекрасен поглед, супер локација (меѓу Аја Марина и Платања), жената чистеше секој ден освен недела, имаше мала кујничка, големо купатило, паркинг место и прекрасна градина во која дремевме да фаќаме посилен wi-fi сигнал :)



Да не биде постот бесконечен, следува втор дел со местата и плажите... 

5 comments: Leave Your Comments

  1. This comment has been removed by a blog administrator.

    ReplyDelete
  2. Nemash pojma kolku mi pomognaa informaciive zosto bash sakav da odam za Krit i toa so kola.

    Odlicen post

    ReplyDelete
    Replies
    1. Баш ми е мило :) Со кола препорачувам дефинитивно за да можете да ги видите најдобрите плажи, ѕирни го и вториот дел и направете си убав план за деновите. Убав помин! :)

      Delete
  3. Mnogu informativen i korisen blog! Ako ste bile devet dena na odmor, togash periodot 26.06 do 30.6 mora da e pechatna greshka?

    ReplyDelete
    Replies
    1. Уф, изгледа датумите од друго место нешто сум ги ископирала, проверив според картите од 21 до 29 јуни сме биле, ќе поправам :) Фала ти многу на коментарот!

      Delete

.