Маслиновиот Крит - дел 2


2 comments
На првиот есенски ден, си дадов задача да ја завршам приказната за Крит. Во првиот дел може да ги најдете податоците како да стигнете таму, за сместување и храна. Во овој дел е она што мора да го видите и посетите (од западниот дел) и каде сѐ да се препуштите на песочните убавини на овој остров.



Уште еднаш мапата по која може да се водите:


View Crete, 2013 in a larger map

Ден 1/2) Север: Платања, Агиа Марина, Герани

Само што стигнавме и се сместивме, со пиво од супермаркет го испративме денот на локалната плажа на Платањá (Platanias)



Еве ми шанса да го ембедирам првото инстаграм видевце :)

Двата дена ги ставам во една точка зашто плажата заедно со Агиа (Аја?) Марина (Agia Marina) затоа што се доста слични - крупен песок и многу бранови, водата чиста но темна поради темната боја на песокот. Вториот ден одмаравме од патот и останавме технички на истата плажа, некој километар кон исток каде песокта е малку пофина, ама брановите се исти. Пивото во баровите на плажа беше 2€ до 2,5€, додека чадор со две лежалки 6€. Гирото на враќање од плажа на самата граница со Платањá беше 2,2€






Исто околку километар кон запад се наоѓа плажата Герани (Gerani), многу поширока од другиве две, на истиот потег на северната обала, со песок мешан со камчиња. Водата делуваше малку почиста и со помалку бранови, но не ни беше доволно привлечна да останеме таму подолго време, ја видовме само на поминување последниот ден од престојот.





Ден 3 и 9) Фаласарна

Она што најчесто го читавме за Фаласарна (Falassarna) е тоа дека е една од најубавите лесно достапни плажи и дека многу зависи како изгледа од тоа колку ветар дува во денот. Па третиот ден откако стигнавме одлучивме да одиме таму, не знајќи каква е состојбата со ветрот. Патот е добар и води преку градот Кисамос (Kissamos) каде не застанавме бидејќи делуваше како најобично туристичко градче. 

Првиот поглед на плажата ФалАсарна е дека е огромна и обиколена со насади со маслинови дрвја, со преубава тиркизна чиста вода и има малку крупна песок. Ваш чадор тука не би завршил работа бидејќи дува премногу ветар, затоа големите барски чадори се подобро решение. Сонцето многу не се чувствува поради ветрот, па гледајте да одберете сламен наместо перфориран платнен чадор за да не си отидете како ракчиња :) Изгледа овој ден имавме среќа ветрот да дува контра морето, па немаше воопшто бранови и беше одличен ден за уживање. Чадор со две лежалки беше 6€ со гратис 2 шишенца вода, а пивото беше од 2,5€ до 3€.






Последниот ден, бидејќи Герани не ни остави голем впечаток одлучивме повторно да дојдеме тука. Ветрот беше посилен и во корист на морето (како што било најчесто), а изгледот на плажата беше доста променет поради закосеноста направена од брановите. Го поминавме денот фрлајќи се во брановите и гледајќи ги сурферите како се трудат да јаваат бранови :)









Ден 4) Кедродасос, Елафониси

Ако некогаш сте читале за Крит, тоа е дека ја има една од најубавите плажи на светот - плажата со розов песок, Елафониси (Elafonisi). Но, она што го најдов во подготовките за одењето таму е дека близу до неа на неколку километри на исток постои тајна, помалку достапна плажа, во линија со дел од европската пешачка рута Е4, наречена Кедродасос (Kedrodasos)

Од Платањá до тие две плажи имаше добри 135км возење по кривулести планински патчиња по стрмните планини во западниот дел низ мали рибарски селца и маслинови насади во вертикални услови. Ни требаше повеќе од час и пол да стигнеме до таму.




Прво се упативме по земјено патче кое скршнува од главниот пат кон Елафониси, помеѓу фарми и кози кои пасат и стигнавме до мало паркингче од кое моравме да се симнуваме по патека со големи камења и ниски грмушести растенија. 


Кедродасос е позната по заштитениот ендемски вид на смрека (јuniper) која расте во оваа околина, не постои ниту еден бар и од цивилизација има еден бунар и клупа, има многу иглички испопаѓани од дрвјата и црна песок од карпите која ја покрива белата песок во тенок слој... и прекрасна тиркизна боја, мир и тишина... и нудисти. 

Скоро сите сенки се зафатени од кампери, веројатно кампуваат по неколку дена и не би ја препорачала за одење со деца. Во многу текстови беше нагласено секој да се грижи за своето ѓубре бидејќи овој рај е целосно препуштен на ретките туристи. Очигледно е дека нема ништо, така што задолжително носете си вода, а ако се задржувате и храна. Дефинитивно ова е мојата број еден плажа на Крит.









Во 2-3 часот попладне, се упативме назад по патот и кон Елафониси каде нѐ пречека сосема поинаква глетка - огромни паркинзи, автобуси, барови скоро по целата плажа и многу, многу, многу туристи. Розовата плажа и не е премногу розова, има убав ситен песок и на влезот во водата има слој од ситни делчиња од скршени школки, тоа е тоа. Водата е одлична, топла и чиста, многу плитка, совршена за деца. 


Плажата е поврзана со мало островче, но не целосно, па мора да газите до врат во вода за да преминете или да ги погодувате наносите на песок во делот што навидум е подлабок... но со многу работи, торби и апарати, не е баш изводливо да се премине. Таму можело да се најдат и легла од морски желки, но за жал не се нафативме да преминеме.


По мирот на Кедродасос, плажава малку премногу ми беше бучна и хаотична со премногу луѓе на неа што ги имаше насекаде... среќа во 5 попладне тргаат автобусите назад кон север, така што се испразни и конечно можев на раат да уживам во убавините на лагунава :)

Чадор со две лежалки беше 7€, пиво/радлер 2,3€-2,5€.





Ден 5) Лутраки, Марати

За да одмориме од долгиот пат по кривини од претходниот ден, одлучивме да одиме на плажи кои беа препорачани и во близина на Платањá, поточно на полуостровот Акротири (Akrotiri) каде и се наоѓа аеродромот на Хањá.

Плажата Лутраки (Loutraki) ја немаше на Navigon, но ни ја препорача газдата на местото каде бевме сместени и успеавме да го најдеме со пре-лоадирана гугл мапа, се наоѓа точно на југо-исток на полуостровот. Мало заливче, пристојна плажичка со темен песок, чиста и ладна вода каде немаше премногу туристи. Единствен паркинг каде имаше сенка.

Имаше чадор со 2 лежалки за 6€, но фативме сенка близу до спасувачот на плажата. Јадевме во барот хот дог со помфрит за 3€ и пиво за 2,5€.





Во близина на неколку километри на север се наоѓа и плажата Марати (Marathi) која беше набројана во листа на најдобри плажи. Има две заливчиња и го фативме посеверното заради попладневното сонце. И тука имаше барче и нескафе фрапе беше 2€. Песок ситен и темен, вода длабока, чиста, ладна и темна.






Во близина на плажата едно напуштено најобично дворче
со по некој минојски археолошки локалитет... онака.

Ден 6) Кносос, Ираклион, плажа Бали

Одморени повторно се упативме на долг пат од 160км до главниот град Ираклион (Heraklion), околу 2ч и 15мин. Главната цел ни беше да го посетиме археолошкиот локалитет Кносос (Knossos) - минојската палата за која се мисли дека го претставува првиот град во Европа.

За историјата прочитајте тука, а она што ми беше најинтересно е дека на секоја табла со објаснување за одреден дел од локалитетот пишуваше дека „овој дел бил тоа и тоа, под претпоставка на археологот Артур Еванс“, што значи дека скоро целата улога на просториите во палатата единствено може само да се претпоставува.

Палатата е прекрасна, има многу убави мурали - цртежи по ѕидови, типични темно црвени столбови, огромни глинени ќупови за чување вино и маслиново масло. Палатата била прва која имала повеќе нивоа со скали и мал театар. Прекрасно место и дефинитивно мора да се посети.

Влезот е 6€, водич беше мислам 10€ по човек (не сум сигурна), но требаше долго да чекаме за англиска група и се откажавме, па си поминавме само со детално читање на таблите со претпоставки од почетокот на 20-ти век на археологот кој ја ископувал - господин Еванс :)






Мисис Џонс :)

Повеќе нивоа
Внатрешни скали
Фоткање
Театарот
Скица како се претпоставува дека изгледала целата палата
Влезница
На влезот додека се купуваат карти има сенка од лоза, а на паркингот не-баш-сенка од маслинки

Ресторанчето на влезот на палатата

Палатата е кон југ, на крајот на градот, па за отприлика 4 километри отидовме на север кон центарот и навлеговме по малите тесни улички барајќи паркинг. Бидејќи немавме време, одлучивме да платиме за паркингот близу до градското пристаниште од 4€ за цел ден.

Ираклион има прекрасно пристаниште со остатоци од градските ѕидини (и многу ветер) и убави пешачки улички со калдрма. По некој договор од почетокот на 13-ти век, градот бил продаден на Венециската Република, така што има многу објекти од тој период. Веќе имам спомнато дека еден од омилените делови од секој град ми е пазарот... многу маслиново масло, сапуни од маслиново масло и преубави сандали од кожа.



Венециската логија
Венециската фонтана - Мороцини
Маслиново масло со секакви дополнителни тревки

Кожни сандали, сунѓери, мед и маслиново масло

Третиот дел од денот го завршивме на плажа која се наоѓаше на списокот на најдобри плажи на островот, помеѓу Ираклион и Ретимнон (град кој не го посетивме поради немање време, но ако имате би требало да изгледа слично на другиве два).

Бали (Mpali) се состои од неколку заливи, од кои помалите се поубави но со пострмен дел зад нив и не отидовме поради тоа што стигнавме на зајдисонце. Затоа ја одбравме првата (од исток) најголема и најтуристичка плажа која... не беше ништо посебно. Темен песок, малку бранчиња, темна и ладна вода.

Нескафе фрапе или точен радлер беа по 2,5€.





Ден 7) Грамвуса, Балос

Околу 40км возење на запад до Кисамос што веќе го спомнав, градот на пат кон ФалАсарна и уште 3-4км надвор од градот кон запад, се пристигнува до пристаништето на Кисамос каде има траекти и бродови кои прават дневни екскурзии до островот Грамвуса и лагуната Балос. 

Еднодневното патување со брод чини 25€ (+1€ за данок) и иако ми е премногу туристички момент, сепак вреди за парите. Сепак, да забележев порано ќе одберев некое од помалите бродови кои тргнуваа малку подоцна, но не беа огромен траект со преку 1000 луѓе кој пола час се полни и пола час се празни :)

Траектот тргаше околу 10.15, а другиот брод околу 10.40 со враќање околу 18.30, а во летниот период има и уште еден кој трга во 12.30.


Првата станица, со пауза од 2 часа, беше полуостровот Грамвуса (Gramvousa). Се застанува на прекрасна мала плажа со тиркизна вода. На највисокиот дел од островчето, на висорамнина има изградено одбранбена венециска тврдина во 16-ти век до која се стига за 20-тина минути. Премногу време поминавме шетајќи се горе и заборавивме дека треба да оставиме време малку и за капење на таа плажа, а да знаевме дека половина час ќе чекаме за траектот да тргне, можевме да го искористиме тоа време.











На траектот имаше и шанк со храна и пијалаци, па по печењето 2 часа на сувата тврдина, по нашето враќање ја искористивме шансата да се напиеме по една лименка пиво од 2,2€. На враќање од Балос, пак, имаше happy hour и можеше да се земе големо точено пиво за 1,5€.


По Грамвуса допловивме и до лагуната Балос (Balos) која се наоѓа северно од Фаласарна. Таму може да се стигне и со џип и со мотор, но не и со обична кола, така што го избравме бродот како превозно средство. 

Од страна на морето лагуната е заградена со карпи по кои пешачевме од траектот, но тоа се менува во одредени делови на плима/осека, така што водата иако е многу топла, е кристално чиста. Нормално, се очекува да има доста микроорганизми, ама еднаш се живее :) Преубаво е чувството кога газиш во толку плитка вода која ти ги покрива само стапалата и се чувствуваш како да одиш по неа. Има делови каде песокта се издигнува како островче, а има и делови каде водата е подлабока па може сосема да се потопите. Од другата страна, пак, кон север има класична плажа со поголеми бранови.

Има некое квази-барче на плажата, а чадори можат да се изнајмат на самиот траект, што многу луѓе го имаа направено. Ние се челичевме и издржавме цел ден на сонце, но немавме проблем бидејќи веќе цела недела се имавме печено, затоа и препорачувам да го оставите ова за последните денови. Прекраснотија.







Бидејќи траектот нѐ врати назад околу 6.30 попладнето, имавме шанса да видиме уште една плажа на зајдисонце. Благодарение на апликацијата Cretan beaches, најдовме една плажичка на исток од Кисамос која ни беше доволно блиску, но и доволно убава за да застанеме. 

Корфалонас (Korfalonas) беше изненадувачки инспиративна плажа. Долга неколку километри и скоро празна, со еден бар на неа, со неизгазен крцкав песок како да имаше тенок слој мраз одозгора, школки и камчиња, големи бранови. Во други услови можеби не би ми се допаднала, ама на зајдисонце и со состојбата на песокта беше доста инспиративна за фотографирање.








Ден 8) Хањá, Сејтан Лиманија, Ставрос

За последниот ден ја оставивме Хањá, па испланиравме пладневно шетање низ градот, па потоа некоја плажа во близина...

Хањá (Chania) е втор најголем град на островот и центар на западниот дел. Поминал низ минојската, византиската, венециската и отоманската ера и за сите нив ќе се види по некое обележје како трага. Омилен дел ми е пристаништето, овој пат полузаградено со ѕидина и преубав светилник.

Православна црква и џамија
Giali Tzamisi
Ѕидините со пат кој води до светилникот
Светилникот






„Гаражите“ за бродовите - „Neoria“ (Dockyards)
интересен венец од градби на пристаништето


Од задната страна кон улицата

Археолошко наоѓалиште Кастели (Kasteli или Kanevaro) од минојскиот период
Ресторан во стариот дел на градот

Пак на пазар :)

На почетокот се мислевме да одиме на Golden beach, плажа на запад од градот, но додека постирав слики од инстаграм на фејсбук, девојка која студираше во Хањá ми спомна плажа во близина на селото Ризосклоко на полуостровот која мора да ја посетиме... подоцна најдов дека сум ја имала плажата во список, но пишувало дека тешко се стигнува до неа и сум ја ставила под знак прашалник. После препораката, моравме да отидеме и дефинитивно вредеше маката, фала Симона! :)

Сејтан Лиманија (Seitan Limania) или „пристаништето на ѓаволот“, исто така наречена и плажа Стефану (paralia Stefanou) е таен бисер на островот... ретко кој ја посетува плажата затоа што е доста тешко да се стигне до неа, но сепак туристите ја знаат, околу нас имаше Шпанци, Италијанци, Грци од други делови на земјата, итн. Патот до селото Ризосклоко е супер како низ остатокот на полуостровот, а од неодамна бил доправен и патот надолу скоро до плажата. По 5-6 остри серпентини надолу од селото, се стигнува до мал паркинг и оттаму има доста стрмен дел за симнување/качување. Отпрво не ја видовме патеката по која се оди надолу, но среќа се качија неколку девојки кои ни кажаа дека е од десната (јужна) страна. Може да се каже дека после тестот со Кедродасос, тука положив планинарење во апостолки :)

Плажата е со покрупни бели камења и тиркизна (не многу топла) вода. Обиколена е со седиментни карпи и многу од луѓето се фрлаа од нив бидејќи беше доволно длабока. Многу ме потсети на малите заливчиња (calas) од Мајорка.

На плажата нема никаква инфраструктура, доста е пуста и оддалечена, така што носете си нешто храна и вода.


Кученцето со девојката нагоре, ние надолу.

 




Бидејќи околу 6 попладнето плажата ја фати сенка, одлучивме да се преместиме на запад до местото Ставрос (Stavros), каде е снимана сцената од Гркот Зорбас со играњето сиртаки (се надевам знаете дека вистинскиот Грк Зорбас е закопан во Скопје).



Прошетавме малку низ градот од малата плажа во залив соодветна за деца и со мал слој на „розов песок“ од школки, а потоа седнавме да јадеме во барот кој веќе го спомнав во првиот дел - најубавиот бар на плажа во кој сум била (а може така ми се чини дека бевме премногу гладни?). 



Големата плажа со барчето

Барот соодветно се вика „Sunset“... совршено :)
Големата плажа има бранови и големи карпи меѓу крупната песок

Помеѓу двете плажи снимано е сиртакито од „Гркот Зорбас“


Малата плажа
Природата слика во акварел... :)


Последниот 9-ти ден пред одење на аеродром веќе пишав дека повторно бевме на Фаласарна.

Има уште многу плажи во централниот дел на островот од јужната страна, како и неколку помали островчиња. Ако најде време, се надевам дека Ива Р. ќе успее да напише трет дел од постов за да ги сподели нејзините доживувања од тој дел, бидејќи имаше повеќе време на одморот за да го истражува :)

---

Извинете што ве оставам со вакви фотографии во есенско расположение, верувајте дека мене ми е многу потешко...

До следното читање... јадете маслинки ^_^

Јасас!

2 comments: Leave Your Comments

  1. Едно надополнување: до плажата Балос се стигнува со кола, но препорачливо е да е rent-a-car зошто се вози по црн пат, а и на паркингот на плажата често скокаат диви кози по колите.
    А на овие must see места на магичниот Крит, јас би ги додала и: hippie плажата Матала, плажата со палми Ваи, Превели местото каде се влева река во морето, најјужниот остров Гавдос каде има поставено огромно столче на најјужната точка во Европа и секој може да седне и кањоните Арадена и Самарја (последниов велат дека е најдолг кањон во Европа)... И уште десетици пропратни места од кои исто застанува здивот.

    ReplyDelete
    Replies
    1. Јее! Фала најмногу за коментарот, здравје ќе се отиде пак некое лето :)

      Delete

.