Листа на патувачки желби

22 February 2015 //
6 comments
Постојано ни се појавуваат листи на земји и градови кои треба да ги посетиме во животот, најдобрите места за патување во 2015-та, најшарените градови во светот, итн итн. Голем дел од нив ги споделив и редовно ги споделувам на твитер и на фејсбук страната :)

Се мислев дали да пишувам за некој град кој може да го посетите зимава, ама се одлучив и за сопствени потреби да си направам моја листа на желби за следниве неколку години... зашто кога ќе си зацртате некоја цел во глава, многу е полесно да ја остварите ;)

Супер постерче од македонскиот дизајнер Flim! <3




Некои поголеми залаци од далечни земји со повеќе градови и места за посета за кои би одвоила по цел одмор од 2-3 недели, слично како Куба.

1. Јапонија

Не можам ни да се навратам од која година Јапонија ми стана огромна желба за посетување. За време на студиите, 3-4 години чекав можност за пракса преку ИАЕСТЕ Македонија но за жал никогаш не успеавме да размениме пракса од мојот профил за да се обидам да аплицирам.

Сè уште ми е желба да го видам цутот на црешите - Сакура - додека некоја гејша шета низ совршено средена градина која се претопува со остатокот од околината. Да го видам тоа чудо од Фуџи како се издигнува над смртниците. И да не зборувам дека технолошки се нешто најблиску до она како ги замислуваме вонземјаните :) Поради таквиот микс на традиционалното и модерното, Кјото ми стои пред Токио, а би посетила и места со сосема спротивни приказни - од Хирошима до некоја убава плажа.

Овој април/мај нема шанси, па да видиме дали ќе поработам на исполнување на желбата следната година :)

Photograph by Yuga Kurita


2. Јужна Америка

Го сакам шпанскиот јазик и сакам да посетам што повеќе земји што го зборуваат, и иако се сосема различни дијалектите сакам да прошетам низ што повеќе земји од Јужна Америка. Желбата особено ми се нагласи откако го гледав Дневникот на Мотоциклистот и иако ја посетив Куба, сè уште имам многу земји да поминам по стапките на Че :)

Мексико нормално дека ми е желба, но некако многу повеќе ме влече Перу. Карневалите во Куско, градбите во Лима како спротивен контраст, и нормално, Мачу Пичу до кое се пентери по планини уште пред изгрејсонце и се стигнува точно кога сонцето изгрева - како врв на доживувањата и храна за сите сетила.

Сепак, најверојатно е дека прво од сите нив би го посетила Бразил, зашто имам пријатели за да ме шетаат на вистинските места :))

Бидејќи би требало секако да се разервираат најмалку 3 недели за ваков подвиг и авионските карти сè уште се скапи, којзнае кога би се остварил овој сон... ама нека стои :)

Photograph by Giacomo Costagli

3. Исланд

Исланд некако ми беше „лошиот тип“ откако ја прекри Европа во црн облак. Ама ми прочепка во главата пред неколку години после вулканот (чие име не се изговара) откако видов фотографии од Сината лагуна на еден блог. Потоа еден пријател го посети и објави неодоливи фотографии. Потоа го гледав Тајниот живот на Волтер Мити. Потоа налетав на ова прашање на Quora... и малку по малку симпатијата пополека премина во љубов :)

За разлика од другиве желби, тука би биле доволни 10-15 дена, ама пак немам идеја кога би се реализирала желбава... :)

Photograph by Luke Shadbolt

-----------------------------------------------------------------------



Од градови Њујорк секогаш ќе ми биде желба, ама не би го посетила само градот и не ми се оди толку во Северна Америка колку што ми се оди во Јужна. Затоа на списоков се три европски града кои се поверојатно дека ќе ги посетам во следниве години. 

И после нив би ми останале уште неколку главни градови за посета меѓу кои комшиските Атина, Тирана, Сараево, Љубљана, па Рим, Луксембург, Вадуц, Копенхаген, Хелсинки, Рига, Талин, Вилниус и некои понедостапни (во смисла на летови) ко Даблин, Валета, Букурешт, Киев, Минск, Москва, Чисинау. Листава повеќе си ја направив за себе, да знам колку имам за шкртање :)

1. Истанбул


На никој што ме познава не му се верува дека не сум била во Истанбул! Навистина ми е желба и здравје некој продолжен викенд со понуда за евтин лет би ми бил прв избор :)

Иако скоро сите што ги познавам веќе биле и ми раскажувале, сепак морам да го видам со свои очи... го замислувам баш како мешавина меѓу Европа и Арапските земји, помеѓу нашава чаршија и чаршиите во Дубаи. Морам да се провозам низ Босфорот на тој спој меѓу два континенти, да јадам тамошен локум и да прошетам по пазарите и сличните шаренила за да си набавам нова тура зачини, особено стапчиња од ванила :)

Photograph by Wazari Wazir


2. Амстердам

Иако сум била низ неколку града во Белгија, немаше време да се посети и Амстердам кој одамна ми е желба и чекам прилика да одам во посета по можност да го поминам времето со локални пријатели кои ќе ми ги покажат интересните места за излегување кои знам дека ги има еден тон!

Да се возам на точак низ сите маала. Да се повозам со бротче низ каналите. Да отидам надвор од градот и да се борам со ветерница. Да јадам строоп-вафла (едно од најомилените благи нешта што постојат на планетава Земја)... сосема остварливо, има летови со Визер до Ајндховен, само да се одреди датум :)

Photograph by Adam Smok

3. Берлин

Една од причините што Берлин се најде на листава е тоа што познавам повеќе луѓе кои во последниве неколку години се преселија таму [не баш за радување... :( ] и би сакала да им отидам на гости.

Сам по себе, Берлин е на листата поради тоа што е центар на културата и разноликоста, зашто има многу уметници кои хараат и шараат низ градот, затоа што ги рушат сите табу теми и стереотипи за Германците и зашто се пример за успешна приказна за тоа како после огромната болка на Втора светска војна стана центар за прегрнување на различностите. Дефинитивно повеќе би одела да го доживеам тој културен шмек отколку да ги сликам барокните оставштини. Да ги гледам графитите на Берлинскиот ѕид, наместо тоа што го претставува. И би уживала во фотографирање на современата архитектура.

Photograph by Nespyxel / Stefano
-----------------------------------------------------------------------

Она што сепак ми претстои оваа година е повторно скијање во Австрија, за кое веројатно нема да напишам пост заради тоа што веќе има сличен :) Па пак после три пати минатата година - службено во Виена. Можно е да се начека некој евтин викенд после Велигден кој би го искористила за да посетам пријатели во Стокхолм, а потоа во јуни во план е шетање низ крајбрежјето на Хрватска кое ќе заврши со свадба на островот Брач. За во септември во план е шетање на северна Шпанија исто така за на свадба :)) Здравје во меѓувреме ќе напишам пост за Барселона бидејќи директните летови со Визер почнуваат во Јуни!

Исто така, во план ми е некои убави викенди да се искористат за шетање на места низ Македонија на кои сè уште не сум била како Смоларски и Колешински водопади, Лазарополе, Кожуф... и можеби серија постови на англиски за Македонија за странци, за местата на кои сум била.

Тешко дека ќе се прешкрта листата на желби, ама за оваа година не можам да се пожалам :)

Малку доцна на крај на февруари, ама ви посакувам сите патувачки желби да ви се исполнат... ако не годинава, тогаш во следниве неколку години :)

хохохо

6 comments: Leave Your Comments

  1. Уште мапа-грепка и поголема забава. Не ми се верува дека имам истомисленици за Јапонија и Исланд, обично ми се упатуваат само прашални погледи. А бидејќи си спортско-зимско дете пиши ја и Лапонија :D

    ReplyDelete
    Replies
    1. Ау да... не пишав аурора бореалис на Исланд! :)) Иако сум зимурлива и тоа ќе влезе во топ 10 желба за некогаш :D

      Delete
  2. Берлин ис д плејс ту гоу! Си го опишала баш како да си била веќе: толку ги прегрнуват различностите, шо ти идат да го гушниш! :)
    п.с. Рачунајте ме и мене за Исланд и Јапонија :D

    ReplyDelete
  3. Даблин е достапен преку Бергамо, и тоа за малку пари. Проблем претставува визата која се вади во Букурешт, иако, олеснителна околност е што не мора да се оди лично туку може документите да се пратат по пошта. Сјаен пост! :)

    ReplyDelete
    Replies
    1. Има опции со летови, го ставив во понедостапните ради визата :) Фала ти многу! :)

      Delete

.