Куба - дел 1

20 November 2011 //
11 comments
Кога ќе се спомне Куба, сите помислуваат на Кастро, пури, коктели и песочни плажи. И така е, ама Куба не е само тоа... нормално, како и сите што некогаш помислиле да отидат, ни јас не знаев многу работи за земјата освен општо-познатите работи, за политичкиот режим и дека е сиромашна земја во која има стари коли. Ама, знаев дека она што е Куба денес, многу набрзо ќе се смени откако Фидел ја предаде власта на брат му Раул... и доволно беше да одлучам дека оваа е годината да се отиде таму. Другото ќе го проследите во серија на блог-постови.

Скоро сите ме прашуваат „дај раскажи на кратко како си помина“, ама тоа е скоро невозможно... затоа одиме дел по дел, во финансиски детали ќе забегувам во „прочитај повеќе“, да помогнам некој да се осмели да отиде по моите/нашите стапки :)

*** Сите слики се од моето патување и бидејќи сум приврзаник на Криејтив Комонс, ако ги споделувате, линкајте назад на овој блог. Благодарам однапред.






Основни факти за патувањето


Основните факти за земјата ќе оставам да си ги прочитате на Википедија, со тоа што ќе дополнам со личните видувања од патувањето.

  • Период: 06.10-27.10 (2011)
  • Број на патници: 2
  • Авионска релација (*цените се во прочитај повеќе):
    • Скопје -> Лондон -> Мадрид -> Хавана
    • За во Велика Британија извадена транзит виза
  • Тур д (западна) Куба (*идејата е сите овие имиња наскоро да се претворат во линкови): Хавана > островчето Кајо Левиса > Вињалес > Тринидад > Сиенфуегос > Санта Клара > Варадеро > Хавана

  • Јазик: шпански; иако домаќините во куќите и вработените во хотелите знаат по нешто англиски, шпанскиот е ултра-корисен ако патувате во своја режија
  • Валута - имаат две:
    • 1CUC (конвертабилен пезо - peso convertible) = 1USD [и секогаш се држи исто со американскиот долар]
    • 1CUP или MAN (национален пезос - peso nacional / moneda nacional) = 1/24CUC [тврдат дека ако јас плаќам 1CUC, тие плаќаат 24CUP, ама некако малку веројатно е со тие пари што ги заработуваат да преживуваат и, иако не признаваат, мојот заклучок упорно е инаетлив дека јас плаќам 1CUC, а тие 1CUP за истата работа]
    • Како Европјани, најдобро е да се носат евра кои лесно се разменуваат, за разлика од американски долари за кои земаат 10% провизија при размената
  • Виза: Скоро за цел свет треба виза, за Македонија не е потребна благодарение на наследните југословенски гени, само треба да се чуваат 25CUC за аеродромска такса на излез од земјата и тоа во книжни пари. Паметно е да се носи и здравствено осигурување, иако нигде не пишуваше, ни побараа на аеродром во Лондон.
  • Што да се носи: лекови (фервекс, линекс, синопен и по некој антибиотик), аутан, паломи многу, хигиенски работи (посебно за женски), креми за сончање со фактор над 20, антибактериски гел за миење раце, ханзапласт, чоколатца, житарици и слични работи што може да ви траат за по пат зашто нема грицки за купување, мастики (се наоѓаат и како бакшиш), чадор, адаптер за американски/европски штекери, испринтани карти и резервации, книга: водич за Куба (кој го немавме и сите ни се чудеа, па купивме на шпански од таму), стари алишта што може да ги подарите на некои симпатични луѓе.
  • Патување низ земјата: Иако планиравме да изнајмиме кола на почетокот, за двајца е дефинитивно скапо и неисплатливо, а згора на тоа и патиштата не биле убаво означени и треба екстра да се плаќа за паркинг. За среќа, имаат државни автобуски компании кои овозможуваат превоз за туристи за прифатливи цени со нови кинески автобуси кои се супер опремени и имаат климатизација. Една од нив на која има објавено распоред онлајн е Viazul.com
  • Патување низ градовите: сè што има тркала е такси - има државни такси кои се нови автомобили, има локално такси од старите шевролети кои ги застануваат на улица и собираат по неколку непознати по пат, има коко-такси кои се скроз симпатични и се мотори со две седишта и стреа во форма на кора од кокос, бици-такси истата варијанта како коко-такси само со точак и тек-тук се наоѓа по некоја кочија или отворен камион со седишта од двете страни како војнички камиони. Државното такси (и најскапото, ако не ве наседнат локалните за поскапо) е околу 0.5CUC по километар за низ град, како за репер. Градски превоз имаат исто така со кинески автобуси со спуштен под и некои двокатни со отворен кров за туристи. Немаат пешачки премини. Никаде.
  • Безбедност: Многу е безбедно. Има полиција на секоја втора раскрсница и тоа имаат многу згодни жени полицајки [некои чуварки на музеи дури се и во цветно-дезенирани црни секси хулахопки :P]. Не почувствувавме во ниеден момент дека некој ќе нè нападне, ограби или киднапира. Единствено досадуваат на улица со прашања кај сте, кои сте, што сте, па ајде амиго да ти продадам пури, да те однесам негде на пијачка за провизија или имам некој болен член на фамилијата или новородено бебе за кои ми требаат пари, па ти како турист можеш да ми дадеш некој долар (како што си ги викам КУК-овите). Нормално, ако ја оставите ташната на маса додека одите во тоалет, веројатноста дека нема да си ја најдете на истото место е голема.

  • Сместување: во приватни куќи и државни хотели. Покрај државните хотели, владата им овозможува на луѓето кои сакаат и имаат куќа во нивна сопственост, да издаваат соби. За тоа плаќаат 100CUC месечно, а мора да исполнуваат и стандарди за издавање како: купатило во секоја соба, клима (од оние вградените во ѕид), чиста постелнина, крпи, фрижидер (мини бар) и не многу често и сеф. Цените се движат од 20 до 35CUC од вечер по соба. Нигде немаат четки за вц :))
  • Храна: Јадењето секаде беше одлично, немавме ниеден оброк кој не изобилуваше со овошје, ориз, ориз со црн грав (одлично и многу често национално јадење), црн грав како чорба, салати (зелка, краставици, марула, авокадо), риба, пилешко (секогаш карабатак), морски плодови и поретко свинско или телешко. Немаат тетрапак сокови, па за обичен сок секогаш добивавме свежо-цедена комбинација од ананас, портокал и гуава. Бидејќи голем дел од заработените пари од сместување ги даваат за данок, ако сакате да си ги испочитувате домаќините каде што сте сместени, уплатете доручек (3-4CUC) и/или вечера кај нив (7-10CUC) за да заработат нешто од вас.

Општо-народни факти
  • Стандард: Платата им е околу 10CUC за работници во пекара и ѕидари, околу 25CUC за лекари и професори. Здравството и образованието им се целосно бесплатни и одлични по квалитет.
  • Здравство: имаат едни од најдобрите лекари на светот, имаат многу мала стапка на смртност на бебиња и многу луѓе одат за да се лечат таму (скоро) бесплатно. Лекарите немаат пасоши, а надвор од земјата може да излезат во Венецуела (каде ги трампаат за нафта) и на мисии во Африка (каде ги трампаат за којзнаешто).
  • Патувања: Луѓето што патуваат се испратени од државата и најчесто се лекари, професори и спортисти. Затоа веројатно имаат мотивација да учат и покрај малите плати кои ги добиваат за престижните професии.
  • Спорт: Иако омилен спорт им е бејзбол, други национални спортови им се бокс, одбојка (во сала и на плажа) и кошарка.
  • Сопствеништво: Со оглед на тоа што имаат мали плати и што (до скоро беш)е забрането да се купуваат куќи, можат да се стекнат со имот само ако ја откупуваат куќата од државата на рати со години (со некој вид на бескаматен лизинг), може да наследат имот од родителите или може да разменат куќа за друга ако веќе ја имаат стекнато на некој од погорниве два начина.
  • Култура: мешавина од шпанска и африканска, ама она што најмногу го запамтив е тоа дека сите се насмеани, дури и кога питаат на улица, и дека сите имаат чувство и расположение за пеење и играње.


Сите прво ме прашуваат:
  • Дали стварно имаат стари коли?
    • Да, има шевролети од 50-тите, по некој кадилак, лади од руско време после револуцијата и најнови ганц коли како Kia и некои непознати марки кои најчесто се или државно такси или државно рент-а-кар

  • Дали е евтино?
    • Евтино е релативна работа, како што кажав погоре кај валутите, сметам дека е поевтино отколку што даваат цени за туристи. Инаку, бидејќи секогаш сметам во пиво колку е скапа една земја, лименка Cristal (полесното) или Bucanero (појакото) се движеа до 1.5CUC во бар/ресторан што е околу 70 денари. Мохитото се движеше од 1.5CUC во помалите градови до 5CUC во популарните барови во Хавана.

  • Кај спиевте ако не одевте преку агенција?
    • Во касас партикуларес (casas particulares), односно куќи во домашна атмосфера, кај луѓе кои супер ни се погодија и ги трампам сите хотели за нив. Во хотели спиевме само на три места, во два туристички центри и во Вињалес каде што не можевме да најдеме куќа на интернет (таму зажаливме што не отидовме на слепо зашто хотелот беше гнасен, а куќи имаше во изобилство - нè пречекаа еден куп луѓе на автобуската станица).
  • Какво ви беше времето во Октомври?
    • Времето преку цела година е околу 20-25 степени целзиусови... имаат две годишни времиња: суво и влажно :) Преку лето е влажен период, каде врне попладне/навечер а следниот ден нема ни трага од дождот и е ужасно спарно со температури до кај 30 степени. Во зима (Декември-Февруари) е со пониски температури (15-20 степени), но не врне и е баш пријатно. Овој е период кога е најскапо и кога Европјаните, Канаѓаните и по некој Американец одат на одмор таму за Божиќ. Ние отидовме помеѓу двете сезони, начекавме поевтини цени, немаше премногу туристи, а времето ни беше... средно. На почетокот беше жешко, па имавме 2-3 дена кога се истури од врнење (во Тринидад), па два премногу спарни дена (во Сиенфуегос и Санта Клара), па облачни денови со ветер (во Варадеро).


Пристигнување: Куба - дел 2
Хавана: Куба - дел 3
Кајо Левиса: Куба - дел 4
Сиенфуегос: Куба - дел 7
Санта Клара: Куба - дел 8
Варадеро: Куба - дел 9

Прочитај повеќе:


  • Авионска релација:
    • Скопје -> Лондон Лутон (Wizzair, повратна околу 90€ со багаж)
    • Смена на аеродроми:
      • Лондон Лутон -> Лондон Викторија Автобуска (со автобус: EasyBus, повратна околу 19 GBP) и
      • Лондон Викторија Железничка -> Лондон Гетвик (со воз: Gatwick Express, повратна 27.4 GBP)
    • Лондон Гетвик -> Мадрид -> Хавана (AirEuropa, повратна 400€)
  • За во Велика Британија, извадена транзит виза Visitor in Transit за 48 часа, со намена за смена на аеродроми (60€)
Морам да нагласам дека авионски билет од некој европски град е околу 800€, од Софија на пример е веќе над 1200€... но добрата цена ја начекавме затоа што уште од Мај/Јуни секојдневно следевме како се одвиваат цените на многу авио компании, за на крај да начекаме неверојатна понуда со лет преку Лондон на почетокот на Август за во Октомври. Дополнителна среќа е што од Јуни 2011 имаме нова авионска линија со нискобуџетните летови на WizzAir директно од Скопје до Лондон (на ова само колку се имам радувано, тоа неверојатно нешто :)) и иако ни беше потребна транзит виза за да смениме аеродром решивме да се малтретираме со документи и да си платиме 60€ во британската амбасада во Скопје.

11 comments: Leave Your Comments

  1. Здраво Сандра! Прво, да ти кажам едно големо фала за постовиве! Бевме во Куба пред една недела и ни помогнаа за основни информации. Може да се прочита многу и на други места, ама друго е некако кога на свој јазик си читаш. ;)

    Целата организација за патувањето ни беше исто на своја рака: од авионски билети, до сместување (само во casas particulares), локален превоз... Единствено бевме на Cayo Blanco преку агенција, ама што знам, мислам дека не вредеше за парите---плажата во Варадеро мене ми беше многу поубава. Ние бевме во Куба 9 ноќи, па направивме помала тура: Хавана (2 ноќи) -> Варадеро (4 ноќи) -> Санта Клара (1 ноќ) -> Хавана (2 ноќи). Планот ни се смени 3 пати мислам, ама на крај супер поминавме!

    За сите следни туристи, неколку важни работи што се имаат сменето во изминативе 4 и нешто години.
    - Од 1 мај 2015, не се потребни веќе 25CUC за аеродромска такса на излез од земјата. Тие се вклучени сега во таксите што се плаќаат за авионскиот билет.
    - Од 1 јануари 2016, hop-on/hop-off автобусот во Хавана е 10CUC и има скратено возно време (мислам дека беше до 6pm).
    - Има се повеќе и повеќе Интернет паркови, кај што има Wifi што се користи со pre-paid картица. Повеќе информации има овде goo.gl/KqDira.

    Ама некои работи се уште исти: највкусните гуави, прекрасните плажи, коктелите со рум, јадења со ориз и пржени банани (ептен вкусно ни беше скоро сé), големиот број на стари возила (особено во Хавана), зградите што се распаѓаат, (за жал) досадните луѓе на улица што на крај ти бараат пари... Јасно ми е зашто ти требале 9 постови за да го опишеш вашето патување. ;)

    ReplyDelete
    Replies
    1. Фала ти Ана, ми го направи денот! :) Многу ми е мило што супер сте поминале и фала за ажурирањето на информациите! До следната авантура! ;)

      Delete
    2. Здраво Ана, бидејќи имаш организирано патување на своја рака за Куба, те молам за информација околу патувањето, како го организира летот, преку која авио компанија, колку чинеше повратниот билет,колку време пред тргнувањето ја направи резервацијата.Однапред ти благодарам.

      Delete
  2. Благодарност и од мене до вашиот труд, навистина има доста корисни информации кои се надевам ке му помогнат на повеке луге. едно инфо од мене : Веке има cheap fly од Германија од Келн со Eurowings до Varadero кои може да се комбинираат на пример со Wizz od Македонија. Па така јас би ја советувал маршутатата во тој случај ако се лета до Варадеро: Варадеро, Хавана, Вињалес,Сиенфуего,Тринидад (може да се остане во Сиенфуего и да се отиде до Тринидад на еднодневно патување),Санта Клара и на крај пак одмор и средување на мислите во Варадеро и назад полет од Варадеро (од и до варадеро летаат : Eurowings - Köln , Airberlin -Düsseldorf)
    секоја чест за блогот, браво

    ReplyDelete
    Replies
    1. Да, се подразбира сега дека има многу повеќе опции од пред 4-5 години, ги има и летовите на KLM преку Амстердам и ние имаме повеќе опции со Wizz, ама за овие германскиве не бев информирана :) Фала многу на информациите и за коментарот! :)

      Delete
  3. Коментар од фејсбук: https://www.facebook.com/moitepatuvanja/posts/1233458296669080

    Dushanka Stefanova Информациите ми се од септември 2014та. Патувавме Белград-Москва, еден ден прошетка низ центарот на Москва, Москва-Хавана, на враќање исто. Целото патување траеше 18 денови, Хавана 4 дена, Тринидад 4 дена, Варадеро 8 дена, Хавана 2 дена. Такси од Хавана аеродром до центар-25 CUC=25 долари. Од еден град до друг се возевме со Viazul (веќе споменат во блогот), карти купени преку интернет, што беше изненадувачки возможно. Спиевме само во casa particular, 4 различни. Бидејќи интернет има само во пошта и рееетко некоја куќа (ете според коментарот на Ана веќе не е така од 2015 та) одговори за резервациите добивавме по неколку дена. Токму затоа cubahoster.com контактираа многу побрзо со газдите на куќите и ни резервираа секаде сместување-услугатa е бесплатна.Сместување од ноќ за двајца 25-35 CUC. Појадок дополнителни 5 CUC.

    Секаде по интернет пишува "не купувајте пури на улица"(споменато и во блогот), но не се ни продава на улица, туку под рака, по куќи, демек кооперации и слично, повторно со сумлив квалитет. Ако влезеш излегување нема. Продавниците за пури, рум и кафе нема шанси да се одминат бидејќи се единствените средени продавници. Тоа е и единственото со потекло од Куба. Се друго е увозно и екстра скапо. Затоа препорачувам појадок во куќата и јадење во ресторан. Подобро лобстер за 9-12 CUC отколку шпански мармалад за 5 CUC. Ние ја користевме и CUP-другата валута, но само овошје од улица и леб можеше да се купи со нив мнооогу ефтино. Има и сендвичи за околу 10ина денари кои се продаваат во импровизирани продавнички, па.....кој како сака. Варадеро беше друга приказна, но во Хавана и Тринидад доколку видете леб или вода купете ги веднаш, на враќање ќе нема. Или прозорчето од "продавничката" ќе биде затворено.

    Картички не употребивме, имавме инфо дека ако на некаков начин банката ти е поврзана со американска банка, ќе има мн голема провизија или нема да работи. Банкомати скоро и да нема. Секоја информација е битна, браво за блогот!!!! Сепак, мислам дека никој нема да остане рамнодушен кога ќе стапне таму, колку и да се подготвил претходно со информации и психички:) Секој ден од престојот ќе имате некакво изненадување:)

    ReplyDelete
  4. Здраво,

    Еве и јас да се надоврзам со фришко 15-дневно искуство.

    Пред неколку дена се вратив од Куба. Маршутата беше слична како и онаа на блогот: Хавана - Вињалес - Сиенфуегос - Тринидад - Кајо Коко - Санта Клара - Варадеро - Хавана.

    Сместувањето во Casas Particulares ни беше најдено преку Cubahoster. Хотелите во Cayo Coco (Colonial) и Варадеро (Islazul Mar del Sur Aparthotel - најголемиот лапсуз во патувањето) ги резервиравме преку http://www.galahotels.com/

    Летавме од Белград, заеднички лет на AirFrance и KLM (Секоја пофалба за Холанѓаните).

    За транспорт претежно користевме такси. Имавме и однапред купени Viazul билети за некои дестинации, но некои останаа и неискористени. Со taxi colectivo цената е горе-долу иста, плус door-to-door service, стигаш побрзо, праиш муабет со некои интересни ликови, ја избегнуваш смрдеата на урина низ автобуските станици и слично.
    Wi-Fi има во одредени паркови, при што треба да се купи ваучер (1h = 2CUC) за што честопати се чека во ред по саат време (зависи од локацијата), затоа би препорачала прва прилика да си купите онолку колку што мислите дека ви е потребно за цел престој. Исто се однесува и за менуваање пари - редиците се долги и во менувачниците и во банките.
    Во секој случај, неповторливо искуство, 15 дена ми беа прекратки. Доколку некој планира да оди наскоро, имам собрано контакти од куќите во кои бевме сместени и може слободно да ме контактира за било какви информации.
    Кој е љубител на овошје ОБАВЕЗНО да проба mamey. За жал најдов само два пати во Хавана. И друго што заклучив - во Хавана ми беше поисплатливо да си купувам кокос од што шишенца со вода. Донесов два кокоса во МКД. Некој носи рум, некој кокос. Тоа е. И каснете си јастогче за евтина пара.
    Фидел брзо го прежалиле. Немаше некои траурни објави, билборди, натписи... Единствено во Санта Клара имаше знаци дека некогаш и негде el comandante владеел со државата. И во Хавана најдовме една мултимедијална презентација за неговиот лик и дело, која беше прикажана на 7-8 Apple TVs. Oh, the irony.
    И одете побрзо. Веќе сите имаат смартфони, лед телевизори, се продава Coca Cola, Pepsi, Fanta и 7Up од Мексико.

    П.С. Земете некој час по салса пред идење, да не се осеќате ко мене (читај - идиот).

    Поздрав

    ReplyDelete
    Replies
    1. Аууу одлично, фала ти многу Даница! :) Ми се приоде пак, да барам mamey :D
      Веројатно кога и да се отиде пак ќе биде интересно искуство, само штета што таа уникатност наскоро ќе исчезне, па и по цена на *режимот*.
      Фала уште еднаш за коментарот и голем поздрав! :)

      Delete
    2. Здраво Даница,

      Планирам да одам во Куба, дали може да ми пратите контакти од местата каде што бевте сместени и дали сте задоволни од нив?

      Delete
  5. Поздрав до сите, прекрасни искуства, исцрпни информации. .....
    Дали може да ни кажете кој период е најдобар за одмор во Куба?ние би сакале крај на Јули и почеток на Август.
    Исто така која е најкратка опција за лет? имаме мало дете:)
    дали може линнкови од сместување, префреираме хотели.
    Поздрав

    ReplyDelete
    Replies
    1. Здраво и фала на коментарот :) Нашето лето таму е период на дождови, така што иако е топло, не е баш најдобар период за посета... најпопуларни периоди се од декември до февруари ама тогаш и цените се највисоки (затоа ние бевме периодот октомври-ноември).

      Во хотел единствено може да ви го препорачам тој во Варадеро и тоа во бунгаловите (сосема исто како хотелска соба, но поблиску до плажа и помирна околина); во другите градови бевме сместени во куќи/соби (касас партикуларес) како што имам напишано. Во коментариве може да проверите и од други луѓе за препорака на хотели.

      За летови секако мора минимум два, опциите за најкратко мора да е од Скопје, на пример Скопје-Истанбул-Хавана (со Туркиш ерлајнс), евентуално со малку повеќе префрлање и евентуално преспивање до Ајндховен со визер па потоа од Амстердам со KLM до Варадеро или Хавана, има конекции и од германските градови Берлин, Дизелдорф и Франкфурт (Air Berlin) како и преку Париз (Air France).

      Поздрав!

      Delete

.