Скијање во Цилертал, Австрија


Leave a Comment
Како најдобро да ја почнам новата година од планирање на нова тура скијање и навраќање на ланското? :) Она што минатата година ни беше најлесно за одлука беше дека ќе одиме на скијање во Австрија или Германија (па што сака нека биде), а она што беше најтешко беше да се одлучиме баш во кој ски центар би оделе... изборот е огромен!

Еве како изгледаше мапата на местата за кои сме слушнале или знаеме некој кој бил таму... хаос.




Бидејќи планот беше да одиме со другарите кои живеат во Минхен (повеќе за Минхен: дел 1, дел 2) со лет до таму, изборот беше помеѓу германскиот Гармиш Партенкирхен и некој од центрите во Австрија кој би бил поблиску за патување со воз. Датумот го планиравме по 15-ти Март бидејќи тогаш завршува сезоната и ски-картите и сместувањата се далеку поевтини од цените во екот на сезоната.

Лани скоро и да немаше снег кај нас, а во Гармиш беше слична ситуацијата, па, благодарение на препораките од другаровите колеги кои одат во Австрија на еднодневно скијање, на крајот се одлучивме да одиме во долината Цилертал (Zillertal) и да се сместиме најблиску до ски-центарот Хохцилертал (Hochzillertal). 

Она што е интересно за оваа долина е што во неа има 5 големи скијачки центри, во кои ако се купи ски-карта за повеќе од еден ден, истата важи во кој било ски-центар во околината. Центрите се поврзани со мала стара железница која почнува во Јенбах (Jenbach) и завршува кај гратчето и ски-центар Маерхофен (Mayrhofen). Од секоја железничка станица близу до ски-центар до главната гондола на центарот има организирани ски-автобуси кои го чекаат возот - и целиот превоз и со воз и со автобус низ долината е бесплатен доколку сте со скијачка опрема, FTW!

Ние се сместивме во селцето Рид им Цилертал (Ried im Zillertal) од каде фаќавме автобус блиску до сместувањето (не мораше и воз) кој нè носеше до самиот почеток на гондолата и почетокот на ски центарот Хохцилертал во гратчето Калтенбах (Kaltenbach). Малку звучи збунувачки со сите имиња и парови место-центар, ама сè си функционира супер и од сместувањето до влегување во гондола ни требаа 10-15 минути.

Долината Цилертал со сите ски центри
Возот Јенбах - Маерхофен со обележани станици од кои почнуваат ски-центрите



Основни факти за патувањето

Период: 15-19.03.2014
Број на патници: 4
Јазик: германски и англиски
Валута: евро
Буџет: 400€ (без деновите во Минхен)
Виза: не треба (Шенген зона)
Не заборавајте: испринтани резервации, пари, пасош, ако носите скијачка опрема и крем за сончање :)

Превоз:

  • авион Скопје - Мемингем (Минхен) со WizzAir [со два куфери и торби со чизмите за скијање како рачен багаж, без скии нè чинеше 90€ по човек] + автобус до Минхен
  • Воз од Минхен до Јенбах со германски железници
    • на одење моравме со менување воз во Куфштајн - 29,2€ по човек, 
    • на враќање нè чинеше 33€ бидејќи цената зависи од периодот во денот и се менува во текот на времето
  • Воз од Јенбах до Рид им Цилертал со ски-вовчето (картата ја купивме на автомат во Јенбах) - 4,3€ во правец
  • Вкупно (авион, автобус, воз, воз): ~190€ 
Бидејќи седевме 5-6 дена и во Минхен, превозов се исплатеше, инаку веројатно за четворица поевтино е одењето со кола кое ќе го размислиме за некој следен пат :)

Ски-карта: 5-дневна ски-карта која важеше за сите центри во долината, после 15-ти Март беше 195€ (или 39€ на ден, но еднодневна беше 47,5€). Сега еднодневна е 49€ и не зависи периодот пред/после март, па сегашните цени може да ги видите тука.

Да се носат скии или да се изнајмат?

Уште поголема дилема од тоа каде да одиме беше дали да ги носиме сопствените скии или да изнајмиме таму. Во Wizzair се доплаќаше 25€ по правец за спортска опрема (во моментов полето за цена на нивниот вебсајт е празно?) каде мора да се спакувани во торба, но може да се склопат 2 пара скии во една. 

Бидејќи најдовме скии за изнајмување за 92€ за петте дена за двајца (или 9,2€ од ден по човек, горе-долу колку на Маврово), па наместо да влечкаме 2 куфери + 2 пара чизми + 1 голема торба со скии од аеродром до Минхен преку метро и автобус до станот на другарите па преку 3 воза до ски-центарот, одлучивме сепак скиите да ги изнајмиме. Скии плус чизми чинеа 135€ за двајца за петте дена, но сепак се одлучивме да ги носиме сопствените чизми со нас.

Сместување


Како што спомнав претходно, баравме сместување во близина на ски-центарот Хохцилертал кој почнува од Калтенбах. И сместувањата навистина не беа евтини... на крајот, успеавме да најдеме апартман со најевтина цена со две спални соби, купатило и мала кујничка со трпезарија, сосем доволно за 4 ноќевања/5 дена. 

Сместувањето беше во апартманот Маркус, кој беше дел од фамилијарниот бизнис на хотелот Грилхоф, па како гости во апартманот смеевме да го користиме спа-центарот од тој хотел, јеее :) Во апартманот имаше и простор за оставање на скиите со сушачи за чизми.

Цената беше 120€ од вечер + 1€ по човек за туристичка такса од ден + 75 € за чистење, вкупно 571€ за четворица, односно ~36€ по човек од вечер.

Ешко и австриските ликерчиња нè дружеа навечер

Во близина на апартманот имаше супермаркет со евтини цени (отприлика колку кај нас), така што јадевме во апартманот и по малку мезевме за време на пауза во бачилата на ски-терените.

Цените на бачилата беа сосема пристојни со пиво за 2.5-3€ и голема порција компирчиња од 4-5€. На сите бачила и скоро на сите постојки на жичарите има бесплатен интернет!

Малку фотографии од Рид им Цилертал, иако е мало селце е супер средено и чисто со стари куќи во дрво... и сепак мириса на фарма :D

На железничката станица










Hochzillertal & Hochfügen

Ски-центарот Хохцилертал преку еден од неговите врвови беше поврзан и со ски-центарот Хохфуген, така што три скијачки дена поминавме на овие терени. Времето беше топло, со исклучок на еден ден кога врнеше снег и имаше магла, но попладнето се расчисти и беше супер. Последните денови при крајот на денот на долните тересни веќе снегот знаеше да се раскашави, но на високите тересни беше одличен и не се споредува колку се одржувани во споредба со нашиве ски-центри. 

Најубави терени ни беа црвените и црни на југот (најлево на сликата) и црвените пред прелазот кон Хохфуген. Теренот на Хохфуген воопшто не беше добар, на делови беше со тумби, на делови раскашавен, така што отидовме само еднаш и се вративме назад. Ама имаше добар поглед :)

Мапа на Хохцилертал (лево) и Хохфуген (десно)





Над јужните терени :)


На магливиот снежен ден

Единствена фотографија од Хохфуген, иако е најсеверно, имаше најлош снег

Во најнискиот дел веднаш после гондолата, кон првото бачило

Во најјужното бачило





Под прелазот кон Хохфуген



Zillertal Arena

Третиот ден отидовме до Цилертал Арена... и се заљубивме. Најубаво истапкани стази и чиста уживанција за скијање, единствен центар кој беше свртен кон запад и го печеше сонце во текот на целиот ден. Преку првиот врв се надоврзуваше кон уште неколку врвови, така што само стазите што беа во близина на гондолата ги искијавме по два пати. Буквално цел ден скијавме на различни терени одејќи до крајот на центарот и назад, и пак не стигнавме сосема до крај. 



Мапа од Цилертал Арена. Интерактивна мапа тука.



На еден од прелазите

Mayrhofen: Penken & Mayrhofner

Маерхофен ја има една од највисоките најстрашни гондоли што некогаш сме ги виделе и тоа нема простор за седење туку само за потпирање од страните. Не гледавме многу надолу :)

Ски-центрите до кои се пристапува преку Маерхофен се Пенкен и Маерхофнер. Денот ни се погоди премногу топол, па во долните стази беше малку раскашавен снегот. Стазите беа супер, а погледот дефинитивно беше најспектакуларен кон Алпите на југ.

Тука се наоѓа и најстрмната стаза во Австрија наречена Харакири, со наклон од 78% [туѓо видео]. Еден од нас ја помина, не бев јас :)

Во близина е и центарот Ахорн (Ahorn) кој исто гледа кон запад, но изгледаше дека има само стази за почетници, па го скокнавме.

За жал немавме денови да отидеме и на глечерот кој се наоѓа во близина на Маерхофен (немаше пристап преку ски-стаза), ама ете, си оставивме нешто и за друг пат.

Лево: поглед кон гондолите во споредба со градот; Десно: поглед од внатре од гондолата

Ах.


На највисокото бачило


Ако го преживеете Харикири, имате знак за сликање и дозвола за селфи :)



Толку од ова скијање, ако имате друго место за предлог, кажувајте, треба да се планира и овој март :) 

Tschüss!

0 коментари:

Post a Comment

.