Мајорка


2 comments
Иако сум пред тргање на друг одмор и имам уште еден пост за пишување за Дубаи (не одете летово на 50 степени!), одлучив (кхм, малку доцна) пред-летно да споделам информации за едно постаро патување за кое често ме прашуваат... за најпрекрасниот остров што може да го замислите и посетите во Европа! 

Мајорка (Mallorca шпански, Majorca каталонски) е шпанско-каталонски остров кој спаѓа во Балеарските Острови (Каталонија) со главен град Палма (де Мајорка) и кој нашите агенции доста често го нудат во своите аранжмани... мојот одмор го споделувам од причина што - за истите пари за кои со агенција би дремеле на просечна плажа со милион пијани туристи - си поминав многу поубаво прошетувајќи го целиот остров и откривајќи ги најубавите плажи со големо весело друштво.

* Нагласувам дека ова беше пред три години, па гледајте да си ги ажурирате податоците преку линковите пред да ги земете цените здраво за готово :)

Жал ми е што тогаш бев во период без апарат, така што сликите се здиплени од интернет и од другар ми Дики! - фала ти за дозволата да ги користам :)


Cala Ferrera, Cala d'Or  (flickr.com/photos/ester68)

Основни факти за патувањето


Период: 23.07-01.08 (2010)
Број на патници: 8
Јазик: каталонски и шпански; иако знаат и англиски (особено во туристичките места каде што владеат Британци), шпанскиот е ултра-корисен ако патувате во своја режија
Валута: евро
Виза: не треба (додека се уште не ни требаат визи за Шенген зона)
Не заборавајте: лекови, аутан, креми за сончање со фактор над 20, ханзапласт, испринтани карти и резервации, патничко осигурување, мапа со плажи, ќе ви се најде инсталиран софтвер за навигација кој работи офлајн (како Navigon, на пример)
Патување низ земјата: дефинитивно рент-а-кар (бирајте друштво деливо со 4)
Безбедност: Супер безбедно, иако има полиција заради пијани Британци со изнајмени коли, најчесто нема никакви проблеми и сѐ е на база на доверба... па и нема каде да бегате од островот :)
Сместување: има хотели преку агенциите или на booking.com; ние изнајмивме цел апартман (за тоа подетално подолу)
Храна: бидејќи одевме low budget и сите пари ги штедевме да имаме за кола, претежно јадевме храна од супермаркет (дури и поевтино од дома), освен само неколку пати што седнавме на ручек/вечера/коктел/сангрија


Авионска релација


Ние бевме со чартер преку агенција од Скопје до Палма - проблем е што таква можност само за купување на лет ни беше укажана само тогаш благодарение на тоа што се појавивме во мај и отидовме со спремни пари пред уште да почнат да собираат луѓе за одење... Пријатели што подоцна бараа од истата агенција, не им беше дозволено да купат само карти за авион (затоа не го ни спомнувам името на агенцијата).

Другите алтернативи за да се стигне до Палма се многу покомплицирани и најчесто со 1 до 2 ноќи преспивање на место за смена на авион, а некогаш и смена на аеродром (сметајте дополнителни трошоци).

Опциите во моментов се следни:
  • Директен од Софија со Bulgaria Air (ако се бара со време, март-април, може да се најде под 250€) 
  • Скопје - Милано (Бергамо) со WizzAir
    • Милано (Бергамо) - Палма со Ryanair ИЛИ 
    • Милано (Малпенса) - Палма со Easyjet
  • Скопје - Рим со BellAir
    • Рим - Палма со Easyjet ИЛИ 
    • Рим (Ciampino) - Палма со Ryanair 
  • Скопје - Минхен (Мемингем) со WizzAir + 
    • Минхен (Мемингем) - Палма со Ryanair

Рент-а-кар


Најчесто кога се изнајмува кола, потребно е да се плати однапред, па да се гарантира со огромни суми резервирани на *КРЕДИТНА* картичка дека колата нема да биде оштетена (или да се покрие евентуално оштетување), па се доплаќа екстра за подигање на кола од одредено место подалеку од канцеларијата, итн.. Наша среќа (и успех на двајца членови од друштвото кои беа задолжени да најдат коли) беше тоа што најдовме агенција, иако од друг град, која не бараше никаква гаранција, не моравме да плаќаме ако ја оштетиме колата (беа каско осигурани) итн.

Долго време размислувавме дали да земеме кола за 3-4 дена, на крај заклучивме дека најисплатливо ни е да ја земеме за целиот престој од аеродром на пристигнување, до аеродром на заминување.

Колите нѐ чекаа на аеродром (ни кажаа модел и во кој сектор ќе бидат паркирани во катната гаража), со договорот и клучевите во нив. Требаше и да го платиме паркингот од моментот на влез на колата на паркингот на аеродром до моментот ние додека да ја изнесеме (што испадна дека беше помалку од 1€ бидејќи брзо излеговме од аеродром и всушност на паркингот чекавме да ги донесат колите во договореното време).

Агенцијата Rosslind се наоѓаше во Санта Понса (Santa Ponsa, југо-западно од Палма) каде моравме да отидеме да ја платиме сумата во рок од 48 часа (иако оставивме картица за резервација преку сајтот, не беше ништо наплатено). Во случај да не ги подигневме колите во рок од 48 часа ќе ни наплатеа од картичките.

Колите беа втора класа по цена - две Форд Фиести (најевтините немаше да нѐ соберат со се багаж) кои нѐ чинеа околу 100€ по човек за 10 дена + бензин околу 20-30€ (нема патарини).


Сместување


Баравме во повеќе места и преку повеќе сајтови, но за жал Google Wave ми е укинат и ја немам зачувана целата историја на планирањето... местото каде што на крај одлучивме да се сместиме беше Кала д’Ор (Cala d'Or = „Златен залив“) сосема на истокот на Мајорка и го резервиравме преку локална агенција Open door properties, преку сајтот Owners Direct на следниов линк. Адресата беше Ferrera Park nº 410, мапа тука.

комплекс апартмани Ferrera Park [Фото: Дики]

Локацијата беше фантастична, иако бевме скоро на другата страна од Палма. Самиот апартман со 4 соби беше сместен на работ на една од неколкуте „кали“, заливчиња, со мала чиста тиркизна плажичка - Cala Ferrera, морето ни беше под нос под карпите, а плажата ни беше на 50-100 метри одење по мала патека покрај апартманските комплекси. Погледот - неверојатен.

Поглед од апартманот [Фото: Дики]
Поглед од апартманот (без прозор) [Фото: Дики]


Апартманот имаше 2 купатила, 4 супер соби со брачни кревети, дневна и кујна, тераса со скара на покрив (која не ја искористивме) + мала тераса од 12м2, најубав поглед, мали интимни плажи, базен во комплекс (можеше да се користи).
Немаше: микробранова, тв, клима, гужва и журки и беше на поткровје, но не беше премногу жешко внатре и немавме потреба од клима.

Апартманот [Фотос: Open door properties]





Цената за ова задоволство беше 1220€ за 9 ноќи (околу 17€ по човек од ноќевање) + 200€ депозит кој ни го вратија последниот ден, 20% имавме платено однапред за резервација преку банкарска трансакција.

На неколку минути пешки имавме неколку големи супермаркети, а на десетина минути пешки стигавме и до центарот на Cala d'Or каде веднаш се забележуваше потуристички дух - со ресторани, коктел барови и клубови. Иако не шетавме многу навечер, премногу бевме уморни од патувањата преку ден, една вечер прошетавме во центарот и седнавме во едно од ретките ресторани кои работеа после 10 навечер - „Toni No.1“ :) Порачавме тапас - мали порциички со различни јадења (ракчиња, крокети од компир, лепчиња со домат и маслиново масло, итн) за околу 20€ по човек со по една пијачка.

Островот не е премногу голем за лесно да се сврти цел со кола, па дневно во просек поминувавме по 100км.


Места и плажи


За период од 10 дена прошетавме многу, но сепак не стигнавме секаде каде што сакавме... мислам дека ако застанувавме на секое можно патче кое води кон вода, немаше да имаме утка (ако се избегнуваат екстремно населените туристички места). 

На мапата ги има означено сите места на кои што бевме и се подолу во текстот.


Поголема мапа тука: Mallorca places 2010



1) Cala d'Or 

Првиот ден откако стигнавме и се сместивме, попладнето бевме на нашата плажа во Cala Ferrera, која беше малечка и имаше доста гужва од околните хотели. Иако водата во плиткото беше матна заради гужва и деца што си играа, кон подлабокото беше кристално чиста.

Cala Ferrera [Фото: Open door properties]

Најубавиот дел од тоа што бевме блиску до оваа плажа дефинитивно беше можноста после возење цел ден низ островот да направиме спонтано ноќното капење со цела плажа само за нас :)

Cala Ferrera [Фото: Open door properties]

Последниот ден стигнавме да ги прошетаме и сите останати плажи во Cala d'Or, со апостолки на нас и по една крпа преку рамо, отидовме најдалеку до плажата Cala d'Or и се враќавме назад кон нашата преку Cala Gran и Cala Esmeralda, на сите се брцкавме по малку, се сушевме и продолжувавме. И дефинитивно заклучивме дека нашата беше најубава, со најмалку гужва и најчиста вода :)

Заливчињата на Cala d'or [Фото: dirk-oberschelp.de]


2.1) Santa Ponsa

Следниот ден моравме да платиме кирија за колите, па извозевме назад до Палма и се симнавме на југ до Санта Понса. Отидовме таму и на плажа, но не беше ништо посебно, малку матна вода и блиско пристаниште, но она што беше интересно за тука беше тоа што во паркот низ кој поминавме имаше јата од папагали тигрици кои слободно си леткаа и колваа наоколу.

Паркчето во Санта Понса [Photo by flickr.com/photos/pendle]

2.2) Portals Vells

Бидејќи не ни се допадна плажата во Санта Понса, се упативме кон север покрај обала и мали тесни патчиња до Порталс Вељс, залив со три помали заливчиња и бидејќи не знаевме на кое да скршнеме, отидовме на најсеверното кое испадна дека е пристаниште и имаше малецка плажа која беше преполна. 

Видовме дека луѓе се движат кон југ преку мал рид и се упативме натаму... и малку средното заливче беше нудистичка плажа :) 
Панорама од Portals Vells (пристаниште) [Фото: Дики]

Продолживме кон најјужната плажа и местото и водата беа едни од најдобрите на кои наидовме. Ситен песок, кристално чиста вода и не многу народ. Тука имаше и мало ресторанче и паркинг до кој можеше да се стигне ако скршневме кон југ на мало раскрсниче на доаѓање натаму.

Кон делот за облечени :) Јужна плажа [Фото: Дики]

2.3.) Magaluf

Од Порталс Вељс се враќавме доцна откако се стемни, но бидејќи знаев луѓе што претходно биле на одмор во Магалуф, одлучивме да застанеме и да прошетаме ноќе да видиме како е. Се симнавме покрај хотели до главната плажа која беше огромна и пространа, но не се гледаше каква е водата, она што ми го кажувале е дека има многу гужва и водата е малку валкана.

Она што мора да се знае дека Магалуф е дувло за британски туристи, па така откако го поминавме делот покрај плажа каде што немаше жива душа и се чудевме каде се луѓето - штом скршнавме кон центар по главната улица сѐ ни стана јасно - луѓето се влечеа по тротоари дамла пијани одејќи од клуб во клуб, пред чии врати девојки во долна облека ги привлекуваа да влезат. Машки спиеја онесвестени на автобуска клупа, девојки со соблечени штикли ги проверуваа дали се живи, трети купуваа маски од локалните тезга-продавници, итн... местово е само ако сакате да се журкате до смрт со (неподносливи) Британци на одмор, бегајте ако сакате мир.

3) Cala Mondragó

Третиот ден на моја посебна желба, се упативме кон плажа во близина на Cala d'Or кон југ која е дел од национален парк. До Кала Мoндраго се стига по регионални патчиња, се паркира негде во паркот и се пешачи 10-15 минути до една од плажите на заливот во форма на Т (две плажи на краевите).

Cala Mondragó [Фото: balearsculturaltour.net]
Ова е плажа која дефинитивно ми остана како омилена, не е многу позната меѓу странските туристи и претежно имаше шпански туристи и локалци. Северната плажа на која стигнавме беше прилично урбана, со мали ресторанчиња и лежалки, додека јужната до која се стигаше преку убаво уредена патека, беше сосема напуштена и единствено имаше еден човек под чадорче што продаваше пијалаци од фрижидерче.

Ситен песок, кристално чиста незаматена вода, се слуша само шпански и каталонски јазик... да можев, цел одмор би го поминала тука :)

од патеката меѓу двете плажи [Фото: Дики]

од патека на северниот крај, се гледаат двете плажи [Фото: Дики]

од патеката меѓу двете плажи, поглед кон северната [Фото: Дики]

4) Cala Romantica


Четвртиот ден врнеше претпладне, па по дождот фативме на север надевајќи се дека нема да заврне. Застанавме во Кала Романтика, обележана како една од поубавите плажи во тој дел и навистина беше така, арно ама времето не нѐ послужи долго. Нагло почна да ни врне, трчавме да ги префрлиме работите во кола, па трчавме назад да се бањаме на дожд :) И еден саат после тоа чекавме во кола да преврне за да ги собереме мокрите алишта :D

Кала Романтика во тмурно издание [Фото: Дики]

5) Западен брег: Banyalbufar, Valldemossa, Sa Calobra

Петтиот ден намерно го оставивме на средина и беше најнапорен во агендата бидејќи одлучивме да го прошетаме западниот брег кој е единствен дел од островот со стрмен планински венец, но вреди да се прошета. Овој дел бидејќи целиот се вози низ планини се вози доста поспоро, па ако се одлучите да одите, резервирајте си го целиот ден за овој регион. Мислам дека ние извозевме околу 180км тој ден.

Ја заобиколивме Палма и прво отидовме сосема на западниот брег до местото/селото наречено Бањалбуфар кое иако нема плажа (делува некако како запуштена индустриска зона), местото е многу интересно поради тоа што е стрмно и има изградено вештачки тераси на кои има насадено дрвја/овоштарници. Погледот очекувано - е неверојатен.

Banyalbufar [photo: traveleye.com]

Оттаму се упативме кон Ваљдемоса, едно од најубавите местенца на цел остров и тоа го начекавме во време на ф(и)еста - денови кога градот слави патрон празник. Целото градче беше украсено со ленти, јадевме турон (turrón, вид тврда алва, пазете на забите) и прошетавме околу познатиот манастир.

Уличка кон центарот на Ваљдемоса [фото: Дики]

Интересно е што во одреден период во почетокот на 19 век, катедралите биле продавани на приватни сопственици кои примале на гости познати личности... поради тоа што дел од животот Шопен и љубената Жорж Санд живееле таму, има и музеј посветен на него и перче од неговата коса кое таа го носела со неа по неговата смрт. Има и статуа пред музејот чиј нос требаше да се штипне, ама не ми текнува зошто :)

Ние сме тие, ја и Шопен со носевите [Фото: Дики]

Главната причина зошто се потегнавме да ги возиме сите планини на западот беше најнедостапната плажа на целиот остров - Са Калобра. Патот до таму беше доста заплеткан, особено при спуштањето од регионалниот планински пат до плажата, каде имаше многу серпентини и на делови имаше простор за само една кола да помине, а карпи висеа одозгора. Во доста мал простор се симнува од околу 1200 метри надморска височина до пристаништето Са Калобра.

Онака, лајт... [Фото: panoramio.com/photo/30490594]


Еден од најтесните делови од патот низ пештера  [Фото: Дики]

Во долниот дел кај пристаништето има паркинг кој скапо се плаќаше, ми се чини околу 4€ или 8€ на час и затвараше порано, па немавме проблем да платиме за час-два поминати таму.

Sa Calobra [Фото: Дики]

Од пристаништето има пролаз низ пештера и се стига до плажата Торент де Пареис (Torrent de Pareis) која во зависност од периодот од годината и плима/осека е или достапна или треба цели нозе да ги наводените за да поминете низ дел како река за да излезете на самата плажа.
Плажата во моментот беше малку разочарувачка бидејќи беше малку валкана од бранови и бродови, а самата плажа имаше поголеми камења иако на сите слики ни изгледаше дека е песочна. Исто така, бидејќи бевме попладне, веќе скоро цела плажа ја имаше фатено сенка, така што ако го тепате патот, одете порано :)

"Реката" што треба да се помине до плажата (во центар) [Фото: seemallorca.com]

6.1) Cala de S'Aguila


Шестиот ден ни беше замислен малку поблиску, точно на северо-исток.

Прво отидовме на плажата С’Агила, каде плативме за паркинг со стреа (не ми текнува колку, веројатно околу 4€ за цел ден). Плажата е доста пространа, со ситен песок и бистра плитка вода до десетина метра кон длабочина, а дел од плажата веднаш до водата беше со карпи преку кои се поминуваше... плажа доста интересна за сликање, топла и плитка вода, ситен песок.

 S'Agila [Фото: Дики]

 S'Agila [Фото: Дики]

Ме убедија со тешки маки да пливаме во длабокото каде имаше паркирано јахти и водата беше неверојатно тиркизна. Во длабокото имав мала незгода, нормално дека мене ќе ми се случи да ме касне медуза на грбот и да ми се згрчи цела рака :) Среќа успеав да испливам без проблем, а дечкото од Црвен Крст кои се дежурни на плажата ноншалантно ми шприцна крема за друг да ми ја размачка. Забелешка: На ниедно друго место ниту во плиткото НЕ видовме медузи, кхм, се разбира.

Резултат од Медуза + Црвен Крст [Фото: Дики]

6.2.) Cala Mesquida

Оттаму продолживме по северниот брег малку на запад до Кала Мескида, каде има населба на повисок рид со неверојатен поглед и оттаму се спушта до плажата. Другари што биле претходно ни ја испофалија како една од најубавите плажи, но ние кога стигнавме имаше доста од кафените суви алги по целиот брег и на плажата и во морето. 

На ридчето западно (лево) од плажата [Фото: Дики]

Туристичка населба низ која поминавме до плажата [Фото: Дики]

Кала Мескида [Фото: Дики]

Сепак останавме таму попладнето, пиевме коктелчиња и кога се расчисти плажата пред зајдисонце, надојде некоја струја и ги однесе сите алги... и водата стана фантастична за пливање во рок од пола саат.

Некогаш мора да се опуштиш и да платиш коктел :) [Фото: Дики]
[Фото: Дики]

8) Ses Covetes + Es Trenc

Намерно скокам една бројка и го оставам денот поминат во Палма де Мајорка на крајот, за да не ми се меша со плажите :)

Една од најубавите комбинации на песок + чиста топла вода беше и Сес Коветес. Кога ќе се стигне до местенцето, каде има и простор за сместување, доаѓате до раскрсница - лево кон исток за плажата Es Trenc која е една од најубавите плажи и кон десно, плажата на Ses Covetes која го има поубавото зајдисонце (иако во пристаниште, ама ок). 

Ние прво отидовме кон лево кон Es Trenc, плажата која ја има на листите за најдобри плажи, и иако имаше алги на почетокот на плажата продолживме кон центарот... и се појавуваше тек-тук по некој гол човек, додека не почнаа сите да се голи... и тоа стари голи! И така после налетување на една расчепатена баба, се свртивме наназад и отидовме на западниот дел :) 

Тука имаше и барче покрај плажата каде пиевме по една каталонска клара, т.е. радлер :)

Сес Коветес (запад) [Фото: Дики]
[Фото: Дики]
[Фото: Дики]
[Фото: Дики]



9) Alcúdia

Алкудија е место на северот на Мајорка со огромни плажи и хотелски комплекси што се протегаат до Can Picafort, за кое еден дечко од агенција ни рече „остајте ја сега Алкудија, таму ќе идете кога ќе правите по 2000 евра плата“... и отидовме онака да видиме што е до толку прекрасно - и најверојатно се хотелите, зашто плажата беше за нигде :) 

Веројатно и ни се погоди ветровит ден со бранови, водата беше плитка, матна и валкана и имаше премногу народ... сосема типично туристичко место, ама ние се научивме на поубаво, па само прошетавме малку и се вративме на нашата плажа.

Делува убаво, ама не беше најубаво... [Фото: Дики]

Алкудија [Фото: Дики]

10) Други плажи

Кои не стигнавме да ги видиме ама ги имавме во список се:

  • Sant Vicenç, во близина на Port de Pollença, северо-запад (мапа)
  • Cala Deia, не ни се губеше време да се симнуваме до неа, запад (мапа)
  • Cala Mayor, најблиска до Палма, меѓу хотели и интересен залив со барчиња и ресторани, југ (мапа)
  • S'Arenal, на исток од Палма со еден куп хотелски комплекси, мислам дека е слична со Алкудија - многу туристи, голема плажа и валкана вода; и со Магалуф со тоа што има пијани (покултурни) германски туристи (мапа)
  • Cala Ratjada, блиску до Cala de S'Aguila, северо-исток (мапа)

--- 

7) градот Палма

Еден ден одвоивме и за прошетка низ градот Палма (де Мајорка), паркиравме покрај пристаништето каде има бесплатен паркинг, иако има малку гужва. Треба да се внимава местото да е обележано со бела боја, ако не е, тогаш има казни! Ако е означено со сино, тогаш се плаќа, ама тоа е најчесто низ центарот на Палма или густо населено место.

Катедралата видена од пристаниште [Фото: Дики]
[Фото: Дики]

Прошетавме покрај пристаниште, низ паркчиња, до главната катедрала и тврдината околу неа.

Астрономски часовник [Фото: Дики]
[Фото: Дики]

[Фото: Дики]

[Фото: Дики]

Катедралата La Seu [Фото: Дики]

[Фото: Дики]

Па низ помали улички и плоштатчиња (каде ручавме), поминувајќи покрај куќи градени од Гауди, стигнавме и до главниот плоштад, т.е. Plaça Major.

Улица низ Палма (покрај историски музеј) [Фото: Дики]

Главната улица на Палма [Фото: Дики]
Гауди [Фото: Дики] 
Гауди [Фото: Дики]
Бидејќи не се сеќавам точно каде шетавме, најдобро е да се земе мапа од инфо-штанд каде се обележани сите знаменитости и да се оди по неа.

Вечерта искористивме и некој саат за шопинг во трговскиот центар Porto Pi на излезот на градот кон запад, по патот што поминува покрај пристаниште.

Ако сте за ноќен живот има две дискотеки покрај пристаништето од кои го видовме влезот од најпознатата - Tito's, ама бевме денски и не издржавме да отидеме навечер.


---
Убави локации од една од рекламите за пивото Естреља Дам, кои секоја година објавуваат по едно видео за промоција на каталонските локации за одмор :)

 

Ако се снајдете со летови, најтопло ви препорачувам да отидете и да не запрете од шетање додека сте таму... најубав остров до сега на кој сум била со преубави тиркизни песочни плажи кои не се доловуваат на слика.

Немам детални трошоци за ова патување, ама сето ова е остварливо со буџет од околу 700€ - не ги давајте по агенции за најевтин аранжман ако сакате вистински да го доживеете островот :)

Бон вијатџе!

2 comments: Leave Your Comments

  1. Неколку други работи:
    - Кога почнува сезоната (крај на мај) Мајорка е „пренаселена“ од германци. Буквално ги има секаде, доаѓаат тогаш и остануваат до Септември. Менијата низ градот се секогаш прво германски, па шпански па на крај англиски.
    - Секое сабајле ќе видите млади пијани германци како се тетерават по плажите. Имаат некој си ритуал кога се на Мајорка пеат некои си песни. Ова го видов неколку пати.
    - Шоферите на јавниот превоз не разбираат и не комуницираат на англиски (треба снаодливост и гестикулации за снајдување. Информаторот гласовен во автобусот е САМО на шпански. (Следна постојка - Proxima parada, во сон го знам ова).
    - Пак да потенцирам дека мора да се стави крем со висок заштитен фактор. Јас немав ставено и од една обична едночасовна прошетка првиот ден јас изгорев на рацете. Брзопотезно.
    Ако ми текни уште нешто, не допишам.

    ReplyDelete
    Replies
    1. Еј, супер, фала за коментарот! :)

      - пишав дека ги има Германците во S'Arenal, ама во Палма не приметив дека се до толку на секој чекор... во секој случај гласам за избегнување на ептен популарни места кои ги има во сите понуди од агенциите :)
      - не напишав ништо за јавниот превоз, зашто цело време се движевме со кола, ама да, добро е да се знае... покриени се само најпопуларните плажи во близина на Палма и поголемите градчиња до кои има редовни линии. Секако, шпанскиот/каталонскиот не е на одмет, ама снаодливи сме благодарение на Касандра ;)

      Delete

.