Конечно, после година и нешто од патувањето, на ред доаѓа да го завршам серијалот со последниве два поста - револуционерниов и уживантскиот - се надевам пред Нова Година :)

Санта Клара е последниот град што го посетивме пред одмориме на плажа во Варадеро. Се наоѓа во централниот дел на островот и е студентски град со еден од најценетите универзитети во светот.

Иако градот не е нешто посебно сам по себе, одењето не беше залудно - Санта Клара е градот каде сѐ е во знакот на Ернесто Рафаел Гевара де ла Серна, кој го знаете како Че Гевара - споменици, графити, реклами, како и официјалниот Музеј за Че и Мевзолејот каде тој почива заедно со уште 12 војници кои биле убиени со него.

Она што е интересно за овој блог пост е тоа што последната битка што го срушила режимот на Батиста во 1958/9 година и го означила крајот на Кубанската револуција се одвивала во Санта Клара и тој дух сѐ уште многу живописно може да се почувствува на улиците на овој град.

графит со Че на автобуската станица
Всушност, многу години се од моите патувања, ама една година од основањето на блогот и мојот прв пост за епското (скоро па како тоа на Одисеј :Р) патување на Куба! Оттогаш бев на Лефкада (најсподелуваниот и најискористениот пост!) и во Италија на концерт (да ги искористам новите летови на wizzair од Скопје до Венеција), а тука негде беше и службеното патување во Швајцарија.

Да не ги заборавам постовите кои се покажаа доста корисни со советите за визи (американска и британска), како и за летање со рачен багаж.


Си ветувам дека следниов месец ќе ги допишам уште тие 2 поста за Куба што ми останаа, а здравје - догодина ќе има и некое патување за кое што ќе пишувам година дена :) Во празните месеци, ќе се обидам да се навратам на по некое старо патување.

13.500+ посети на 15 постови (горе-долу еден месечно), преку 500 фотографии и барем двајца луѓе (колку што знам) што тргнале по нашите стапки на Куба - е многу повеќе од она што го очекував кога го креирав блогов само за да мотивирам повеќе луѓе од Македонија да патуваат во своја режија... и да, уште сме во црна дупка, ама некако е поплитка во последно време и тоа ептен ме радува!

Фала на сите што го читате овој мој патувачки дневник, ме охрабрувате да продолжам, ме прашувате и ги споделувате моите постови - се надевам дека ако не до сега, барем некогаш навистина ќе ви се најде содржината од блогов.
.