Обично за дочек на Нова Година со друштво бегаме на некоја планина во викендица, но немањето некое посебно расположение за дочекот, преселбата на двајца другари во Минхен и евтините летови до таму пуштени во Октомври нѐ натераа на првата покана за посета веднаш да одговориме со „да!“ :) По една пропуштена шанса за посета на Октоберфест уште во 2009-та, овој пат се радував на мојата прва посета на Германија, новогодишното баварско пивско искуство и доброто друштво што ме очекуваше.
Она што прво го дознавме е дека скоро цел град беше раскитен од божиќните декорации уште на 25-ти декември; но барем дел од центарот беше украсен, елката на главниот плоштад сѐ уште стоеше и беше останат само еден крисмас-маркет да ни сигнализира дека сепак доаѓаме за време на зимски празник.



