Јадрански роуд трип - Дел 3: Мостар


Leave a Comment


Не е баш дел од јадранскиот дел од патот, но одамна голема желба ми беше да го посетам Мостар, ем поради Стариот Мост и ем да пробам дали (босанските) ќебапи се подобри од нашите :D

Да не навлегувам во историјата на БиХ, повеќето добро сме запознати со неа (повеќе или помалку), но внимавајте - населението е прилично поделено на Хрвати (католици) и Бошњаци (муслимани), па од оние Хрвати што ги познавам од Мостар, знам дека се лутат ако ги наречете Босанци бидејќи се сметаат за Херцеговци. Од нив знам дека имаат и посебни училишта и факултети за Хрвати и Бошњаци, поделени места за излегување, итн.. до некаде и звучи познато. Единствено мешана е главната мостарска гимназија која е исто така интересно архитектонско дело во центарот близу до чаршијата.

Назад на убавите работи: Мостар има околу 100.000 жители, низ него поминува прекрасната река Неретва, има симпатична мала чаршија и изненадувачки има многу туристи. Името на градот доаѓа од чуварите на Стари мост (мостари) кој бил изграден во 16-ти век и е еден од најпознатите и најпрепознатливи мостови на Балканот (а можеби и пошироко) поради неговата големина и само еден свод што било значително архитектонско дело во тој период. За жал денешниот мост всушност е реплика завршена во 2004-та година бидејќи оригиналниот бил срушен во војната, а заедно со него биле реконструирани сите историски обележја во неговата околина, вклучувајќи ги двете кули од страните - Тара и Халебија. Во 2005-та мостот и неговата околина биле заштитени како споменик во UNESCO.






Од Дубровник ни требаа околу 2,5 часа да стигнеме, а на враќање 1,5 до пристаништето во Дрвеник. Паркиравме кај болницата (Dom zdravlja) за кое уште не сме сигурни дали беше баш легално (упс :D) и пешачевме до стариот град/чаршија.

Со оглед на тоа што имавме само 3-4 часа за обиколка, не истражувавме премногу, само прошетавме преку мостот низ живописната чаршија сѐ до Коски Мехмед-пашина џамија преполна со интересни сувенири и рачни изработки (патем до чаршијата видовме и доста разрушени згради кои никогаш не биле обновени по војната), ги погледавме скокачите кои за пари од публиката атрактивно се фрлаа од 21-метарскиот мост и седнавме на ручек.

Глетката од некои делови на чаршијата е преубава, има еден куп тераси покрај неа со ресторани со вкусна и евтина храна, веројатно каде и да седнете нема да згрешите, само внимавајте да ве однесат на место со добар поглед (најчесто влезот на ресторанот е сред чаршија и не знаете на која тераса ќе ве изнесат).

Ресторанот по случаен избор беше Тераса Лагеро - ќебапите т.е. ćevapi-те беа по 10KМ (се разбира - за 10ка), а пивото по 5KM; и морам да речам дека нема победник, слични се како нашите иако се кошкавме со келнерот дека нашите се подобри :P

Валута е Конвертибилна Марка (КМ) и курсот е ист како поранешните германски марки: 1€ = 2КМ, а скоро секаде низ чаршијата примаат и евра бидејќи се навикнати на работа со туристи. Во ресторанот плативме во евра, па со кусурот во КМ си купивме по некој сувенир - магнетите беа по ~2КМ.

Иако не шетавме премногу долго, чувството што го имавме таму многу нѐ потсети на дома, иако немаме река сред чаршија, имаме ќебапи и пивце во Дестан... ако патот ве води некаде во близина, топло го препорачувам градот за еднодневна екскурзија :)

Разрушена зграда која останала необновена по војната

Стариот град (чаршија)



Скокач чека да се присоберат пари од туристи за да скокне





...и дочека :)



Коски Мехмед-пашина џамија видена од Стари мост

Луѓе поминуваат преку лизгавите скалички на мостот 


Тераса Лагеро - ресторанот во кој седнавме подоцна (иако не знаевме на која тераса нѐ водат)



















0 коментари:

Post a Comment

.