Showing posts with label тура. Show all posts
Showing posts with label тура. Show all posts


Не е баш дел од јадранскиот дел од патот, но одамна голема желба ми беше да го посетам Мостар, ем поради Стариот Мост и ем да пробам дали (босанските) ќебапи се подобри од нашите :D

Да не навлегувам во историјата на БиХ, повеќето добро сме запознати со неа (повеќе или помалку), но внимавајте - населението е прилично поделено на Хрвати (католици) и Бошњаци (муслимани), па од оние Хрвати што ги познавам од Мостар, знам дека се лутат ако ги наречете Босанци бидејќи се сметаат за Херцеговци. Од нив знам дека имаат и посебни училишта и факултети за Хрвати и Бошњаци, поделени места за излегување, итн.. до некаде и звучи познато. Единствено мешана е главната мостарска гимназија која е исто така интересно архитектонско дело во центарот близу до чаршијата.

Назад на убавите работи: Мостар има околу 100.000 жители, низ него поминува прекрасната река Неретва, има симпатична мала чаршија и изненадувачки има многу туристи. Името на градот доаѓа од чуварите на Стари мост (мостари) кој бил изграден во 16-ти век и е еден од најпознатите и најпрепознатливи мостови на Балканот (а можеби и пошироко) поради неговата големина и само еден свод што било значително архитектонско дело во тој период. За жал денешниот мост всушност е реплика завршена во 2004-та година бидејќи оригиналниот бил срушен во војната, а заедно со него биле реконструирани сите историски обележја во неговата околина, вклучувајќи ги двете кули од страните - Тара и Халебија. Во 2005-та мостот и неговата околина биле заштитени како споменик во UNESCO.




Претходно: Јадрански роуд трип - дел 1: Патот

Првата дестинација ни беше Дубровник - легендарниот град во кој ако не сте биле досега, сигурно сте го слушале од вашите родители кои шетале низ Југославија или сте читале за случки во него во лектира во средно, а ако ни двете не се случај, тогаш од модерното доба сигурно го знаете како основа за креирањето на King's Landing од Game of Thrones :)

Поглед од кулата Ловријенац

Дубровник е неверојатен стар град со италијански шмек, со прекрасни камени улици, куќи и ѕидини околу цел град, со околу 40.000 жители ама и многу повеќе туристи од целиот свет. Може да се каже дека е најпопуларна, па и монденска, дестинација во Хрватска - особено во текот на летниот период. За жал бил бомбардиран во ’90-те, но за среќа целосно реконструиран, со тоа што Дубровчаните сè уште имаат поставено текстови и фотографии на надворешниот дел од музејот War Photo Limited, а зачувани се и куќи и улици со дупки од куршуми во ѕидовите за да го потсетуваат светот на овој факт.
.