Санта Клара: Куба - дел 8

30 November 2012 //
Leave a Comment

Конечно, после година и нешто од патувањето, на ред доаѓа да го завршам серијалот со последниве два поста - револуционерниов и уживантскиот - се надевам пред Нова Година :)

Санта Клара е последниот град што го посетивме пред одмориме на плажа во Варадеро. Се наоѓа во централниот дел на островот и е студентски град со еден од најценетите универзитети во светот.

Иако градот не е нешто посебно сам по себе, одењето не беше залудно - Санта Клара е градот каде сѐ е во знакот на Ернесто Рафаел Гевара де ла Серна, кој го знаете како Че Гевара - споменици, графити, реклами, како и официјалниот Музеј за Че и Мевзолејот каде тој почива заедно со уште 12 војници кои биле убиени со него.

Она што е интересно за овој блог пост е тоа што последната битка што го срушила режимот на Батиста во 1958/9 година и го означила крајот на Кубанската револуција се одвивала во Санта Клара и тој дух сѐ уште многу живописно може да се почувствува на улиците на овој град.

графит со Че на автобуската станица


Иако на почетокот не бевме сигурни како ќе одиме до Санта Клара, сепак најдовме автобус што не беше на сајтот и стигнавме таму околу 10ч наутро после 1,5 саати пат. Имавме резервирано во куќата на Ернесто и Миреја за 20CUC од вечер и беше единственото место за каде што плативме резервација од 1 долар преку нивниот вебсајт.  

Нѐ пречека чичко Ернесто со уште еден чичко таксист во скоро распаднат олд-тајмер и нѐ однесоа до куќата. Кога стигнавме, Ернесто ни кажа дека всушност нема место кај нив и дека ќе бидеме сместени кај неговата сестра, по професија докторка. Низ отворена дневна соба, поминавме низ ходник што изгледаше како внатрешен отворен двор за да стигнеме во собата која имаше прозори само кон ходникот. Внатре мирисаше на влага, стилот беше пуст и ретро, подот беше бетониран, имаше стар фрижидер и мини телевизорче со многу шум, а во купатилото имаше туш со прикачена електрична направа со прекинуваш што веројатно беше инстант-загревач на вода и заради кое успеав да се истуширам за 5 секунди. Единствени плусови беа што тоа беше најевтиното место во дотогашниот пат, а беше и ептен блиску до центарот.
* Дополнување: Откако пишав критика на Trip Advisor кратко пред пишувањето на овој пост, чичко Ернесто ми прати мејл да ми се извини дека некој се разболел и останал во собата што ние сме ја резервирале, да знаел порано дека не ни се допаѓа собата, ќе преземел нешто. Ама, тоа и му вратив... за еден ден, не беше страшно.

По пат натаму, таксистот нѐ убеди дека сите знаменитости низ градот се на огромно меѓусебно растојание и дека поисплатливо ни е да нѐ вози цел ден со друго поново такси (наместо од 50-те, од 70-те) низ градот за 12CUC , а патот од автобуската до куќата, нормално дека си го плативме 4CUC. Се договоривме да нѐ собере за неколку саати, колку да одмориме малку и да прошетаме низ центарот. 

---

Главниот плоштад Plaza Vidal се наоѓаше на неколку блока пешки од куќата, па брзо стигнавме до таму. Воздухот беше тежок и влажен, сонцето беше пекол-жешко, а градот мирисаше на влага и пот. На плоштадот Видал го видовме хотелот Санта Клара Либре (порано познат и како Санта Клара Хилтон), еден најголемиот и на времето најубав хотел во градот, театарот де ла Каридад (Teatro de la Caridad), поранешното градско собрание, сега библиотека, како и други згради што најчесто се наменети за некоја дејност од културата.

Плоштадот беше доста раздвижен, со многу луѓе, улични изведувачи, многу сомнителни фаци, како и луѓе што просеа. После 5 града, веќе избегнував контакт со очи за да не ме заглават со слаткоречив муабет после кој секогаш следеше барање пари, ама една постара жена ме запрепасти. 
Застана како и сите да нѐ прашува од каде сме, што сме. За разлика од другите, женава изгледаше слаба и збрчкана, но здрава и чиста, со очи што играат; и зборуваше неверојатно добар англиски јазик. Ни раскажа дека била учителка по англиски, дека сега немала многу работа со преведување, во моментот чекала да и пратат пари роднините од Америка, па нѐ замоли за некоја пара... и овој пат не можев да речам не, жената ептен ми остави впечаток.

Plaza Vidal, во позадина театарот
Раздвижен народ на плоштадот


лево - куќа на културата Хуан Маринељо
горе - хотелот Санта Клара Либре
долу - културен центар и радио

Мене всушност, многу поинтересна ми беше улицата по која што стигнавме до главниот плоштад отколку само тој, веќе ми беше налик на плоштадите во другите градови, посебно Сиенфуегос, па не ми остави којзнае каков впечаток. 

Ама затоа, на улиците можеше да се види сѐ и сешто... 



Превод:
СЕ ПРОДАВА - U.P.S., РАН меморија (мислејќи РАМ),  видео картичка

Влез налик на нашиот
Типично превозно средство

Плоштадот на Мевзолејот и Музејот за Че

Заедно со таксистот и дечкото на неговата ќерка кој возеше се упативме на првата Че-локација.

Че“ е збор кој се користи во стилот на нашето „кај си бе брат“, збор кој означува брат, другар, верен придружник... и така му се закачил како прекар. Иако не е Кубанец, тој е најголемата икона што некогаш ќе постои како лик на револуцијата низ целиот свет. Кастро, кој повеќе се спомнува како диктатор отколку како револуционер, бил доволно паметен да го користи ликот на Че за поттикнување гордост кај кубанската нација.


Се надевам дека сметате дека е излишно да се пишува на Че, а ако не сте запознати, ви препорачувам да ја прочитате неговата биографија... од Аргентина, преку Дневникот на мотоциклистот (книгата и филмот) па сѐ до неговото учество во Кубанската револуција (од многуте филмови, најновиот со маестралниот Бенисио во два дела е токму за овој период) до мистериозната смрт во Боливија со сомнително убиство од страна на ЦИА.



Откако се дознало дека Че и неговите луѓе биле убиени во Боливија, нивните тела се најдени нешто подоцна. Тие биле обезглавени, така што се уште не е сигурно дали вистинскиот Че почива во Мевзолејот во Санта Клара.

Над Мевзолејот е изграден споменик на Че со познатиот цитат „До победа, секогаш!“ (Hasta la victoria siempre!), подножјата се со исцртани сцени и испишани заклетви, додека отспротива има билборди со негови цитати во типичен пропаганден стил на Кастро.




Во Мевзолејот и во Музејот влезот е бесплатен, но беше забрането фотографирањето, па морав да го оставам апаратот на пријавница. Под плоштадот е изградена подземна комора во која на еден ѕид има кружни плочки со релјефни ликови на сите 12 герилски борци кои загинале заедно со Че, а на посебен столб има плочка и со неговиот лик. До секоја плочка е поставена по една ружа која (мислам дека) ја менуваат секој ден. Десно од влезот на подот има подлога врз која гори вечер пламен за загинатите кој го запалил Кастро во 1997 година.

Влезот во Музејот е веднаш спроти влезот во Мевзолејот, а на врата две девојки прашуваат која националност сме. Macedonia секогаш звучи како Barcelona, ама затоа екс-Југославија на сите им звучи исто, па не ни побараа ни пасоши за да потврдиме (а обично барале).

Музејот е огромна архива на животот на Че, од детски писма и цртежи, оценки, свидетелства, па првата лекарска униформа од факултет, белешки и инхалатори за неговата астма... па до сите пиштоли, униформи, еден куп беретки со и без ѕвезди, писма што си ги праќале герилците меѓу себе, огромни слики по ѕидовите (нормално, повеќето во друштво на Кастро)... итн. Потрошивме околу саат време внатре иако можев до бескрај да ги читам писмата и да ги гледам фотографиите, така малку заљубено... :)







Панорама и уште еден споменик
Споменикот Loma del Capiro е на источниот дел од градот, сосема на спротивната страна од Мевзолејот и е единствената височинка околу градот, рид со три врва кој му помогнал на Че стратешки да го планира нападот врз Санта Клара. 

Малку качување, малку кози по пат и стигнавме до споменикот со кубанско знаме и знамето на револуционерското движење „26-ти Јули“, како и преубав поглед врз градот.

клик за поголема панорама




Споменик на блиндираниот воз

Благодарение на ридот, Че бил заштитен, па неговиот стратешки планираниот напад на железничката пруга веднаш под ридот бил успешен. Две герилски групи требало да го нападнат градот - едната водена од Че, другата од Камилио Сиенфуегос (спомнат со споменик во постот за Хавана дека неговиот лик често се појавува на графитите заедно со Че). 

Користејќи булдожер, војниците на Че ја уништиле железничката пруга и го сопреле блиндираниот воз полн со оружје и војници испратен од страна на Батиста. Со помош на молотови коктели војниците биле принудени да ги напуштат вагоните. Во тоа време, групата на Камилио поразиле гарнизон во битката кај Јагуахај, во близина на градот, па заедно со Че на 31 декември 1958 година (да, на Нова Година) ја нападнале Санта Клара. Нападот бил проценет да трае околу 2 месеци за ослободување на Санта Клара, но после хаотична борба низ улиците, градот бил освоен уште истиот ден попладне. Оваа победа се смета за одлучувачки момент во Кубанската револуција бидејќи Батиста избегал од Куба по само 12 часа.

На местото сега постои музеј со поставени изложби внатре во вагоните на возот. Само да се прошета низ паркот цената е 1CUC по човек, мислам дека уште 2CUC се доплаќаше ако сакаш да ги сликаш поставките внатре во вагоните..

логистичкиот вагон со поставена изложба
споменици и булдожер

мапа од отворениот музеј и пругата што била прекината во нападот


Храна, пиење и луѓе

По долгата тура насекаде низ градот, се вративме назад  во собата на по еден ризичен туш (од електичното чудо што висеше на него) и ручек составен од мусли-чоколатца кои ги влечкавме насекаде со нас уште од Скопје. После освежувачка дремка, тргнавме да бараме место за јадење... и ова беше прв град каде што ниеден ресторан не ни падна во очи дека има народ, има добра храна и можеме раат да се најадеме. Ги прошетавме улиците од спротивната страна на плоштадот Видал, па најдовме една пешачка улица со повеќе ресторанчиња, ама во ниеден не седеше ниту еден човек... во такви моменти многу ми е жал што немам интернет да побарам некоја препорака, а не сакавме да јадеме кај домаќините поради лошото сместување.

Одлучивме да седнеме во „италијански“ ресторан кој беше огромен и празен. Нарачавме по една пица и пиво и ја добивме најмалата пица некогаш што сум ја јадела :) После нас на друга маса седна и едно Азијатче со голем апарат и запишуваше нешто дури и кога му донесоа за јадење. Ние си плативме 13CUC за две пици и две пива и продолживме да шетаме.

Д ПИЦичкА
На аголот на шетачката улица што се сечеше со нашата улица, го најдовме кафе-то Еуропа кое во претходното крукче беше преполно и немаше место за седење (штета, зашто имаше евтини сендвичиња). Си порачавме по едно мохито и го забележавме Азијатчето по некое време дека пак седна карши на друга маса. Бидејќи многу мразам да јадам сама, овој пат се одлучив да го викнам со нас на маса и ТАА драго прифати.

Мохито во Cafe Europa
Си седевме со нашата нова пријателка Joy Youji Zhu од Шангај, ни кажа дека патувала низ Јужна Америка, претходно била во Мексико и поминува неколку дена во Куба, претходно била во Хавана, сега во Санта Клара заради спомениците на Че, а после се враќа назад.

Правејќи муабет ни се закачија малку пивнати кубанци од црните (*пак расистички дисклејмер тука, во случај да сте заборавиле од претхдните постови) па се разврзаа муабети во споредба на режимот на Куба и новиот капиталистичко-комунистички режим во Кина, при што кога беше спомнато името на Кастро од нејзина уста, Кубанциве брзо и исплашено ја заќутеа со зборовите „не го спомнувај неговото име“.

Еден од младите ни раскажа како работи во пекара за 8CUC плата МЕСЕЧНО (а пиеја пиво од 1CUC, што пак ја потврдува мојата теорија дека за нив пивото можеби е 1CUP - кубански пезос што е 25 пати поевтин од КУК-от), како имаат бонови за храна, бесплатно образование, како не може никој да купи куќа, туку таа се предава од фамилија на фамилија или се зема на лизинг од државата, и тн.

Нормално, после сите муабети стариот со мрежастата маица (градежник со 12CUC плата) што имаше испиено неколку пива, мораше да ми каже дека ќерка му е болна од рак и да му дадеме по некоја пара... кога му реков, нели лечењето е бесплатно, ми рече дека морал да плати за автобус да оди до болница... и така натаму, една од многуте трагични приказни што ги изнаслушав таму... битно се снаоѓаат како знаат и умеат, среќа никој не те напаѓа, само те лаже.

Сепак него го честевме 1CUC, а Џој со мерак ја честевме кафе (заедно со мохитата од по 1,5CUC = 4,7CUC).

Џој, слабиот Кубанец, Пекарот,  Градежникот со болната ќерка
(кој одма после сликата ми побара пари) и јас.

Иако уште стојам на заклучокот дека ако не сте обожавател на Че Гевара, нема воопшто потреба да одите во Санта Клара, сепак беше едно од најинтересните искуства, како историски - импресивниот Мевзолеј и Музеј, така и уличарски - запознавањето на Џој и Кубанците со кои бистревме политика 2-3 саати. Еден ден во Санта Клара беше повеќе од доволно.

Бидејќи на автобуската станица ни соопштија дека утринскиот автобус во 7.55 часот може воопшто да не тргне ако нема доволно патници, за малку поголема сума се ценкавме и се договоривме со такстистот и дечкото на ќерка му, со поновата кола да нѐ носат до Варадеро за 35CUC.

3 часа низ сончево, дождливо, топло и ладно време, во поновата но, сепак, стара кола (налик Лада) без вентилација како пред 15 години што сме оделе со моите на море во Бугарија со 101, низ рамни пејзажи со палми кои штрчат и потопени градчиња, набљудувајќи во полубудна-полузаспана состојба и штрекајќи се на секое камче што удираше во каросеријата... стигнавме и до хотелот во Варадеро.

Следен и последен дел 9: одмор во Варадеро.

0 коментари:

Post a Comment

.