Трошки > Тринидад: Куба - дел 6
Сиенфуегос (буквален превод - сто огнови) го нарекуваат бисер на југот - la perla del sur - и, за разлика од другите градови, е основан од француски имигранти во 1819 година, па дури десетина години подоцна бил населен од Шпанците. Интересно е што е основан на брегот на заливот - bahia de Cienfuegos кој е затворен скоро како лагуна и заштитен е од страна на УНЕСКО.
Пред Кастро да дојде на власт, градот бил бетер од Лас Вегас, Американци и Канаѓани слетувале директно на локалниот аеродром, имало многу забави, пиење, дрога, проституција... you name it. Кастро сè тоа фино го забранил со големи казни, така што сега млади девојки бегаа од странци ако ги прашаат за насока само за да не ги уапсат заради можна понуда за проституција... иако... во хостелот до нас беа сместени црн, згоден и зборлест Кубанец со дебела, грда, бело-изгорена Британка, ама ај да не изведувам заклучоци, само два збора разменивме на вечера :)
Градот и заливите Сиенфуегос и Хагуа.
Од Тринидад, го фативме утринскиот автобус во 8.15 ч наназад од каде што дојдовме со Viazul (6 CUC) до Сиенфуегос. Самиот град на југот има шпицест полуостров наречен Punta Gorda, каде одбравме да бидеме сместени и воедно се наоѓаа најубавите куќи во градот. Куќата на Анхел и Исабел каде што одлучивме да се сместиме беше далеку од центарот, но излегуваше на море, па малку сакавме да си истераме филм и во тоа да поуживаме :) Цената од вечер (колку што и останавме) беше 35CUC за соба, имаа три соби во барака-доградба во прекрасно дворче со убава градина, маси за јадење како во ресторан и приватен излез на море на другата страна од полуостровот. Слики - кога ќе се вратиме после шетање ;)
Куќата на Анхел и Исабел со погледот пред неа
После дождовите во Тринидад, тука нè пукна жешко и спарно време кое беше многу тешко за поднесување. Јас не се чувствував најдобро, ама имавме само еден ден за да го видиме градот, па одлучивме да пешачиме до центарот околу 4 километри. По жешко, спарно и пеколно време.
Полека почнавме да ги откриваме прекрасните куќи сместени на Пунта Горда, од кои поголемите беа претворени во хотели.
Како на пример Palacio de Valle, изградена во нео-готски стил
(мене повеќе на арапски ми личи, ама ај)
По булеварот Прадо кон центарот
Интересно паркче каде што свртивме кругче да ги разгледаме сите скулптури
Спомнав дека е богат дел? Ви го претставувам Јахт-клубот
Стара палма
Уште неколку од интересните куќи
Лево е хотелот Palazio Azul (Сина палата), десно - хибискус и интересна „фасада“
Во најтесниот дел на полуостровот, каде што булеварот се приближува до морето, има поставено банер со текстот „Cienfuegos es la ciudad que mas me gusta a mi!“ (Сиенфуегос е градот што мене најмногу ми се допаѓа) што подоцна открив дека е дел од текст на познатиот кубански пејач Бени Морè ♫ Cienfuegos
Уште куќи по булеварот Прадо
Сакам да кажам нешто, ама немам зборови.
Делот од булеварот Прадо каде веќе се познава дека се доближуваме до центарот, зградите се сите една до друга со покрив врз тротоарот во вид на трем (сигурна сум дека постои архитектонски назив за ова, ама не ми текнува во моментов).
Химната на Сиенфуегос на билборд, сликата на Че (нормално)
и шетачката улица која води до главниот плоштад
Да се замисли човек...
Од булеварот Прадо, свртивме лево кон пешачката улица на која на секој чекор ти нудат ресторан за ручек и која води до главниот плоштад, односно паркот на Хозе Марти‘ (José Martí). Таму се наоѓаат катедралата, градското собрание, средно училиште, театарот, демек-триумфална капија (единствената на Куба) и други, сите заштитени од УНЕСКО.
Катедралата на Сиенфуегос и „владината палата“
Мапа од целата општина
Во Cafe Terry кое е дел од театарот седнавме на пиво да изгасиме малку жед...
сместен е меѓу две згради и покриен со зеленило... ептен интересно место.
Има некој да потври дали гуштерот долу на сликата е камелеон? :)
Сводови на влезот од театарот
„Триумфалната капија“
Спомнав веќе дека на секое поминување по пешачката улица ни нудеа ресторан за ручек, а ние имавме договорено вечера во хостелот и денот го поминувавме на „бонжита“. А тие „нудачите“ многу беа напорни... после нив, еден дечко што ни довикна од клупите на сводот за венчавки на пристоен англиски, ни се виде баш фин. Поправивме муабет дека е професор по англиски во средното училиште од спротива, дека завршил со настава за денес, дека се вика Алехандро, ни наброја (како и сите) неколку факти за Македонија и Југославија и нè наседна да седнеме со него и другарите да си поправиме муабет. Будалетинка сум што мислев дека стварно прв пат на некој само му се прави муабет. Дента му било роденден, па побара 20CUC да си купел рум да ги почести другарите, па и ние да сме останеле заедно да прославиме... на одговорот дека шише рум има и за 3CUC, тој ме убедуваше дека таквиот бил шпиритус (а толку беше бела Хавана) и ни нудеше од негов домашен рум во пластично сомнително шише да сме пробале :) Во меѓувреме другар му црнецот со суканиците кој беше уметник, направи некое приврзоче за мене за подарок... кога сфативме што им е шемата, оставивме 1CUC за сувенирчето и си заминавме. А таму од карши имаше бар Palatino кој е легендарен во градот, па свртивме кругче од кај досадниот тип што нудеше ресторан и се вративме во барот на пиво, каде ги видовме нашите новостекнати другарчиња каде што тегнат пивца за доларот што им го дадовме. Ах, сите тие приказни што ги изнаслушавме таму...
Уметникот додека го прави призврзочето од дрво
„Шо сликаш мори смрдло!“
Знам дека веројатно не е фино да му се смеам на луто дете што вози
црвено точаче по гаќи, ама беше претерано смешно и неодоливо :)))
Една од омилените фотографии ми е долната.
Улицата Санта Исабел која води до морето
Рибари
Бидејќи бев скроз измрцварена, неспиена, уморна, удрена од сонцето и влагата, се вративме назад до хостелот со бици-такси за 2CUC (се исценакав за поевтино овој пат од 3CUC). Дечкото што се мачеше да ги движи тркалата бил поранешен фудбалер додека не ја скршил ногата. Имаше 22 години, жена и дете. И за да ги прехрани, возеше странци на точак. Кога ќе слушнам кај нас венчани парови што не сакаат да имаат деца зашто немале услови за нив, ептен ми текнува на Куба. Му плативме 3CUC.
По улица 35 (Calle 35) назад до хостелот
Семиња (или плодови?) на палма
Откако се вративме, прошетавме низ дворчето и поуживавме на приватното пристаниште/плажа која не беше баш за капење поради дождовите од претходните денови (сето ѓубре беше тука донесено). Ама затоа дворот беше преубав и релаксирачки... токму она што ми требаше во моментот.
Дворот со поглед кон пристаништето
Приватното пристаниште со лежалки како плажа
Столиците од Тринидад и интересни фигурчиња низ градината
Порта од дворот кон пристаништето
Како да заспиеш за 5 секунди? Можам часови да држам!
Вечеравме во дворот на една од масичките, доња Исабел ни спреми едно фантастично црно гравче, карабатак со ориз и не се сеќавам дали пиевме пиво или мохито, вкупно за 29 CUC со се доручекот идното утро. А следното утро доња Исабел стана порано со нас за да ни спреми доручек затоа што автобусот пак ни тргаше во 8.15 сабајле. И додека таа готвеше, ние имавме време да уживаме во изгрејсонцето... прв пат да не ми е жал што сум станала толку рано од сабајле...
Уживајте во најубавото изгрејсонце што сум го видела во животов!
* боите на фотографиите не се менувани
0 коментари:
Post a Comment