Варадеро: Куба - дел 9, последен

17 December 2012 //
9 comments
Трошки > Санта Клара: Куба - дел 8

И конечно, после година дена стигнав до крајот на овој мој кубански дневник... уште се прашувам кој го прочитал освен јас :) 

После две недели турбо шетање и три саати кланкање во стара кола со таксистот од Санта Клара и дечкото на ќерка му, после ѕверење по табли со имиња на хотели, стигнавме во хотелот Барсело Солимар. Во постов не станува збор за градот Варадеро, туку за туристичкиот полуостров исполнет со еден куп хотели, рајот за туристите и канадските пензионери.

На крајот на постов додавам и видео склопено од снимките што ги направив низ целото патување... 





Овој дел беше вистинскиот одмор, бидејќи знаевме дека ќе биде напорно на секои 1-3 дена да менуваме град... иако стигнавме малку порано, без проблем се пријавивме според резервацијата и здивнавме кога ни ги закачија зелените алки за all-inclusive. Ова ми беше прв пат да престојувам на тој принцип и стварно многу ги олеснува работите кога си во ваков хотел и не мора на ништо да мислиш. Стигнавме во барот внатре, бидејќи сѐ уште врнеше за да одиме на плажа, со алката на рака си зедовме кафе и кроасанчиња и чекавме да ни се ослободи собата во следните 2 часа.


Барот во центарот на хотелот

Хотелот Барсело Солимар (резервиравме и плативме однапред тука) е еден од многуте хотели во кои нема да згрешите да отидете... освен оние што ги нудат преку нашиве агенции (фала богу што постои трип адвајзор за проверка). Не е најлуксузен, не е и најдобар, ама не е ни најевтин. Со некоја понуда за 6 ноќевања, плативме £437.4 за двајца (по 270€ од човек, по 45€ на ден) што го прави едно од најскапите сместувања што некогаш сум ги платила во животот (ок, освен хостел во Венеција за 40€ за една ноќ без ништо вклучено), ама со оглед на тоа што беше Куба, беше со сѐ вклучено на рајска плажа... па, испадна супер. Така, сметајте дека оваа недела дена беше најскапото нешто на патувањето, веднаш по авионската карта и дека две недели ги поминавме со помалку од 400€ шетање на 6 други места.




При резервацијата имаше прашање дали сакаме да се сместиме во соба во хотелот или во соба во бунгаловите што се наоѓаат помеѓу хотелот и плажата. Не знаевме што е подобро бидејќи бунгалов ни звучеше за никаде, ама девојката со која комунициравме во врска со хотелот нѐ посоветува ако сакаме да избегнеме галама во хотелот од ноќни журки да си земеме соба во бунгалов... и тоа се покажа како одличен избор бидејќи тоа беа мали куќарки со по неколку соби далеку поубави од обични бунгалови! 


Собата беше одлична, не се споредуваше со ништо од претходните места... имавме и телевизор со сателитска, огромен простор, посебен тоалет и пред-тоалет со лавабо и огледало, мала терасичка и беше чистено секој ден од страна на посебна чистачка за која имавме ливче со име Белкис да знаеме дека е одговорна за нашата соба. Бидејќи сѐ беше одлично одржувано, секој ден на Белкис ѝ остававме по нешто на ливчето: житарици, мастики (многу се радуваат на нив), чоколатца, по 1 долар...


Единствено нешто што испадна без врска беше тоа што се наоѓавме на долниот спрат, па едни шорцеви што се сушеа на терасата исчезнаа преку ноќ... со здравје да си ги носат.



Помеѓу бунгаловите и преку дрвено мостче се одеше до плажата... огромна, чиста, песочна и преубава плажа. Имаше еден куп празни лежалки бидејќи кога стигнавме врнеше, па и скоро цел престој времето беше облачно и ветровито. Веќе последните два дена дури и студеше, ама ок беше за лежење со купачи и блуза и читање книга или слушање музика.


Имаше и спасувачи на плажата кои спречуваа туристи да одат во длабокото кога брановите иако не изгледаа големи, влечеа со голема сила... затоа внимавајте, морето не е заебанција.



Покрај плажата имаше бар за неограничени количини коктели, сокови, вода, пиво... секој сончев зрак го користевме максимално да уживаме да влеземе барем малку во вода и да се посончаме (иако имавме траги од наочари од шетањето во претходните денови). Наизменично пиевме пиво, пињаколада, куба либре, мајами вајс (кокосово млеко со црвен рум), рум пунч, текила санрајз, итн... немаше мохито на плажата :( Повеќето пензионери, па и младите размазени туристи наместо со пластични чашки шетаа со термоси полни со пиво и коктели, ги лигавеа со саати и ги влечкаа насекаде со нив, па дури и во вода.

Ако некоја си ги загуби гаќите, имаше и фустани што се продаваа на плажата
мала пажња за читателите

Кога денот беше премногу ветровит или за време на пауза за ручек, го користевме времето на еден од базените во комплексто каде што имаше и snack bar, па наместо да одиме во ресторанот на шведска маса, тука јадевме бургери и хотдози со пржени компирчиња (после од кај сум се здебелила). Нормално дека за туристите имаше организирано програма (на плажата дури имаше и натпревари по одбојка) и секој ден имаше различни занимации... еден ден дури и бинго игравме, а друг - пикадо. Победија пензионери, гад дем ит.







Имаше и други занимации, претстави и танци... така една вечер бевме на некое шоу во хотелот во чест на Мајкл Џексон каде еден Кубанец играше оригинал како од спотовите, а еден куп други танчери играа околу него како и во спотовите... смешно, ама профи :)

По 2-3 дена откривме дека има и спортски бар, па таму тегневме пиво и игравме билијард навечер. Покрај стандардниот ресторан, имаше и тематски ресторани а-ла-карт со резервација каде можеш да си порачаш оброк од одредена кујна. Кога отидовме да резервиравме, во цела следна недела имаше само еден термин слободен и тоа во шпански ресторан... дај шта даш :)  Имаше и италијански, кубански и уште некој, што не ги пробавме.

Шведската маса беше одлична, имаше секаква храна и за доручек и за вечера, биравме и пребиравме, превкусни јадења, одлични десерти и солидно вино. Вработените трчаа насекаде, зборуваа супер англиски, па и по неколку други јазици и им угодуваа на гостите за по некој бакшиш.

Во хотелот имаше понуди за еднодневни екскурзии околу 50CUC по човек, од поинтересните би ги издвоила Кајо Бланко - островче со преубава плажа или на пливање со делфини во Сиенфуегос да седевме само во Варадеро цел одмор. Имаше и други активности, прошетки по цел полуостров, до градот Варадеро итн, арно ама толку бевме уморни од претходниот пат што не можевме да се поместиме од плажата... знам, знам... :)

Сѐ на сѐ, поминавме една недела во целосно уживање и убаво досадување. Ја обожавам плажата и (зајди)сонцето, ама кога би бирала само за одмор би одела во Кајо Левиса... ова место беше премногу туристичко, односот на Кубанците не беше ист, опкружувањето и забавата не беа исти... беше многу далеку од онаа Куба што ја запознавме во претходните две недели.








Последниот ден околу пладне фативме автобус кој поминуваше покрај сите хотели (си купивме карта во самиот хотел) директно до аеродромот во Хавана и чекавме до вечерниот лет за Лондон.

  
Кратка пауза на патот до Хавана

За крај, кратко сумирање на патувањето со видео... заради страв да не ми снема меморија снимав малку и снимав со низок квалитет во формат 3:2. Сепак се надевам дека ќе ви ја доловам некако атмосферата. Видеото е 15 минути и пробајте прво да го лоадирате, за да не ви скокне до крајот.


Фала што ме читавте, знам дека не е убаво да гледаш кога некој ужива, ама и јас се измачив да го пишувам во Декември на -15 степени во Скопје после година дена откако бев таму... :) 

До следното (зимско) патување...


Ако сте ги испуштиле, еве ги сите други постови за Куба:

Пристигнување: Куба - дел 2
Хавана: Куба - дел 3
Кајо Левиса: Куба - дел 4

9 comments: Leave Your Comments

  1. Не е реално колку е убаво! Не се секирај, јас ги имам сите делови за Куба прочитано, воодушевена сум! :))

    ReplyDelete
    Replies
    1. Фала многу! Убаво е да се знае дека сепак има некој што посветил време да прочита :D

      Delete
  2. Одличен пост! Куба е доловена со сиот свој шарм. Јас патувам за Куба следната недела па ова ми е одличен водич и "ум" за целото патување!

    ReplyDelete
    Replies
    1. Фала! Се надевам дека ќе имаш време да прошеташ по повеќе градови, целата Куба е одлично искуство :) Убаво да си поминеш!

      Delete
  3. Браво за деталните описи, ние планираме сега во Ноември да одиме, и ние сакаме да искусиме малку од кубанската култура, па нема да одиме преку агенција. Сакам да те прашам, има ли шанса да ги прошетаме Тринидад и Сиенфуегос во еден ден? Да изрентаме автомобил и да скокнеме и на девете места, дали е изводливо такво нешто?

    ReplyDelete
    Replies
    1. Здраво Вероника, градовите не се преголеми барем во центарот и теоретски може да ги прошетате во еден ден, но веројатно ќе ви биде многу напорно. Во Сиенфуегос ако сакате да пешачите до врвот на полуостровот од центар ќе ви одземе неколку часа сигурно, а во околината на Тринидад има интересни водопади и плажа - ако не сакате да ги видите тие работи може да е изводливо и во еден ден.

      За кола не би знаела да кажам, кога ние читавме не беше воопшто исплатливо за двајца, патиштата не им беа баш убаво означени а таму нема да имате интернет, затоа ние се одлучивме за автобуски превоз, имаат посебни автобуси за туристи со клима и тоа е најдобриот начин за движење низ островот, распоредите можете да ги видите на viazul.com.

      Се надевам дека помогнав :) Поздрав и убав провод!

      Delete
  4. Прочитав и јас се,и Ви благодарам за напишаното :) Ние сакаме да одиме во септември,убаво е што сте напишале толку опширно и детално :)

    ReplyDelete
    Replies
    1. Мило ми е што ви се нашол блогот, убаво да си поминете! :)

      Delete

.