Хавана: Куба - дел 3

12 February 2012 //
1 comment
Трошки > Пристигнување: Куба - дел 2

Хавана е она што го замислуваме кога ќе помислиме на Куба. Како што неодамна ја опишав - преубав град со шпанска архитектура низ кој поминале неколку урагани и една апокалипса. Нормално, државните згради се сите целосно реновирани и во сјајот од своите најубави времиња... ама покрај реновираните хотели (како легендарниот хотел Национал) и убавите згради од богатиот четврт Ведадо, има градби во самиот центар што се вистинска руина.




Главна глетка е Старата Хавана (Habana Vieja) и кај и да се шета, препорачано пешки, има згради што ќе ве остават без здив... од бои, од убава архитектура и од рушевини. Сепак има некои места што треба намерно да се посетат. На мапава ги обележав местата низ стариот град што ги прошетавме претежно во текот на првиот ден (клик на сликата за поголема или клик тука за мапата на гугл).



Ден 1

1) Локацијата на Хостел Перегрино, местото каде што бевме сместени и кое го спомнав во претходниот пост.
Од таму, фативме по булеварот Прадо до познатиот Малекон (булеварот што се протега по крајбрежјето кон запад) и почнавме од

2) Споменикот на Максимо Гомез - генерал во Десетгодишната Војна (1868–1878) и командир во Војната за Независност (1895–1898). Нормално дека не го знаев ова додека бев таму и не ја проверив Википедија :)



Тука запознавме пар Израелци кои беа доста љубезни да нè сликаат со газот на Максимо и неговиот коњ, ама штета што имаа скроз поразлични планови од нас, па не останавме да се подружиме повеќе.

3) До Музејот на револуцијата нè водеше паркче каде дечки со потемнети кожи играа фудбал, а од страните имаше мурали и графити со познатото трио: Хулио Антонио Меља, Ернесто Че Гевара и Камило Сиенфуегос кои ги гледавме насекаде понатаму за време на патувањето.


Во музејот за жал не влеговме, зашто беше затворен кога и да поминувавме од таму, ама чисто информативно таму е прикажана целата приказна за Кубанската Револуција од 1959 година (вклучувајќи униформи исфлекани со крв и изрешетени со куршуми). Пред револуцијата, оваа зграда била претседателската палата.

4) Веднаш зад Музејот, се наоѓа меморијалот Гранма (Pavillon Granma) - јахтата со која Кастро и Че пристигнале од Мексико на Куба со уште 80 герилци во 1956 година. Биле предадени (нормално) и биле пречекани во заседа. Преживеале само 16 души меѓу кои Фидел и брат му Раул Кастро, Че и Камило Сиенфуегос (и ја истерале револуцијата до крај).

Јахтата е заградена во стакленик, а е опкружена со тенкови, (срушени) авиони, џипови...


5) Веднаш зад Гранма се наоѓа Музејот на современа уметност (Museo Nacional de Bellas Artes) претежно со изложени дела од времето на колонијалната Куба. Изградена е во 1924 година. 

Сликава е од вториот ден :)

х) Од булеварот Прадо навлеговме по уличките и лутавме некое време, разгледувавме, се потевме (дождот од утрото испаруваше) и уживавме во разнобојните фасади на старата Хавана. 


По пат ни се закачуваа многу луѓе што ни правеа муабет. Возачи на бици-такси, танчерки по салса, маж и жена што работеле во блиското училиште и други случајни минувачи и ако не знаеја каде е Македонија, сите знаеја каде е Југославија. И сите ни спомнуваа дека членови на Буена Виста имале свирка негде низ градот, може и не ги разбравме како што треба, ама сите отекоа со Буена Виста... така завршивме во ресторан-бар наречен Буена Виста, пиејќи коктел Буена Виста (како мохито со додаден црн рум) со Кубанецот Сандро.

Наводно стариот на клавијатури свирел со Буена Виста Соушл Клаб

Како и повеќето кубански луѓе од улица што ги сретнавме во текот на патувањето (и што молеа, претежно во Хавана, Сиенфуегос и Санта Клара), поминавме пола саат-саат време муабети слушајќи супер музика и правејќи муабет. Сандро покрај тоа што го честевме сакаше да ни продаде пури од сомнително ќоше и бидејќи одбивме, на крај молеше да му дадеме пари за бебето, зашто уште живеел во куќата на татко му. Немаше пари за бебето, а пушеше цигари. Холивудски.


И ова се одвиваше подолго време... а јас пустата не знам да одбијам луѓе и затоа си се изнервирав што воопшто потрошивме време и наседнавме на муабетите иако на сто места по интернетов прочитав дека те завлекуваат во приказни и не те пуштаат додека не им дадеш пари или не се почувствуваш ко гомно од човек :( 

Се рестартиравме од застранувањето од почетниот план и продолживме кон 

6) Плоштадот на катедралата (Plaza de la Catedral) е местото со катедралата со најдолго име на светот - Catedral de la Virgen María de la Concepción Inmaculada de La Habana (ја замисливте Доринда, нели? :Р) - и освен жената дотерана во традиционални алишта која се криеше во сенка и чекаше туристи за да се слика со нив за 1CUC, немаше ништо посебно.. дури и барот беше скоро празен зашто беше премногу жешко и немаше дебела сенка. Сепак си имаше бенд во живо како и во секој ресторан/бар низ цел остров, така што и тука уживавме во звуците на добро познатите и повторливите Chan Chan и Hasta Siempre Comandante.


Она што нам ќе не заинтересира е тоа што е единствена катедрала со барокна фасада и која има асиметрични карактеристики - едната кула е поширока од другата (сум ја скратила на сликата, случајно било!).

7) Од тука продолживме кон ќошето на тврдината Реал Фуерса (Castillo de la Real Fuerza) без логична поставеност како за тврдина внатре во заливот и внатре во градот, иако е изграден за одбрана од пиратски напади. Интересно е што е една од најстарите камени градби во Америките и е заштитен од Унеско.


8) Веднаш до тврдината се наоѓа плоштадот на Оружјето (Plaza des Armas) кој е толку заборавен денес што нема ни статија на Википедија. Тоа е првиот јавен плоштад во градот кој порано бил наменет за воени вежби. Денес иако е обиколен со прекрасни згради, затрупан е во зеленило и повеќе личи на парк... сепак под верандите на големите згради се продаваат сувенири, книги, антиквитети и слично, па е доста раздвижен. Од тука конечно си купивме книга - водич за Куба.


9) Продолживме кон плоштадот на Сан Франциско (Plaza de San Francisco) каде се наоѓа позната базилика и манастир Basilica Menor de San Francisco de Asis. Сега се користи најчесто за одржување на концерти и покрај зградата има една многу сомнителна статуа о_О 


На еден агол од плоштадот се наоѓа едно од најпознатите кафе-ресторани во Хавана - Cafe del Oriente.

По пат застанавме да купиме вода, иако продавницата е во близина на главен плоштад, цените беа доста ниски (~0.7CUC за големо шише вода), а изгледот на продавницата нè потсети на старата добра Славија, само празна и со продажба на алишта меѓу другото (после анализата заклучивме дека машината на сликата е пегла).


10) Нестрпливо продолживме кон стариот плоштад Plaza Vieja, оригинално наречен новиот плоштад (Plaza Nueva), потоа наменет за пазар (Plaza del Mercado) како центар на економијата, а таму се одвивале и погубувања, судења, борби со бикови и забави кои биле набљудувани од најбогатите жители на Хавана - од нивните колонијални тераси околу плоштадот.


Мермерната фонтана во центарот била уништена на почетокот на 20-ти век за градење на подземна гаража, но потоа повторно била изградена. Повеќето од зградите на овој плоштад се реставрирани. 

Изгледа познато?

Спомнав дека беше многу жешко и спарно? Редно време беше да се одмориме и да се напиеме нешто... Пиво со лимонада (Clara по шпански, bull по кубански) и мохито со пиво (о, да). Добивме дури и пуканки додека планиравме каде ќе одиме следно и додека уживавме повторно ми се врати волјата за шетање :)


11) Продолживме по патот на миризбата на влага и алкохол до главната национална зграда (El Capitolio).


Ел Капитолио била седиште на владата на Куба до крајот на Кубанската Револуција во 1959 година, а сега во неа е сместена Кубанската Академија на Науките. Пред главниот влез веројатно се наоѓа нивниот „Рекорд“, имаше огромен метеж од автобуси, автомобили, таксија и народ од секаков вид.

Како за контраст, во долниот десен агол е зграда преку улица зад Ел Капитолио

Зградата од комшии со поголем зум

12) Одма покрај Ел Капитолио, се наоѓа Великиот театар на Хавана (El Gran Teatro de la Habana) кој е дом на Кубанскиот Национален Балет. Во театарот има вклучено театарска сцена, концертна сала, конференциски сали, кино, галерија и други сали за проби и слично.

Лево веднаш до Ел Капитолио се гледа театарот... малку е незгоден за сликање.

Врвот на театарот

13) После краток одмор назад до хостелот заради дожд, се вративме до едно ресторанче Gardin del Oriente кое го видовме по пат и каде чекавме да ги исушат столиците во малата градина. Редно време беше да ручаме/вечераме, среќа носевме интегрални чоколатца и слично што нè држеа во форма во текот на денот. Многу сакам кога шетам низ некој град да наоѓам убави зафрлени места во кои нема премногу туристи, а ем цените се дупло поевтини, ем храната е одлична. Мњам.

Рибји стек, ориз, црн грав, пилешки стек и чипс (6CUC) и две пива (2CUC) + десерт флан од карамел и вода вкупно за 10-11 CUC.

14) Оттука по препорака на Хулио од хостелот, пешачевме до негде и фативме такси (5CUC правец) зашто пешки не може да се оди низ тунелот кон спротивната страна на заливот до тврдината Моро (Castillo de los Tres Reyes Magos del Morro). Во 9 требаше да почне претставата/церемонијата и стигнавме таман на време за да се заврткаме со купување карти (не знаевме дека се наплаќа) па и тука плативме карта од 8CUC по човек...бидејќи задоцнивме во фаќање на место, немавме баш добар поглед на сето тоа, ама се гледаше доволно и да фатиме по некоја слика.


Колку и да бевме подготвени на пукање на топ, пак имаше врискање од публиката (скоро сите беа или до војниците од страните или долу на пониско ниво кај срушениот американски авион). Покрај тоа, имаше и тезги со сувенири, а во внатрешноста на тврдината беа поставени изложби на оружје и слики и скулптури. Макар и без сето тоа, вредеше одењето за погледот на Хавана: 



Ден 2

За вториот ден ги имавме испланирано сите туристички места кои не се наоѓаа во центарот на Хавана. Моја голема желба беше да отидеме до куќата-музеј на Ернест Хемингвеј - Финка Вихија (Finca Vigia) ама домаќините ни објаснија дека е во сосема спротивен правец на пристаништето Хемингвеј (Marina Hamingway) и останатите локации што сакавме да ги видиме и дека до таму ќе изгубиме пола ден, а немавме толку време :( Ни препорачаа да фатиме hop on-hop off автобус од моите „омилени“ - даблдекер. Со нив за 5CUC можеш да се возиш цел ден од 9ч до 21ч, да се симнуваш на места кои те интересираат, па за пола саат да се качиш на следен од турата. За попладнето решивме да правиме барски туризам.

Одиме со места кои не се на мапата:

Hop on - hop off Се качивме на автобус во централниот парк, одма спроти националниот театар (12) и почнавме од убавиот Малекон - булеварот покрај целото крајбрежје на богатиот дел - Ведадо. 
Бидејќи во возење видовме многу места а немам веќе волја да пишувам за сè, ќе следат фотографии од глави и од места со краток опис под нив :) 

(горе) Малекон (долу) Споменик на Jose Manuel Gomez

Хотел Национал - местото каде што многу сцени од филмови се снимени, меѓу кои и Кум




Тука следуваше поголем круг низ западниот дел на Хавана, интересни маала, маркети, аква паркови и многу, многу, многу хотели.


Плоштадот на револуцијата (Plaza de la Revolución) е едно од најбитните места во Хавана за посета и еден од најголемите плоштади на светот (7200м2). На ова место се случуваат сите битни национални обраќања од страна на Кастро на масовни митинзи. На плоштадот доминира споменикот/меморијалниот објект за Хозе Марти (национален херој, автор и просветител, нешто како нашиот Гоце Делчев) кој живеел кон крајот на 19-ти век. На овој плоштад се наоѓаат и добро чуваните канцеларии (на сега веќе поранешниот) Претседател на Куба - Фидел Кастро.

Споменикот за José Martí

Зградата на Министерството за Внатрешни работи со познатиот портрет на Че

Hop on-Hop off автобусот оди преку Авенијата на независноста за да ги видиме портретите на Че и Камило Сиенфуегос

Hasta siempre, comandante!

Додека чекаме автобус може да се сликне и еден црвен хибискус кој прв пат го видов во живо

По Малекон, назад до центарот на Хавана на бар кроулинг

15) Некако кај и да одам, најубаво се чувствувам по места каде што има јадење и пиење :) Така стигнавме до барот каде го прават најпознатото мохито на светот - La Bodeguita del Medio! Покрај Пабло Неруда и Ернест Хемингвеј, тука биле испиени милиони мохита од 1942-ра па навака. Ѕидовите се шарени од потписи на најразлични луѓе и стари фотографии, музичари шетаат по двата спрата, а луѓето сите се насмеани, расположени и одвреме-навреме си наздравуваат со пријателите. 
Немаше место за седење, па еден фин чичко не смести на шанк - супер позиција ако сакаш да си направиш муабет. Си ги заработи човекот сите пари, насмеан, расположен, разговорлив а сепак ненаметлив (за разлика од другите уличари-замарачи). Без криење ми го покажа вистинскиот рецепт за оригинално кубанско мохито на што ептен многу се израдував :)

Иако имавме договорено вечера во хостелот, не можевме да оддолееме на свинскиот специјалитет кој ни го препорача за мезење и оризот со црн грав (12CUC) и не згрешивме ич. Иако беше најскапо место во Хавана (разбирливо) вредеше за сите пари и многу уживав додека бевме таму. Мохитото тука е најскапо од цела Куба - 4CUC. Си купив и сувенирче од тука - толчниче за нане со изреката на Хемингвеј "Mi mojito en mi Bodeguita".

Музичари во живо се неизбежен дел од секој кафе-ресторан

Се изнаправивме муабет за храна, пијачки, за Куба и за Македонија. На крај не можеше да не се потпишеме на ѕидот, одма до нашите грчки пријателчиња :)


16) Едноставно не е возможно, да пиеш мохито во Бодегита, а да не пиеш Даикири во Ла Флоридита (La Floridita). За разлика од Б дел М (нагалено) кое е народско место, ова е доста отмено. Има чувари на врата и не пуштаат секого внатре (читај: не пуштаат локалци), музичарите се дотерани и свират тивко, внатре е празно, темно и студено... а во едниот агол е осветлена скулптура од Хемингвеј навален на шанк. Грамада бил човеков.

Тука го пиевме омилениот пијалак на Хемингвеј - даикири (daiquiri) уште еден коктел базиран на добриот кубански рум. Ова задоволство чинеше 6CUC од чаша и дефинитивно беше најскапото нешто што можеш да го испиеш на цел остров, ама нејсе. Ќефот беше голем :)


17) Денот доаѓаше при крај, а нас ни остана уште една работа што не се испушта во Хавана... зајдисонце на Малекон (Malecon). И колку што ми беше тешко и мачно да го напишам овој неколкучасовен блог пост, толку уживав на зајдисонцето на Малекон... уживајте и вие :)








... следен дел 4: Пат за Вињалес и рајскиот остров Кајо Левиса.

1 comment: Leave Your Comments

  1. Прекраснотии...! Фала за споделувањето :)

    ReplyDelete

.