Плажи: Лефкада - дел 2


Leave a Comment
Во првиот дел за Лефкада ветив и краток опис на плажите на кои се излежувавме.
Па, еве ги од север кон југ:





1. Агиос Јоанис (Agios Ioannis, а негде сртот го најдов и како Gyra - помеѓу Agios Ioannis и градот Лефкада)

Оваа плажа е позната по сурфање со падобран (kite surfing) и застанавме само затоа што ни се чинеше интересно да погледаме, не ја препорачувам за капење ниту за излежување, зашто ДУВА МНОГУ ВЕТЕР! :)

Паркинг: бесплатен; паралелно со плажата на цела улица








2. Пефкулија (Pefkoulia)

Првата плажа северно од Агиос Никитас која има паркинг и само еден бар, со сличен состав на камчиња како Катизма, само малку понесредена... Околу 15-ти јуни кога бевме, водата беше грч-ладна, a вториот пат кога отидовме беше после ден со многу бранови; и водата и плажата беа доста валкани, па се премисливме од останувањето таму.

Паркинг: бесплатен; собира 10+ коли.








3. Агиос Никитас (Agios Nikitas)

Од главниот пат, се поминува низ пешачка улица каде што има продавнички и ресторанчиња и се спушта до главната плажа. Има доста народ со оглед на тоа што се наоѓа во населено место, ама предност се убавите барчиња со бесплатен интернет и одлично кафе (2-3€), коктели (4-6€) и сладолед (3€ порција). Малку погоре по главната улица има и одлично гиро (2.2€). Водата е чиста и беше многу потопла од водата на Пефкулија (барем еден ден претходно). Супер плажа (со ситни камчиња), ама веќе накај 18ч скоро половина од плажата ја фаќа сенка.

Паркинг: бесплатен; се паркира на главниот пат - има многу места, но има и многу коли па може да биде проблематично за паркирање.


Барчево си го засакавме ;) Мислам дека се викаше Ен Пло (Εν Πλώ)



4. Катизма (Kathisma)

Најголемата, најширока, најраспространета, најдостапна и најурбанизирана плажа. Нас ни беше најблиску до сместувањето (кое го баравме според неа) и најчесто одевме таму затоа што е напорно секој ден да се спуштаат понедостапните плажи по кривини. Има дел песок каде што може да се игра beach ball и дел ситни заоблени камчиња (како и на сите други плажи). Цените во баровите беа пристојни (2€ за лименка Хајнекен, 4€ за мохито). На северниот крај на плажата има и бесплатни тушеви зад ресторанот.

Паркинг: бесплатен; огромен за 100+ коли, кога бевме ние не беше наполнет ни до една третина.





5. Каламици (Kalamitsi)

Дефинитивно ја понесе титулата на најнезгодна плажа во однос на патот до неа. Од север се поминува низ селото Каламици каде се одвојува патот кон плажата. Патот е асфалтиран до крај, но има толку многу тесни змијасти кривини, што навистина е незгодно со поголема кола (седан) да се изманипулираат. Нам ни успеа, ама ако имаше повеќе сообраќај, веројатно ќе беше мнооогу покомплицирано. На крајот патот завршува со два мали паркинзи на две нивоа и мало барче во приколка. Потоа се симнува до мала плажа полна со карпи, па се продолжува кон југ со прерипување на ниски карпи и едно земјено бртце. Малку пцуење додека рипавме, ама кога стигнавме таму дефинитивно се исплатеше... да се отиде еднаш. Кога стигнавме имаше дваесетина луѓе (скоро половина беа нудисти), ама доста рано уште пред 6 попладне луѓето се разотидоа, веројатно да го фатат патот денски. Така останавме уште 2-3 часа сосема сами на плажата - рај! Со исклучок на тоа колку беше тешко да се стигне до неа, плажава ми е број 1! Посебно зашто најмногу од сите имаше состав што наликуваше барем малку на песок :)

Паркинг: бесплатен; 20+ места, може да биде незгодно во сезона.










6. Егремни ([E]Gremni)

На некои знаци ја пишуваше со „Е“, на некои не, ама влегува во топ 3 плажи на Лефкада (секој со различен вкус). До неа се стигнува по 350 скалила надолу и навистина делува вртоглаво кога ќе се застане горе! Последниот дел од скалите е дрвен и стрмен, па внимавајте при симнувањето (и во недостапните делови да не ви летне шеширот!). Водата беше чиста, но кога имаше бранови сепак се наоѓаа по некои тревки по површината. Состав - ситни заоблени камчиња, доста незгодни при влегување во вода. Има супер барче на плажата, а ѓубрето надвор од него треба да си го качите горе по скалите, па мислете му ја. Не ми е јасно како имаше луѓе што рано во жештините си одеа од плажава, ама не препорачувам да се качувате по скалите пред зајдисонце... не мора да имате кондиција, ама сепак е напорно качувањето на толку скалила. Инспиративна е за сликање :) Вреди да се отиде барем два пати.

Паркинг: има дел бесплатен пред влезот ако најдете место (последните 700 метри од патот не е асфалтиран и има многу прашина), инаку за на паркингот се плаќа 3€;

Edit: За жал, во ноември 2015-та поради земјотрес, оваа плажа беше сосема затрупана :( Од луѓе што беа скоро, во 2017-та, дознав дека сепак има плажа, но патот до неа е доста напорен и се едначи со планинарење бидејќи скалите се уништени. За жал или за среќа, сепак имало организирани бродови кои се закотвуваат на плажава, па доколку сакате да отидете побарајте брод од Агиос Николаос или Василики.






Пивцето си го носевме :) Ѕирнете го мојот гостинскиот пост на Пивски Стомак 








7. Порто Кацики (Porto Katsiki)

Можеби најпознатата плажа кога ќе се спомне Лефкада и дел од мојата топ 3 листа! Пред да одите проверете дали има ветер, зашто ако има големи бранови, ја нема скоро половина од плажата... или дел по дел, ќе ве бркаат брановите сè поблиску до страшниот ѕид (и да, паѓаат камчиња одозгора одвреме-навреме). Водата е кристално чиста, веројатно најчиста од сите, а можеби тоа се должи на интересниот поглед директно надолу од паркингот од каде што ги гледате луѓето како смешно си пливкаат во проѕирната вода, како да мафтаат во воздух :) Нормално, ако ви се погоди да нема бранови. Кај паркингот има неколку бар-ресторани со одлично сувлаки со компирчиња (7€), а од некои барови носат бесплатно достава до плажата за сметка над 5€ (сокови 2€, кафе 2-2.5€) за да не мора да се симнувате по 150-те скалила. Над паркингот има и тоалет бесплатен за користење (не е најчист, ама брка работа, за разлика од другите плажи каде што воопшто нема тоалет).
Околу пладне тука застануваат и неколку од големите бродови што крстарат или само до плажите или и до Итака и Кефалонија, ама за среќа брзо си одат заедно со луѓето што прават метеж.Интересно е да се спомне и мостчето веднаш до горниот паркинг од каде што има убав поглед на зајдисонце. Некои велат дека премногу врева се крева кога се спомнува оваа плажа, ама не се согласувам. Бевме и еден ден кога бранови и не беше исто како со мирна вода... сепак, плажава го заслужува приматот што го има. А спомнав дека е уживанција за пливање? И тоа го велам јас што сум гуштерски тип на човек што обожава да дреме на сонце.

Паркинг: се плаќа 3€, а не е дозволено паркирање надвор од паркингот (иако го прават и тоа); има два големи паркинзи на кои ве насочуваат да паркирате што поблиску до соседите.
















...и на денови со бранови...










8. Агиофили (Agiofili)

Некои луѓе ја спомнуваат како најубава плажа, ама некако мене не ми остави премногу позитивен впечаток. Патот до неа е полош отколку на Каламици, па нè советуваа да фатиме бротче од Василики до таму (6€ повратна по човек). Има дневни тури, последната кон плажата е во 13.30ч, а за последната враќање назад е во 18ч и тоа не е за жалење затоа што половина од плажата до тоа време веќе е под сенка. Плажата има од ситни заоблени камчиња до големи заоблени бели камења, а ние се стациониравме над тие поголемите што беше ептен неудобно за лежење сè додека не се преместивме на поситните каде што имаше и повеќе народ. Денот беше премногу жежок, а ми се чини дека белите камења го правеа уште пожежок. На плажата има импровизиран бар (фрижидерче + стреа) и лежалки што се издаваа, а кафето го пофалија дека е супер (~2.5€). Водата делуваше дека обично е чиста, ама дента кога бевме ние имаше масни и пенасти слоеви по површината (веројатно од бродовите). Убаво е да се види, ама ако ви се штедат пари или не ви се ризикува да одите со кола - не одете.

Паркинг: немало, се паркира на патот и мора да се враќа во рикверц зашто немало доволно простор да се сврти колата; затоа и се препорачува да се оди со брод.










Толку од плажите на кои бевме, единствено од тие што можеби вреди да се видат ги скокнавме Јалос (Gialos - затоа што дента кога сакавме да одиме имало бранови и дувало премногу ветер) и Милос (Mylos - затоа што по грешка ја измешавме со Agios Ioannis).

Покрај плажите, може да фатите крстарење (почетна станица во Нидри) или да ги посетите водопадите кои се наоѓаат во близина на Нидри. Ние не отидовме ни на едното ни на другото затоа што бевме сместени далеку од Нидри, а и некако немавме волја да се тргнеме од плажите.

Ако сте биле и имате поинакво видување од моето, слободно пишете коментар кој можеби ќе им помогне на луѓето што допрва планираат да одат. А ако одите наскоро, убаво да си поминете! :)

0 коментари:

Post a Comment

.