Гостински пост: Тасос


5 comments
Иако неколку пати сум планирала, сѐ уште не сум била на Тасос, па задоволството да напише гостински пост овој пат го оставам на патувалците @iivvanaa и @teksega :) Слободно дополнете во коментари ваши искуства или контакти за сместување.

---

Тасос, (грчки: Θάσος) е грчки остров во северниот дел на Егејско Море. Најсеверен од сите грчки острови, 12ти по големина, со главен град Тасос или Лименас Тасу (Limenas Tasou, што значи „Пристаништето на Тасос“), е на околу 10km од местенцето Керамути (Keramouti).

Пиле на траект :) [Photo by Andreja]


Како до Тасос


Траект може да се фати од две места, Кавала или Керамути. Натаму одевме преку Кавала, се враќавме преку Керамути. До Кавала, од Скопје има 378km, или 4 саати возење со кола и тука не е пресметана гужвата што не можеш да ја предвидиш на грчка граница. На одење заглавивме на граница околу саат време и го фативме траектот во последната минута, буквално. Дури и тетката што продаваше карти ми рече дека треба да трчам назад до кола. На враќање на пример, цариникот воопшто и не проверуваше пасоши.


View Thasos in a larger map





Траектот од Кавала те носи до Скала Принос (Skala Prinos), местенце што се наоѓа на северо-западната страна на островот и возењето трае час и половина со пресметано товарење/растоварење. (Секаде на Интернет, па и на самиот брод пишува дека патувањето трае 35 минути. Ако е тоа точно, тоа се многу долги 35 минути).

Од Керамути, патувањето трае еден час вкупно и бродот те остава во главниот град Тасос, на северо-источниот дел од островот. Од Керамути до Кавала има 39km (40 минути возење по мали патчиња и дел по автопат) значи дека временски е сеедно од каде ќе фатите траект, само видете што повеќе ви одговара локациски на островот.




Сместување


Ние бевме сместени во местото Скала Потамиа (Skala Potamia), кое се наоѓа на источниот дел од островот, на најубавиот залив Golden Beach кој се протега од Криси Амудиа (Chrissi Ammoudia) до Скала Потамиа. Ова е залив со убави широки песочни плажи (од кои немаме слики, преземени се од нет), дел се уредени, дел диви. Лежалки се наплаќаат на секоја плажа различно. Има плажи, со барче, лежалки + чадор, туш и WC каде не се наплаќа лежалката и можеш ама и не мораш да нарачаш нешто од барчето. Има други плажи, широки колку за една лежалка, без ништо во околината, каде 2 лежалки и чадор се 5 евра, има плажи со барчиња кои нудат бесплатни лежалки со чадор и бесплатен wi-fi ако нарачате нешто од барчето. Нема правила на Golden beach. Во околината на Скала Потамиа, секоја плажа е уредена и припаѓа на некое барче на плажа, додека, како што одите према Криси Амудиа, може да најдете и доста „диви“ плажи, а сите се со убав ситен песок.


Скала Потамиjа (Skala Potamia) [Photo by Andreja]

Хотелот во кој бевме сместени (силом прилике) се вика Natasa. http://www.hotel-natasa.gr/

Се наоѓа на влез на Скала Потамиа, покрај самиот пат од десна страна и НИКАКО не го препорачуваме. Имавме проблем со наоѓање сместување и ова хотелче беше единственото кое имаше слободна соба. Сместување баравме на booking.com (ужасно скапо), airbnb.com (слаб избор, високи цени), за на крај хотелот да го најдеме случајно преку google search. На сликите изгледа сосема пристојно и симпатично, и што е право, дворчето и базенот се фино уредени. Ама затоа зградите со собите се потполно друга димензија. Внатре е сè од пред војната, скршена слушалка за туш, мини неуредно WC, никаков ентериер, плакар што мириса чудно и нула изолација. Собарки доаѓаат да чистат секој ден, ама од чистење - диплат чаршафи на креветот и оставаат тоалетна хартија. Значи хотел Наташа, big no-no. Генерално, цените за престој беа високи, немаше апартманче под 50 евра, а и тие што се наоѓаа не беа ни просечни. Пристојните апартманчиња, хотелчиња беа од 65 евра па нагоре од вечер.

Многу од студијата и хотелите ги сретнав на Интернет додека барав сместување, но има многу вили на самата плажа кои не можат да се најдат онлајн, па можеби вреди и да се стигне и да се бара сместување на лице место. (После искуството со хотел Наташа, тоа ни е дефинитивно варијанта за следното патување).

Откако ја исконзумиравме Златната Обала, третиот ден решивме да го прошетаме целиот остров. За тоа ни требаа некои 4-5 часа со попатно застанување на видиковци и некои плажички што ни се бендисаа. Заклучокот е дека западниот дел не чини, плажите се тесни со темен песок налик на тиња и на влегување во вода има карпест појас.



Плажи што ги препорачуваме


На северната страна застанавме на Saliara beach или Marble beach, белата плажа со ситни мермерни камчиња. Плажата се наоѓа на 5km од главниот град Тасос, но тоа се 5 km по земјен пат полн со дупки и се возат 20-25 минути. Како што ќе прочитате и на Интернет, кога ќе ја видите водата, ќе заборавите на дупките што сте ги поминале :) На плажата има барче со убава музика, лежалки, „сепариња“ во карпите со сламен покрив за сенка и многу многу луѓе. Во секој случај, дури и да стигнете само да се избањате и да си одите (како што направивме ние), тотално вреди да се посети оваа мермерна убавина.


Салиjара/Мермерна плажа (Saliara/Marble beach) [Photo by Andreja]

На нашата источна страна од островот посетивме уште една плажа, Paradise beach. Кога возите накај југ, има два влеза за плажата, бидејќи има две различни плажи на заливчето. Едната е beach bar, а другата е „snack bar“ ако можам така да го наречам, монтажна приколка, во која служат скара и секакви пијалаци. Плажите се уредени, со туш, WC и лежалки, каде пар лежалки со чадор чинат 7 евра. Тоа е плажа со најубавиот, најситен, песок на островот, огромна, широка, создадена за романтични филмски шетања за рака, ама и за џогирање (имаше 3-4 души што трчаа по плажата во 1 на пладне, на пример). Водата е преубава, чиста, ама доста ладна.

Од југ, ја издвојуваме Livadi beach. Тоа е плажа што се наоѓа помеѓу огромни карпи, многу блиску до Archangel Monastery. Ако застанете кај манастирот, може да направите прекрасни слики од плажата. Плажата е камена, со 2 реда лежалки кои чинат 5 евра и има далеку понеопремен snack bar од тој на Paradise. Водата е можеби најубава од сите плажи, ама е и најладна.


Ливади (Livadi beach) [Photo by Andreja]

На јужната страна, кај гратчињата Лименариа (Limenaria) и Потос (Potos), има големи, организирани плажи со водни спортови, кои се најпосетени, а и нашиве агенции нудат сместување во таа област. Доколку тоа е тоа што го барате, тогаш југот е вашата дестинација. Икрено, само од поминување со кола, Лименарија не ни остави некаков посебен впечаток, Потос е, на пример, далеку посимпатично местенце.

*Note: Сите плажи се плитки, освен Livadi, и секаде имаше бранови.

*Многу важно: Тоа што се чита по форуми и што се зборува дека имало многу оси на Тасос НЕ Е ВИСТИНА. Оса буквално не видовме, комарец исто така, освен на Paradise и Livadi каде што имаше по некоја кај тушевите, ама се туширавме без проблем и без убоди :)


Впечатоци


Генерално, Тасос е фамилијарно место. Имаше изненадувачки многу Турци, а другите посетители беа претежно Бугари и Романци, што е донекаде и промена од српско-македонскиот комшилук што го имаме на Халкидики.

Вечерите прошетавме во Скала Потамиа, Тасос и Панагиа (Panagia - местенце одма до Скала Потамиа) и од тоа што го видовме излезе дека нашето гратче беше најубаво и нудеше најголем избор на ресторанчиња, кафичи, а имаше и еден многу познат клуб Twins, што го гледавме на реклами на целиот остров. Локалите се наоѓаат покрај брегот и се истите тие што преку ден нудат бесплатни лежалки и wi-fi :)

Од познаници кои биле, не сум слушнала многу пофални зборови за Тасос. Ние, поинаку го доживеавме. Островот е многу живописен, плажите разновидни и бидејќи е релативно блиску, е баш убава промена од краците на Халкидики. Вечера не нѐ кошташе повеќе од 30 евра (за двајца), со салата и пијачки, пиво на плажа чини 2-3 евра, сок исто, а вода 50 центи (0.5 литри).

Топло препорачуваме :)

P.S. На Тасос, слушајте радио 101.6 :)




Ивана и Андреја,
07.08. - 11.08.2013

5 comments: Leave Your Comments

  1. и јас бев сместен во Скала Потамија, за мене најдоброто место таму.најдобро е да отидете и да си побарате сместување на самото место каде сакате да престојувате. препорачувам плажа Psily Amos близу гратчето Потос и Giola природниот базент до кој се стигнува само пешки.

    ReplyDelete
  2. дополнување: температурата на островот е пониска од Халкидики, особено навечер (автороката на постот се жалеше како не земала ништо за нагрнување), па за разлика од краците, на мое огромно задоволство, се спиеше многу убаво.

    ReplyDelete
  3. se pridruzuvam na vasite pozitivni komentari za Tasos, posebno za Skala Potamia. Ovaa godina imavme prilika familijarno da go posetime i posle ovoj preubav odmor veke nikogas ne bi otisle na Halkidiki. Posebno bevme zadovolni od uslugata vo lokalnite dukancinja, site zborea angliski, germanski pa duri i ruski. Temperaturata na vozduhot bese do 35 stepeni, navecer bese posebno ubavo za setanje, prijatno da setas so merak... Slednata godina pak bi go posetile istoto mesto!

    ReplyDelete
  4. I jas toplo go preporacuvam Thasos za site ljubiteli na lezeren odmor vo diva maslinova priroda, pesocni plazi i smaragdno more :)

    Posleden pat imam prestojuvano vo 2011 godina vo Skala Panagia, koja isto taka se naoga na Golden Beach zalivot severno od Skala Potamia, od ednoto do drugoto mesto se stignuva so kola za 5 minuti ili pesh okolu 20 minuti.

    Smestuvanje sami najdovme na internet i se pokaza odlicno. Gazdite bea mnogu ljubezni i usluzlivi. Sobite se prostrani, so golemi udobni kreveti i mnogu cisti, sekoj den gi cistat, a sekoj vtor den menuvaat postelnina. Edinstvena maana, za kogo kako :), e sto imaat malo kujnice vo koe ne e dozvoleno da se gotvi (osven brzo prigotliva hrana kako supa, pasta i sl.). Za podetalni informacii povelete link do studiata http://studios-corali.gr/. Okolu cenata, zavisno od dolzinata na prestojot moze da se iscenkate so gazdite. Ovaa godina pocetok na juli studio na prizemje za 2 lica + 1 cineshe 35 evra, a kraj na juli 45 evra. Studiata na prviot i vtoriot sprat imaat pogled kon more i zatoa se 10 evra poskapi.

    Edinstveno imajte predvid deka okolinata e mnogu tivka i najblisko mesto za vecerna prosetka do prodavnicki ili restorani e Skala Potamia, zatoa sto vo Skala Panagia imase samo 2 restorancinja i 1 prodavnicka pokraj plaza. Glavniot grad Tasos i juznite gradcinja Potos i Limenarija se turisticki najrazvieni so golem broj taverni, pekari, prodavnicki i kafici niz 3-4 ulici. Potos i spored mene e posimpaticno gratce, ima pesocna plaza no e mnogu urbanizirana. Gi preporacuvam za vecerna prosetka.

    Pokraj gorenavedenite plazi na severniot i istocniot breg, za mene prva na lista e plazata Aliki na jugo-istocniot del od ostrovot (http://0.mk/61ac2), zalivot ima preubava zivopisna priroda i mermerno naogaliste koe e na 10 minutno pesacenje od plazata. Vodata e bistra, smaragdna i koga moreto e razbranuvano na ostanatite plazi na Aliki sekogas spie :) Ima pesocna plaza so prirodni senki i nekolku taverni i barcinja za osvezuvanje.

    Na zapadniot del edinstveno bi ja preporacala Trypiti (http://0.mk/7b536), a na juzniot Psiliammos (http://0.mk/78382) i okolnite zalivcinja so mali divi rajski plazicki koi vredi sami da gi otkriete :)

    ReplyDelete
  5. Тамбс Ап за Тасос и од мене! Сместен во С. Потамија и презадоволен, над ова селце има уште неколку помали и непознати за туристите, ако сте фото фанатик на тие места ќе потрошите доста филм ... продаваат домашно кисело млеко и маслинов, обавзно да си купите! До островот, само преку Керамоти ... Убав провод

    ReplyDelete

.