Градот на светлината - Париз


6 comments
Долго време не сме си пишале, а? :) Не дека немам нови патувања што ме чекаат на биро да ги напишам, но ѝ ветив на Ива дека за Велигден ќе напишам некој збор за Париз за да знае каде да прошета на нејзиното дооолго очекувано патување... па, еве го :)

Отсекогаш бев скептик за Париз заради тоа што премногу луѓе ми го имаа зборувано колку е прекрасен, а и веќе имав видено голем дел од европските градови кои горе-долу сите потсетуваат еден на друг па не очекував тој да биде нешто посебен. Но, првата година од (сега веќе редовната) понуда на Кроација Ерлајнс за евтини летови преку Загреб, сепак се одлучив да ја искористам можноста и да го посетам Париз и тоа знаев дека сакам да поминам повеќе време од тие 2-3 дена кои обично сите ги имаат поминато на апсолвентска екскурзија. Се спакувавме четворица другарчиња и една зима летнавме на недела дена.

И да, тоа е градот на светлината, и да, прекрасен е :)








Основни факти за патувањето

Го отварам моето сегашно мило тефтерче и се враќам на првите негови страници:

Период: 21-27.02.08 (2011)
Број на патници: 4
Јазик: француски и послабо англиски
Валута: евро
Виза: не треба (додека се уште не ни требаат визи за Шенген зона)
Не заборавајте: испринтани резервации, пари, пасош и блуза на риги :Р 
Превоз: авион Скопје - Загреб - Париз (Шар де Гол), од аеродром до станот со поделено такси комбе (исценкајте се пред да влезете, не смее да фати повеќе од 40-45 евра во правец и околу 40 минути) и со метро-воз (RER) на враќање (тогаш беше 8,7€).
Дополнување: Од 2014-та веќе имаме лет и со Визер, но до друг аеродром - Paris Beauvais (BVA). Проверете ги понудите и имајте предвид дека автобусот е поскап и дека е подалеку (1:15).
Градски превоз: Низ градот одевме цело време пешки освен до пооддалечените маала (Ла Дефанс и еднаш да избегаме од дожд). Карта беше 1,7€ за едно возење или 12€ за 10 возења.
Безбедност: супер безбедно низ центарот на градот, избегнувајте да се сместувате во евтините хотели во озогласените четврти на градот (17, 18 и 19)

Храна: секое утро го почнувавме со јадење кроасани и други лиснати теста од маалските пекари (фала Дики!), цел ден пешачевме и јадевме нешто на нога, додека навечер неколку пати седнавме на ручек-вечера по кафе-а и ресторанчиња.
Мора да се проба: Кроасан, макарон (со малини!), крем бруле (фав!), киш (солена торта), патка во сос од портокал (нагласувајте добро зготвено месо - bien cuit!), палачинка (crepe), арапски фалафел ако одите накај Плас де Вож, топло чоколадо од Анжелина во близина на Лувр (8€, не го пробав ама велат дека вреди!).








Сместување

Од сите хотели (прескапи) и хостели (во језиво-опасни маала) според мене и според сите познати што биле во Париз, најдобро е да си побарате стан кој се изнајмува за краток период. Доколку барате стан ви препорачувам да биде во овој реон или во латинскиот четврт.

Станот во кој ние бевме сместени веќе не е достапен на истиот оглас, но сепак ќе ги споделам информациите, можеби сѐ уште се издава, ако сте заинтересирани пишете ми коментар и ќе ви испратам контакт мејл. Локацијата беше 112 Rue Monmartre на трети кат, на 5-10 минути пешки на север од музејот Лувр. Чинеше 800€ за цела недела (750€ кирија + 50€ за чистење) што дојде околу 33€ за 6 ноќевања за четворица. Сопственикот Фредерик бидејќи не живее во Париз нѐ поврза со некоја студентка која нѐ пречека во станот да ни остави клуч. Поевтина цена за толку удобно и блиско сместување се сомневам дека би нашле во Париз. Локацијата беше совршена за да го свртиме цел град неколку пати - пешки, а внатре беше баш интересно уредено со мешавина од старински и модерен стил, без проблем за греење, тв, интернет итн.

 




Мора да се види:

Секогаш кога планирам некое патување правам листа од работи што мора да се видат... 
  1. секоја улица што можете - одете пешки!
  2. Ајфелова кула (La Tour Eiffel)
  3. Музејот Лувр (Musée du Louvre)
  4. Плас де Конкорд (Place de la Concorde)
  5. Триумфалната капија (Arc de Тriomphe)
  6. Базиликата Светото Срце (Sacré-Cœur)
  7. Катедралата Нотр Дам (Notre-Dame)
  8. Луксембуршките градини (Jardin du Luxembourg)
  9. Крстарење по Сена
  10. Музејот Орсеј (Musée d'Orsay)
  11. Галеријата (трговски центар) Лафајет (Galeries Lafayette)
  12. Мулeн Руж (Moulin Rouge)
  13. Палатата Версај (Château de Versailles)
  14. Авенијата Шанз-Елизе (Avenue des Champs-Élysées)
  15. Големата и мала палата (Grand et Petit Palais)
  16. Латинскиот четврт (Quartier Latin)
  17. Плоштадот (Плас де) Вож (Place des Vosges)
  18. Гробиштата Пер Лашезе (Père Lachaise Cimetiere)
  19. Кулата Монтпарнас (Tour Montparnasse)
  20. Театарот Мадлен (Théâtre De La Madeleine) и Операта Пале Гарние (Palais Garnier)
  21. Музејот на Роден (Musée Rodin)
  22. Лез Енвалид (Les Invalides)
  23. Ла Дефанс (La Défense)
  24. Музејот на модерна уметност во центарот Помпиду (Centre Pompidou)
  25. Населбата Белвил (Bellville)
  26. Бонус: Дизниленд - ако имате време одете, ние се одлучивме да останеме во Париз :)


А потоа правам план според тоа кои места се во близина и може да се поминат пешки, наоѓам уште по некое место што доаѓа по пат, па ги групирам во денови. Не секогаш се придржувам/е до планот, ама затоа е лесно да се организира неделата за ништо битно да не се испушти.

Веројатно е најдобро да се тргне од најбитните работи кои се најблиску до сместувањето за да се стекне осет за просторот, особено колку време би се поминувало од некое место до друго ако гледате мапа.

Ден 1. Les Halles - Градско собрание - Нотр Дам - Латинска четврт - Луксембуршките градини - Сан Жермен 

Кога стигнавме беше дождлив ден, така што почнавме со пешачење од станот до метро станицата и трговскиот центар Лез Ал (Les Halles) и црквата Sant Otache, преку Градското собрание (L'Hotel de la Ville) пред кое се наоѓа интересна старинска вртелешка и привремено модерно лизгалиште, до островчето на Сена од каде што почнал да се шири градот - Ил де ла Сите (Île de la Cité) и најпознатата точка на Париз - нашата дама (Богородица) - Нотр Дам.



Верувам дека нема кој не ја прочитал „Богородичната црква во Париз“ од Виктор Иго, но мистиката што внатре се доживува е оживување на сите можни фантазии кои сме ги имале кога сме ја читале лектирата, само зголемено за многупати. Прекрасните витражи, страшните статуи, зачудувачкиот молк и покрај еден куп туристи, можеби ќе ви ја вратат книгата на распоред за препрочитување. Влезот е бесплатен, но качувањето во кулата не е.

http://instagram.com/p/Bwoxd/




На истиот остров се наоѓа и палатата на правдата (судот) и други некои административни згради. Од страните има доста мостови од кои може да се фати убав поглед на целосната црква.

Ако сте станале рано ќе имате време и преку Латинскиот четврт, низ универзитетските улици, да прошетате сѐ до Луксембуршките градини, се разбира, ако не патувате во зима како нас (ви посакувам патување во пролет :)).

Латинскиот четврт е поврзан со боемски и философски живот, сместени се многу универзитети, меѓу кои и прочуената Сорбона, како и доста голем број на ресторани и кафулиња во кои препорачувам ручек/вечера. Ако ве стемни во овој реон, побарајте ја црквата Сан Жермен на истоимениот булевар, а зад неа кон брегот на Сена низ тесните улички (мислам дека најраздвижена беше или Rue Mazarine или Rue de Seine) ќе откриете раздвижени луѓе низ ресторани и кафулиња со минимален број на туристи и голем број на локалци кои на минијатурни масички пијат коктели и пушат цигари со филтри. За жал тогаш не го носев апаратот со мене, но гарантирам влегување скроз во филм :)

Ние јадевме во првото кафуле со храна бегајќи од дождот, кое мислам дека беше Кафе де Метро и пробавме патка во сос од портокал која беше фантастична и не се сеќавам точно на цената ама мислам дека не беше повеќе од 12-13€ порција.

http://instagram.com/p/Bwo8h/

Едно кафуле што треба да го забележите е и Кафе де Флор (Café de Flore) на самиот булевар Сан Жермен кое постои повеќе од 120 години и било центар на голем број писатели и философи кои паузите ги трошеле тука на бистрење политики.

Исто така интересна е една од најстарите независни книжарници Шекспир & Ко. специјализирана за англиска литература, која се наоѓа веднаш по поминувањето на мостот спроти Нотр Дам. Тука исто се организираат читања на познати автори, а книжарницата ја има и во неколку познати филмови како Before sunset и Midnight in Paris.

Вечерта на враќање кон станот прошетавме и низ делот во близина на центарот Помпиду (Centre Pompidou)... и за жал немавме време друг ден да влеземе внатре.


Ден 2. Сан Мишел - Лувр - Жарден де Тулери - Плас де Конкорд - Големата и мала палата - Шанз-Елизе - Триумфална капија - Мадлен и Пале Гарние

Не сум сигурна каде, ама прочитавме по слободниот интернет дека секој ден на плоштадчето на Сан Мишел е точка на чекање на бесплатни тури со водичи, почнувајќи од 11 и 13 часот секој ден и одлучивме да прошетаме така за да чуеме нешто повеќе за историјата.


За водич ни се погоди Американец, Тајлер, кој веќе неколку години живее во Париз поради студии.. и можеби знаеше повеќе историја од просечен Французин, а ја пакуваше на смешен начин :)

http://instagram.com/p/Bx_RM/

Турата се одвиваше од Сан Мишел, преку мост со поглед на Нотр Дам, па до мостот на уметноста (Пон д Арт) познат по катинарите кои ја симболизираат вечната љубов (и градоначалникот одвреме-навреме дава наредба да се исечат за да не падне мостот), па малку за кралот Онри со неговиот лајт-сејбер (американски хумор), покрај Сена до Лувр. Оттаму пешачењето продолжи низ градините Тулери (Jardin des Tuileries) до плоштадот Плас де Конкорд (Place de la Concorde) со стар египетски обелиск кој бил пронајден пред некои десетици години, а бил (заборавен) подарок од Римјаните.

Pont des Arts

Пред стаклената пирамида на музејот Лувр

Во градините Тулери
Египетскиот обелиск на Плас де Конкорд
Поглед од Плас де Конкорд на Ајфелова кула (не за време на турата :) )
Турата по околу 3 часа завршува кај Големата и Мала Палата (Grand et Petit Palais) од каде ни понуди ако сакаме да нѐ носи на сендвич и кафе негде во близина на Ајфелова. Иако турата е бесплатна, на крај водичот изјавува дека ако ни се допаднала турата да оставиме бакшиш, така што дониравме по 5€ за оваа фина „бесплатна“ традиција да продолжи. 

Малата палата

Ние наместо на кафе со водичот, продолживме пешки по целата авенија Шанз-Елизе (Avenue des Champs-Élysées) низ интересните излози на скапите популарни брендови.


Авенијата завршува со Триумфалната Капија (Arc de Triomphe de l'Étoile) до која се стигнува преку подземни премини (не се обидувајте да поминете преку кружниот тек), а на нејзините ѕидови ќе забележите бројни имиња на загинати од Француската револуција и борбите на Наполеон.

Ако сте спортски активни и обожаватели на спортската продавница Декатлон, една улица северно од Шанз-Елизе се наоѓа и оваа продавница во која не можевме а да не отидеме :)


Оттаму, нормално пешки, преку театарот Мадлен (Théâtre De La Madeleine) и домот на операта Пале Гарние (Palais Garnier) се вративме назад.

Ова беше можеби и најисцрпувачкиот ден со преку 10 пропешачени километри, така што може слободно да го расцепкате на два дена :)

Palais Garnier

Ден 3 - Ла Дефанс

Бидејќи беше дождлив ден, одлучивме да одиме до населбата со модерни градби Ла Дефанс (La Défense). Од статуа со палец, до стаклена зграда во форма на топка и стаклена верзија од Триумфалната порта, тука се наоѓаат сите чудни градбени експерименти и голем број бизнис-претставништва. Ако ви се погоди исто да ви врне дожд, може да го потрошите денот во голем трговски центар. 

До Ла Дефанс се стига со жолтата линија со последна станица La Défense, ние четворица искористивме карта за 10 возења, така што повратна карта ни дојде за 2,4€. Освен интересните градби кои и се наѕираат од Ајфеловата кула, нема ништо особено да се види тука.

Фото: https://en.wikipedia.org/wiki/File:Grande_Arche_de_La_D%C3%A9fense_et_fontaine.jpg

На враќање, застанавме да јадеме случајно и ни се погоди одличен пица-ресторан во близина на Лувр - Оскиан со одлична пица и француско вино (треба да пробаат од нашето :)).

http://instagram.com/p/BzWpR/
Во секој случај не би го искористила цел ден само за одење до Ла Дефанс, но дождот нѐ натера да одмориме од претходните денови кога се убивме од пешачење.


Ден 4 - Версај - Монмартр (Мулен Руж, Сакр Кер)

За да стигнеме до Версај од RER станицата St Michel Notre-Dame (не е исто со метро станицата) се фаќа воз RER C (жолта линија) до Versailles - Rive Gauche (Château de Versailles). Треба да се внимава последната станица да биде строго Rive Gauche (линија С5) бидејќи истата жолта линија се двои на два дела во последните неколку станици, па не сакате да завршите на десетици километри подалеку од палатата Версај. Купете карта за 4-та зона, тогаш чинеше 6,1€ во двата правци. Од крајната станица, има околу 5 минути пешки до палатата која нема да ја утнете - оградите светат во злато.

Влезот во палатата Версај чини 15€ што ја вклучува палатата и градините (ние го купивме тој), истиот пакет со имотот на Марија Антоанета чини 18€ (внимавајте дека има доста пешачење до таму, така што планирајте го цел ден) и 25€ ако се вклучат и музичките градини (кои работат од Април до Октомври). Тоа што бевме во февруари беше утка за градините, скоро сите дрвја беа покриени со најлони, но сепак детално ја прошетавме палатата и слушавме детали за секоја соба посебно на аудио-водич.

Главната галерија во палатата



Бидејќи секако палатата затвара порано, одлучивме со истата карта воз-метро да отидеме до познатата уметничка населба Монмартр (Montmartre), поточно до метро станицата Blanche веднаш до кабарето Мулен Руж (Moulin Rouge). За карта за влегување не ни помисливме, затоа што не само што е скапа туку и многу порано треба да се резервира, така што се сликавме пред црвената ветерница и продолживме со прошетка нагоре низ малите тесни улички на Монмартр. Тукашните улички ме потсетија и на сцената од Midnight of Paris каде што на полноќ го собираа Овен Вилсон во бољи живот :) Во близина на Мулен Руж се наоѓа и Музејот на еротиката, ако ве интересира може и излогот да го ѕирнете, а во близина има и многу секс-шопови, да не се изненадите од излозите :) 



Она што воопшто во тој момент не ми текна на памет е дека тука се наоѓаше и кафулето „Две ветерници“ (Cafe des Deux Mulins) од филмот Амели, така што веднаш зад Мулен Руж (и уште една друга ветерница) може да го ѕирнете ако не и да пиете кафе таму.

Преку тесните улички на Монмартр, се стигнува и до мало плоштатче полно со уметници кои сликаат на лице место сцени од таа посебна тамошна атмосфера. Еден од многубројните уметници кои го имаат овековечено овој живот е и самиот Ван Гог со цела серија слики посветени на овој реон. 


Тука се наоѓаат и голем број на ресторани и кафулиња, само прашајте до кога работат пред да седнете и за половина час да останете единствени внатре додека во останатите се вжестува забавата (покрај тоа беше скапо и чекавме повеќе од саат време, значи не седнувајте во La Boheme du Tertre!) :) 

Оттука на ноќно разгледување продолживме до катедралата Свето Срце (Sacré-Cœur) која се разбира, беше затворена, но на големиот број на скали пред неа може да видите исто голем број на млади кои јадат, пијат, свират гитари и пеат со прекрасен поглед одозгора на ноќниот Париз. Се вративме назад по многу скали надолу и еден куп фини кафулиња и раздвижен ноќен живот.




Ден 5. Трокадеро - Ајфелова кула - Лез Енвалид - Музејот Родин - Лувр

Иако повеќето се залетуваат уште на почеток да ја посетат Ајфеловата кула, ние некако ја оставивме за последните денови поради непогодното време.

Според мене најдобро место да се почне денот е од плоштадот Трокадеро кој има преубав поглед на Ајфеловата кула, ако имате време разгледајте ја и Пале д Шајо (Palais de Chaillot) со националниот музеј на француските споменици. По пат преку градините и мостот, ќе ве замараат Африканци да купите 5 приврзочиња со кулата за 1€, мој совет е да се исценкате со првиот за 6 приврзочиња и после да ги мафтате во рака за да не ве замараат останатите.



Кога ќе стигнете до Ајфеловата кула, внимавајте дека два од краците се со лифт, а два со скали, зависи од буџетот. Бидејќи се чека долго време (кога бевме ние немаше гужва, ама чекавме сигурно половина час) битно е да сте сигурни на која страна чекате - гледајќи од Трокадеро првиот крак од лева страна е со лифт и ние се качивме од таа страна.

Карта до средината (2 кат) на Ајфелова ако имате до 24 години е 6,5€, а над 24 години е 8,1€. До врвот не можевме да се качиме бидејќи беше затворен поради ветрот. Искористете ја шансата да уживате во „грдата“ челична лејди на Ајфел и убавиот поглед кон униформните париски кровови со убаво капучино во рака кое не чинеше повеќе од 3-3,5€.

Добра алтернатива на погледот на Ајфелова е кулата Монпарнас (Montparnasse) каде може да уживате со бесплатен влез во ресторан на кровот и да ја вклучите самата Ајфелова кула во видикот.




Оттаму може да фатите брод по Сена за 11€ или да пешачите назад, бидејќи беше ладно пак, ние пешачевме. Фатете го патот до Лез Енвалид (Les Invalides) комплекс на палати, музеи на оружје и слични воени поставки, која е позната по тоа што таму е закопан Наполеон.

По пат во близина може и да ѕирнете во дворот на музејот на познатиот скулптор Огуст Роден (Auguste Rodin), а ако имате време прошетајте и внатре, не е премногу голем.

Оваа тура би ја завршила со Музејот Орсеј (Musée d'Orsay) кој е помалку популарен од Лувр, ама може да се најдат голем број на познати дела на француски автори, но и светските импресионисти и пост-импресионисти Ван Гог, Моне, Мане, Дега, Реноа, и тн. Сепак му дадовме приоритет на Лувр поради разноликоста, но следен пат овој музеј ми е на листа дека мора да се посети.

Оттаму бидејќи беше петок попладне и Лувр (Musée du Louvre) после 18 часот е бесплатен за помлади од 25 години (ех, што си бевме млади), оттаму отидовме да прошетаме најмногу што можеме за 4 часа до затварањето.

Работно време на Лувр:
вторник - не работи
среда-петок - од 9ч до 22ч,
другите денови - од 9 до 18ч
Влезница е 10€, а во петок после 18ч за помлади од 25 години влезот е бесплатен.

Се фокусиравме на најинтересните сектори за нас бидејќи е невозможно сѐ да се прошета во еден ден - почнавме со задолжителната Мона Лиза и преку големата галерија, се префрливме на грчка (и македонска), египетска, месопотамска историја, завршивме мал дел со ренесансните автори.

Не се разочарувајте од големината на Мона Лиза (глави за споредба) :)
Зад грбот на тие што ја гледаат Мона Лиза

Поглед на стаклената пирамида (влезот) на Лувр


Ден 6. Помпиду - Плас де Вож - Пер Лашезе - Лафајет

На уште еден дождлив ден, излегуваш да шеташ и сфаќаш дека во уличките веднаш зад сместувањето кон исток се кријат уште голем број интересни улички со отворени маркети и скриени галерии со интересни занаетчиски продавнички. 



Оттаму повторно се упативме кон музејот Помпиду (Center Pompidou) кон плоштадот Плас де Вож (Place des Vosges). Пред плоштадот повторно откривме голем број продавници и прочуените местенца за јадење арапски фалафел пред кои се чекаше во долги редици. 



Поуживавме на краткотрајното сонце на самиот плоштад со кафе во рака (ако прашате за кафе за носење скоро во секое кафуле имаат пластични чаши), но брзо заврна пак. Доброто е тоа што од страните покрај зградичките кои го оградуваат квадратниот плоштад (некогаш наречен кралски плоштад) сите дуќани се покриени со стреа. Во еден агол од плоштадот е сместен и музејот на Виктор Иго (Victor Hugo), еден од најпознатите француски писатели и автор на Богородичната црква во Париз и Клетници. 

Оттаму по дождот продолживме кон гробиштата Пер Лашезе (Père Lachaise) до кои има поголем досаден дел пешачење низ градот на мала угорница и ако се прашувате што сме барале таму, тоа беше да ги најдеме гробовите на Оскар Вајлд и Џим Морисон. Арно ама, не сметавме дека едни гробишта може да затвараат, така што само што пристигнавме, веќе во 16.30 нѐ избркаа чуварите и не успеавме да видиме ниту еден гроб на некој познат великан. Ама затоа атмосферата сама по себе вреди да се види, дожд по калдрма, обиколени со целосни куќички на битни француски семејства, тишина и уживање во внатрешниот мир што се доживува.



Пазете да не ги измешате бројките на секторот и на парцелата

На север од гробиштата е и населбата Белвил која имала убави паркови и ни ја препорачаа за шетање, но поради лошото време одлучивме да не отидеме. Заради работното време на гробиштата, би препорачала турава некако обратно да се одвива, така што може да заврши во Помпиду и да се искористи денот за уште еден интересен музеј. 

Оттаму моравме да фатиме метро назад, и бидејќи беше рано, отидовме до галеријата/трговскиот центар Лафајет (Lafayette) на шопинг и макаронс.

http://instagram.com/p/B3vPD/

http://instagram.com/p/B3vbh/


Ден 7. шеткање - музеи 

Последниот ден бидејќи летот ни беше околу ручек, го поминавме лабаво, се наспавме, прошетавме во маалото грицкајќи локални кроасани, се вративме до Лувр, покрај Сена купувавме сувенири, отидовме до Кралската Палата (Le Palais Royal) и наместо да одиме во Анжелина на топло чоколадо, седнавме во кафулето La Comédie одма карши палатата на кафе лате и превкусно крем бруле. 


http://instagram.com/p/B5B99/

Да не бевме преуморни, веројатно ќе се вратевме до Помпиду или Орсеј, ама мора секогаш да се остави по нешто за следен пат, нели? ;)

Уште неколку домородски трикови откриени преку инстаграм може да видите тука.

По враќањето на Ива, придонесе со уште неколку информации, ѕирнете ги! :)

До следно читање, о р‘воа (или како и да се транскрибира Au revoir)!


6 comments: Leave Your Comments

  1. Браво, прекрасно! *.*

    ReplyDelete
  2. Odlicen blog i mnogu golema koincidencija! :) Sme bile vo isto vreme i na ista tura, bas se sekavam deka i se sretnavme istiot period vo Paris i kazuvavte za smestuvanjeto :)

    ReplyDelete
    Replies
    1. Се сеќавам! Фала ти многу! Се надевам пак ќе имаме прилика да отидеме :)

      Delete
  3. Преубаво напишано! Браво!

    ReplyDelete

.