Јадрански роуд трип - Дел 1: Патот


Leave a Comment
Лонг тајм ноу пост, после само 2 поста во 2016-та (иако може да следите некои новости на фејсбук страната)... конечно малку време за да напишам нешто за неколкуте патувања од 2015-та година :) 

Ако редовно го следите блогов, ќе знаете дека многу сакам главниот одмор со плажа да ми биде во Јуни со денови од стар одмор, подолг ден, помалку гужва и поголем избор за сместување (како Сардинија, Крит и Лефкада), па така останува шанса за можеби уште некое патување кон крајот на летото или повеќе викенди во текот на годината.

Во Јуни 2015-та бевме поканети на свадба на островот Брач во Хрватска, па тоа беше одлична можност за планирање на цел одмор околу таа централна точка. Така, се одлучивме да направиме еден јадрански роуд трип и да поминеме неколку дена во Дубровник, да тркнеме до Мостар пред да уживаме неколку дена на/во Хвар, да отидеме на свадба на Брач, па да останеме уште некој ден во Сплит со кратка посета на Трогир.



Имавме уште многу желби, да одиме дури до Задар, Шибеник и до националниот парк Крка, арно ама моравме да оставиме нешто и за следен пат затоа што во септември направивме уште еден огромен патувачки подвиг по повод уште една свадба (се надевам до крајот на годинава ќе стигнам да напишам и за тоа патување :Р).

Во овој пост малку повеќе околу патот...


На мапата е прикажан патот од на одење до Сплит и на враќање како посебни линии (без траектот од Сплит до Брач поради некој баг во рутата, веројатно не постои траектот како опција во google maps).


Основни факти за патувањето


  • Период: 19.06-30.06 (2015) 
  • Број на патници: 2 
  • Релација
    • Скопје -> (преку Бар) Дубровник -> (Мостар) -> Хвар -> (Сплит) -> Брач -> Сплит -> (Трогир) -> Сплит -> (преку Подгорица) Скопје 
    • Болдираните места се оние каде што преспивавме
    • Цени на траекти и патарини подолу во текстот
  • Валути
    • Црна Гора - евра (колку за кафе) :)
    • Хрватска - Куни (KN); 1€ = 7,514KN 
    • Босна и Херцеговина - Конвертибилни марки (KM); 1€ = 2КМ
  • Бензин (променливо): 
    • Хрватска - ~10,5 куни за литар
    • Босна и Херцеговина - ~2,1 к.марка за литар

Скопје - Дубровник (515km, ~ 10 часа со паузи)

Од Скопје до Дубровник во тој момент (а најверојатно и сега) најдобра беше опцијата за патување преку Косово и Албанија.



На одење натаму отидовме до големата петелка на влезот на Приштина и тоа дефинитивно беше подобриот избор, затоа што на враќање го „скративме” патот преку Штимље, со прекрасен планински предел и покрај многуте кривини, но она за кое зажаливме беше поминувањето низ Урошевац - ем се поминува низ градот, ем се вози лудо (замислете го сообраќајот на Пластичарска полоша за минимум 10 пати) што значително го пролонгираше патот.


Иако патот преку Приштина е малку подолг, набрзо потоа започнува новоизградениот автопат Е851 кој води до приморјето на Албанија кој е одличен, широк, скоро празен и немаше ниту една патарина. Немаше ни многу места за застанување (скоро сите бензиски беа во изградба), па можеби најдобар ви е изборот за пауза на границата Косово-Албанија. 

* Патарините се сè уште во изградба, проверено со луѓе кои патувале неодамна, но не се знае до кога :) 

Извинете за фотките од мобилен во движење :)

Автопатот Е851 во албанскиот дел
Автопатот завршува близу излезот на Јадранско море, а продолжува со мал и тесен пат до Скадар, кој не е баш најдобар ама за среќа е краток.

Патот до Скадар
 Потоа одлучивме да одиме преку патот на јужната страна на Скадар (избегнувајќи да навлеземе многу низ градот) и да одиме низ планинскиот предел на Црна Гора, ама наместо низ планина директно до Бар, прво се спуштивме до Улцињ... и овој пат им е познат на сите што оделе натаму и ништо нема сменето, наидувате на вакви глетки:

Патот од Скадар до Бар
Одлучивме да направиме една кратка кафе-пауза покрај море на плажите веднаш после Бар и тоа ни беше баш фина одлука за освежување :)




Од Бар веќе се излегува на познатата Јадранска магистрала, доволно широк пат со три ленти кој е лесен за возење иако има доста сообраќај.

Јадранска магистрала
После Будва, се стигнува до Тиват и за поскратен и поисплатлив пат има опција за поминување на Которскиот Залив со траект (4.5€ по автомобил).



Преку преубави пејзажи во хрватскиот дел, стигнавме и до Дубровник приквечер и вечерта ја поминавме на прошетка низ населбата Лапад каде што бевме сместени.




Дубровник - Мостар - Дрвеник (траект за Хвар)

Бидејќи имав голема желба да го посетиме Мостар, но немавме планови за пат до Босна и Херцеговина во наредниве години, одлучивме да направиме големо заобиколување и на еден ден да „скокнеме” до Мостар.

До Мостар виа Драчево :))

Патот е сличен како низ Македонија, од нов убав асфалт до делови каде мора да се вози многу споро поради оштетувања... од планински предели до рамници, со претежно голи жолти тревести ридови.

Знаменитости по патот низ БиХ
 Враќањето кон Јадранско Море беше прекрасно - вдолж реката Неретва со прекрасна бистра зеленикава вода.

Перачко Блато (близу до утоката на Неретва во Јадранско Море)


Хвар - Сплит - Брач

За да отидеме на Хвар, фативме траект од Дрвеник кој е најјужно пристаниште со траект до таму. Потоа од најисточниот дел на островот до средината, патот е тесен и лош, веројатно повеќе наменет за локалното население да си оди до лозјата :) Но од Јелса до градот Хвар направен е одличен нов магистрален широк пат и со многу тунели преку кој брзо стигнавме.

Убавиот дел од патот низ Хвар


Една од најбезвезните работи (и најскапите!) беше тоа што нема траект од островот Хвар до островот Брач, па моравме да фатиме два траекти. Математиката за траекти е следна:

Траект 1) од Дрвеник до Сучурај, Хвар 
- автомобил 108KN + 2 луѓе 32KN = 140 куни (~1150 денари)

Траект 2) од Стари Град, Хвар до Сплит - и на кој немаше место па го чекавме следниот :(
- 412 куни (~3350 денари) - и вредеше! :)

Траект 3) од Сплит до Супетар, Брач
- 226 куни во еден правец (~1840 денари)

Сплит - Скопје (720km, ~11 часа со паузи)

Назад од Сплит се враќавме по автопатот кон Дубровник кој не е довршен до таму (патарина Сплит-Љубушки = 40KN, чувајте си кеш иако мислам дека можеше и со картичка), се одлучивме да се враќаме преку БиХ (преку Столац и Требиње) и преку Никшич и Подгорица во Црна Гора.

Патот беше релативно океј, сличен како на одење до Мостар и назад, но делот од Подгорица до Скадар беше ужас, ем тесен, ем многу оштетен, ем со моменти како мал импровизирани мост на кои едвај две коли можат да се разминат, а ние налетавме на камион :)

Иако и оваа опција беше ок, попријатен и побрз беше изборот на одење по јадранската магистрала (и пократок, иако само за дваесетина километри).

Делот во Косово веќе го спомнав погоре, избегнувајте го Урошевац :D


---

Повеќе за градовите (и поубавиот дел од блогот) во следните постови :)



0 коментари:

Post a Comment

.