Јадрански роуд трип - Дел 2: Дубровник


Leave a Comment
Претходно: Јадрански роуд трип - дел 1: Патот

Првата дестинација ни беше Дубровник - легендарниот град во кој ако не сте биле досега, сигурно сте го слушале од вашите родители кои шетале низ Југославија или сте читале за случки во него во лектира во средно, а ако ни двете не се случај, тогаш од модерното доба сигурно го знаете како основа за креирањето на King's Landing од Game of Thrones :)

Поглед од кулата Ловријенац

Дубровник е неверојатен стар град со италијански шмек, со прекрасни камени улици, куќи и ѕидини околу цел град, со околу 40.000 жители ама и многу повеќе туристи од целиот свет. Може да се каже дека е најпопуларна, па и монденска, дестинација во Хрватска - особено во текот на летниот период. За жал бил бомбардиран во ’90-те, но за среќа целосно реконструиран, со тоа што Дубровчаните сè уште имаат поставено текстови и фотографии на надворешниот дел од музејот War Photo Limited, а зачувани се и куќи и улици со дупки од куршуми во ѕидовите за да го потсетуваат светот на овој факт.

Сместување


Бидејќи сместувањето во Дубровник е изгор скапо насекаде, особено во стариот град, одлучивме да се сместиме во апартман во населбата/предградие и полоустров - Лапад. И тоа не беше најевтина варијанта, но беше многу поевтино од другите опции со оглед на тоа што отидовме за време на викенд (59€ за двајца од вечер). Моравме да букираме цел апартман со две спални соби, но сепак беше добар избор, станот беше одличен и локацијата беше на 5мин од плажата и главната пешачка улица во Лапад - шеталиште краља Звонимира, а во близина имаше и супермаркет и следуваше бесплатно паркинг место.

Плажата во Лапад
Пријателска атмосфера во хотелски комплекс :D

Превоз (Лапад - Стар град)

Со оглед на тоа што беше викенд, а и паркингот околу стариот град е прескап и презафатен, вториот ден се одлучивме да одиме кон стариот град пешки. Испешачивме околу 3,5км, еден дел е низ населба, а друг дел е покрај интересни паркчиња и морето со скриени плажички - прекрасен поглед!

На патот од Лапад кон стариот град

На патот се наоѓа и старата зграда на дубровничкиот Универзитет

На враќање вечерта иако тргнавме пешки, нè фати пороен дожд, така што на пола пат моравме да фатиме автобус. Скоро сите автобуси поминуваат покрај стариот град, а на секоја станица може да најдете мапа за да видите кој автобус застанува најблиску до вашето сместување (имаше неколку линии до Лапад).

Карта за едно возење од 1 час беше 15 куни (2€) купена во автобус. Купена во киоск е 12 куни, а во одредени места може да се купи и еднодневна карта за 24ч која чини 30 куни и дефинитивно е поисплатлива, но ние сепак претпочитавме да се движиме пешки.


Храна

За доручек се снаоѓавме од супермаркет и јадевме во станот, за ручек/вечера комбиниравме по нешто на нога или седнувавме негде.

Во Лапад вечерта кога стигнавме јадевме во мексиканскиот ресторан по нашки Чивава (Chihuahua) бидејќи стигнавме доцна и не ни се јадеше по класични ресторани. Порциите се движеа од 55 до 85 куни (7,5-11,5€), а кригла пиво од 0,5л беше 25 куни (3,34€). Од што бевме гладни, фотки немам :) 

Последната вечер седнавме во мало ресторанче што делуваше доста фамилијарно - Конавока, јадевме риба и пилешко и цените беа од 60 до 95 куни за порција, а пивото поскапо - 28 куни. 

Во еден бар на самата плажата во Лапад, пиво беше 24 куни.


Штом се доближивме до стариот град, моравме да правиме една пиво-пауза, па седнавме во ресторанот Дубравка кој се наоѓа веднаш до ѕидините на градот и има тераса со преубав поглед. Иако цените се многу поскапи, ако фатите маса до оградата како нас, сосема вреди :) Пивото од 0,5л беше 38 куни (ако не забележавте, секогаш референца за цени во некое место ми е пиво :D).



Погледот од терасата на Дубравка

Дента низ Дубровник поткаснавме на нога некои кифли (10 куни)... и се разбира сладолед (исто така 10куни, веднаш до пристаништето) и не само во шмекот на градот, туку и во шмекот на сладоледот се блиску до Италијанците :)



За да се почестиме по цел ден пешачење низ ѕидините на Дубровник, се најдовме со пријатели и седнавме на вечера во самиот центар на градот на морска храна во Коноба Веритас (се наоѓа на плоштатчето кај Гундуличев споменик), каде што, се разбира, прво прашуваме што има најсвежо, а свежината ни беше гарантирана со оглед на тоа што готвачите беа пријатели на пријатели :). Јадевме полнети лигњи (100 куни) и „gambori/kozice na buzaru” т.е. ракчиња во црвен сос (130 куни) и делевме едно бело вино Пељешац на четворица (120 куни). И отприлика и во другите градови каде што јадевме морска храна, цените се движеа околу 100-150 куни по порција.

Полнети лигњи

Гамбори на бузару :)

Што да се види

Најпрво поминавме од кај 37-метарската кула Ловријенац каде имаше мала плажа и прекрасен поглед на стариот град (насловната фотографија). Во кулата можеше и да се влезе, но во интерес на времето ние само го ловевме погледот од нејзините скали :)

Ако сакате нуркање или кајакарење, тука е местото да изнајмите опрема.







Тешко е да се набројуваат работи што треба да се видат во Дубровник, бидејќи најпаметно е да го исшетате цел стар град. Мислам дека ние ги поминавме буквално сите улички, почнувајќи од портата од која влеговме (до ресторанот Дубравка) и фонтаната „Онофрио” која е најпопуларно место за чекање, преку главната улица „Страдун” до црквата и градското собрание, до пристаништето сосема од другата страна, а потоа по сите мали улички низ јужниот дел кон морето, па и од спротивната страна кон северниот. 

По самите ѕидини најгоре може да се пешачи и постојат тури кои го заобиколуваат целиот град, цената беше 120 куни за возрасни и 30 куни за деца. Градот е полн и со музеи, но бидејќи ние имавме само еден цел ден за шетање, не влеговме никаде туку го искористивме времето да акаме низ камените улички.

Без многу философирање, уживајте во фотографиите (и описите) :) 





На пристаништето

Главната дубровничка Катедрала

Мини камена плажа во склоп на Cafe Buža


Туристи одат по ѕидините на стариот град



Продавница за сувенири за обожаватели на Game of Thrones :D



Рачно изработени сувенири





Интересна локација за баскет :)

Столбот на Орландо

Палатата „Спонза” од 16-ти век, служи како галерија, а начекавме и свадба внатре :)

Деца си играа фудбал на главниот плоштад <3

Градска „кавана”




На познатите „Shame! Shame!” скали :D

И погледот од скалите надолу




Постои легенда за каменов „Маскерон”, ако успееш да застанеш и ја соблечеш кошулата, ќе те следи среќа во љубовта... ама малку потешко застанување :)

Други знаменитости во/околу Дубровник

Доколку сакате да го видите градот одозгора, постои опција за качување со жичара на планината Срџ (може и пешки и со кола), цената е 100 куни, но гужвата во популарните месеци е огромна. Како замена ако сте со кола, може да застанете на влезот на градот и да си фатите панорама од таму :)

Друга дневна екскурзија што беше препорачувана е до островот Локрум (пат со брод е околу 80куни и трае 10мин, а има и поскапи екскурзии со ручеци и до други острови). На островот кој е национален парк, има плажи (обични и нудистички), тврдина и ботанички градини. 

Поглед од паркинг/панорама на влезот на Дубровник и островот Локрум (лево)


Штиковица

Бидејќи еден ден сакавме да поминеме на плажа во близина на Дубровник, а бевме за време на викенд, се одлучивме на препорака на пријателите (фала Ана!) да одиме на плажата Штиковица надвор од градот каде што претежно одат локалци. Плажата е камена, а водата чиста и ладна, како и секаде по јадранската обала :)





Мостот кој води на север од градот


Фала за вниманието ;)

...во следниот  дел - Мостар!


0 коментари:

Post a Comment

.