Историја на моите патувања

19 November 2011 //
Leave a Comment
Патувањата, за мене, како и за сите со кои се дружам, биле одмор со моите во Охрид, Грција, Бугарија, а кога сум била мала и на јадранското крајбрежје на Југославија на кои не се ни сеќавам... тоа била мојата замисла за патувања додека не дојдов на факултет.

Во тој период слушнав за некои организации преку кои не само што можеш да патуваш, туку можеш и да оствариш стручна пракса во некоја земја во светот... одлучив да бидам упорна и да направам сè што можам за да бидам дел од тој свет.




Првата година се одлучив да заработувам во Грција како јуниор келнерка, од каде ме избркаа од работа за челичење за името на мојата земја откако еден друг наш сонародник нè смести во одделот за човечки ресурси. Ама затоа, за мојот храбар и инаетчиски потег, менаџерката на ресторанот ме награди со цела недела бесплатно сместување, храна и уживанција. А додека работев, си заработив и пари за мојот прв фото апарат - нешто во кое се заљубив, нешто што ги чуваше моите спомени - овековечени на оној начин на кој се сеќавав јас.

Втората година, немав можност да отидам на пракса, па конкурирав на бесплатни летни курсеви (на кои само го плаќаш патот) преку БЕСТ Скопје и иако имав можност да одберам три града, конкурирав само за во Барселона, мојот дотогаш и засекогаш омилен град. И, за чудо, ме одбраа.
Таму поминав три дена сосема сама додека не започна курсот (ох, колку беше тежок првиот ден...), па уште 10 незаборавни дена, каде се импресионирав од тоа како луѓето можат инженерски да размислуваат за да состават кола од лего коцки со чип кој го програмиравме да оди по лавиринт со помош на сензор за светлина - после цела ноќ пиење и лумпување.
Оттаму произлегоа и серија од моите раскази - Приказни од Барселона (1) (2) (3) (4) (5) (6)

Тогаш, всушност, се разгоре желбата и упорноста за нови нешта, нови земји, нови луѓе и нови искуства. Се ангажирав најмногу што можев во студентската организација за размена на студенти од техничките факултети - ИАЕСТЕ Македонија, каде почнав да учам, да стекнувам искуства, да запознавам нови луѓе, да вежбам отвореност кон нови доживувања и карактери.
...И целосно се сменив. Дел по дел ќе откривам веројатно и текстови што сум ги праќала како дневник од моите три пракси во Краков, Барселона и Грац; и семинари во Норвешка, Хрватска, Белгија и Полска. За да патуваме во тоа време, имајќи студентски буџет, се снаоѓавме како знаевме и умеевме, па така скоро сите мои придружници од студентските денови го прават истово што и јас - патуваат „сами“.

Иако сама заработив скоро за секое патување, на почетокот бев спонзорирана од моите родители кои, па и немаа баш многу избор покрај обезбедените стипендии и плати, освен да ја поддржат нивната ќерка да си го оствари сонот - да го пропатува Светот. Премногу сум им благодарна што ми овозможија да станам она што сум денес.

...

Нормално е дека требаат пари за да можеш да излезеш надвор од земјава, ама не е невозможно да излезеш со малку.
Јас се водам со мислата дека што и да сакаш во животот треба само мноооогу силно да го посакуваш и да се убиеш од работа за тоа да се оствари... дури тогаш универзумот ќе ги смогне сите свои сили за да го добиеш посакуваното ;)

0 коментари:

Post a Comment

.