Светот виа Лондон (совети за британска виза - UK visa)

23 November 2011 //
23 comments
Дополнување (октомври 2014): Игнорирајте скоро сè подолу од линијата и читајте внимателно :( 

Од пролетва има сосема нова процедура спроведена скоро во сите земји на светот за кои треба виза, односно треба да се аплицира преку агенција која ги препраќа документите во друга амбасада надвор од земјата (за нас е одговорна амбасадата во - wait for it - Варшава!) Повеќе за тоа тука.





Она што сега го дознав за постапката дојде од муабетов од твитер (и од таму е поттикнат апдејтов), па проверив и од другар кој во скоро време беше во Британија со бизнис виза (фала Д.Д.).

Постапката е следна:
  1. На сајтот visa4uk се креира акаунт, се бира тип на виза (ако е прв пат се бира за 6 месеци), се пополнува апликацијата и се плаќа за апликацијата 105€ со картичка.
    избирање на тип на виза


  2. На сајтот од агенцијата задолжена за посредување во Македонија - ge2mk, каде се закажува термин за носење на документите (системот дава кои се слободни), се плаќа €77.29 со картичка (оригинална цена е 59 британски фунти) - што значи вкупно за целата виза станува збор за 182.29€! (неспоредливо во однос на 2011-та кога се плаќаше 90€)
  3. Апликацијата се печати и со сите останати документи (добивате листа по пополнувањето на апликацијата, а може да прочитате и подолу по старо, обезбедете ги на англиски!) - бидејќи ако ве одбијат ги губите парите, соберете што е можно повеќе документи од тие што се бараат 
  4.  Одите во Соравија на 3-ти спрат во закажаниот термин со документите кои ги праќаат до Варшава каде се донесува одлуката и за ~15 работни дена ги добивате документите назад.
Со еден збор - она што го зборував порано дека се исплати да се лета до каде било низ светот преку Лондон, веќе не важи... за 200€ не мора да се мачите за виза, ќе си најдете поскап лет од друг европски град за каде нема да мора да се гњавите со документација :(

Ако сепак мора да одите баш таму, за некои детали околу документите слободно прочитајте го стариот текст подолу, додека во врска со линковите и цените држете се до она што го пишува во горниов дел на постот... среќно!



---------------------------------------------------------------------------------
Дополнување (мај 2012): Има измени во процедурата најверојатно поради зголемена безбедност за Олимписките игри. Се чека подолго за виза бидејќи документите се препраќаат во Белград, а и плаќањето одело онлајн наместо директно на шалтер. Очигледно, некои од линковите во текстот се скршени. Ако имате повеќе информации, пишете коментар, па ќе го дополнам постот. Еве и линк што неодамна го твитнаа од официјалниот твитер акаунт на Британска Амбасада во Македонија - како да земете виза за UK.

Стариот текст (ноември 2011):

Добрата страна на нискобуџетните летови Скопје - Лондон (до аеродромот London Luton - Лутон или на британски: Лут’н) кои беа пуштени неодамна преку WizzAir, е тоа што од Лондон има евтини летови кон цел свет, особено кон еден куп градови во Европа, меѓу кои се и летовите на (дефинитивно) најевтината компанија RyanAir.


Лошата страна е тоа што за нас, Македонците (оние што имаат само македонски пасош :) ), макар и за транзит од истиот аеродром потребна е британска виза.


Процесот за аплицирање, документи и уплата за виза е малку сложен - на почетокот ни јас не можев да се снајдам на нивните сајтови за да дознаам каква виза всушност ми треба за да сменам аеродром.

Ако се јавите на телефон ќе ве упатат на сајтот, а на сајтот (т.е. сајтОВИТЕ) има уште 10-ина линка кои ќе ве збунат, додека не најдете некои покорисни како што се овие:

Затоа ќе се обидам да објаснам на поубав начин на едно место...

Постојат два типа на транзит виза:
  1. За смена на порта (гејт) на аеродром која има важност од 24 часа при едно влегување - Direct Airside Transit (DATV)
  2. За смена на аеродром која има важност од 48 часа при едно влегување - Visitor in Transit
Иако постои нешто како 'Transit without visa' concession и постои транзит виза за смена на гејт (airside transit), сепак landside (по копно, т.е. со влез во земјата) транзит виза ќе ви биде потребна бидејќи аеродромот Лутон (до кој се летовите со WizzAir) нема транзит зона, т.е. доколку треба да смените авиокомпанија и треба да си го подигнете багажот, ќе мора да поминете низ пасошка контрола за која визата ќе ви биде неопходна. 

Цената и за двата типа на транзит виза е 60€, додека цената за редовна туристичка виза е 90€.

Затоа најтопло ви препорачувам да си вадите Visitor in Transit виза за 48 часа, бидејќи и документите и парите се исти.

За пополнување апликацијата за виза, ќе ве оставам да се помачите сами :) Има интересни прашања на кои ќе се изнасмеете, на пример дали сте терорист и слично... тоа е само правна заштита за (најверојатно) да може да ве тужат ако направите каков било криминален акт на нивна територија. На крајот на онлајн апликацијата ќе ви се понуди можност да закажете состанок, така што или соберете ги документите порано и закажете што е можно поскоро, или оставете си доволно време за да ги соберете, на пример една недела.

Ќе одговорите на некое со yes? :)

Визата се плаќа во евра при аплицирањето со документите во амбасада. Ако ве одбијат, тогаш мора да аплицирате и платите одново, затоа соберете ги сите можни документи што можете пред да ги поднесете во амбасада.

Амбасадата се наоѓа во зградите на ИЗИИС на Водно, заедно со француската амбасада.


Потребни работи/документи за во амбасада:
  • 60€ - во евра, не во денари
  • Испринтана апликација што сте ја пополниле онлајн
  • Слика на бела позадина со исправена глава, со поглед во камера, без насмевка, без наочари, без капи, шалови и марами, и тн. За жените со религиска обврска да носат марами, дозволено е - сè додека се гледа целото лице.
  • Нов и, доколку имате, стар пасош и копии од страни (предна задолжително и страни со печати и визи од претходни патувања)
  • Доказ за вработување (ако сте вработен):
    • писмо од работа дека имате одмор и дозволено ви е да го користите, дека земате плата и тн. со потпис и печат (на англиски јазик)
    • формулар М1/М2 - го добивате на работа (не мора преведен)
    • копија од договор за вработување (ако имате, не мора преведен)
    • формулар М4 (незадолжително) - се вади од пензиско (кај Ред Кафе во аеродром) и тоа треба да одите пред 14 часот затоа што прво треба да ја иницијализираат базата на шалтер што работи само до 14ч, па после да ви го издадат формуларот инаку ќе излезе дека имате 0 денови стаж (не мора преведен) [им залепив зелено смајли на шалтер за експресната услуга во 15:30 часот ... и тогаш ја забележав нулата, ако им отидам пак, добиваат црвено гратис!]
  • Доказ за студирање (ако сте студент): 
    • потврда за редовен студент (на англиски) 
    • листа со положени испити (на англиски)
    • индекс и копија од индекс
  • Доказ за месечните приходи од плата и други извори - се вади од банка: на шалтер се уплаќаат 100 денари, потоа во канцеларијата за картично работење ви даваат писмо (на англиски) и извод на приходи и расходи од последните три месеци
    • забелешка: ако средствата ви се уплатени неколку дена пред да вадите виза и не сте имале претходна историја дека имате редовни примања, може да испадне дека вештачки сте додале пари на сметка и всушност ги немате за патувањето - голема е шансата да ве одбијат
  • Копија од авионските карти за влез и излез од земјата (ова е клучниот документ за да ви ја одобрат визата, а и клучниот документ за да ве пуштат кога ќе пристигнете на пасошка контрола)
  • Доказ дека имате право да патувате во земјата која е крајна дестинација (ако е шенген земја, не е проблем, ако не, треба да се покаже виза од таа земја)
Забелешка: носете копија од секој документ кој го имате во оригинал и сакате да ви биде вратен, инаку ќе го задржат, макар и да е стариот пасош.

Не сум вадела виза за кратка туристичка посета (short term visit - до 6 месеци), но мислам дека разликите се овие:
  • 90€ наместо 60€
  • + Резервација од хотел/хостел или покана (invitation letter) од домаќини ако одите на гости
  • + Ако одите на гости: доказ за финансиски средства на домаќините дека имаат пари да ве примат на гости (за ова знам луѓе кои биле одбиени)
Сепак најдобро е да прашате уште некој што вадел ваков тип на виза [или ако имате искуство, дополнете во коментар, па ќе го едитирам постов].


Процедура:
  1. Соберете си ги прво документите, што е сигурно - сигурно е. Не знаете дали одговорните на работа ќе бидат достапни или дали студентската служба е затворена за летен одмор.
  2. Аплицирајте на сајтот: креирајте ваш профил (account), пополнете ја апликацијата и закажете термин за носење на документите кога ви одговара
  3. Бидете на време за закажаниот термин, ако го испуштите ќе треба да ја поминете повторно процедурата со закажување термин
  4. Кога ќе пристигнете во амбасада, најавете се на шалтерот дека сте пристигнале и дека имате термин за аплицирање за виза. Ќе ве пуштат внатре. Исклучете го телефонот.
  5. Внатре има чекална, почекајте да го повикаат вашето име и гледајте си спотови на VH1.
  6. На највнатрешниот шалтер, ќе треба да ги предадете сите документи, парите и ќе ви земат биометриски податоци: отпечатоци од сите прсти + ќе ве сликнат уште еднаш со камера, да не бидете изненадени :) Ќе ви речат дека ќе ви се јават за кога да дојдете за одлуката (на телефон нема да ви кажат дали визата е одобрена или не).
  7. Мене ми ја издадоа визата за три работни дена, т.е. точно 7 дена (аплицирав во четврток, во петок не работат со странки, ми се јавија во вторник за да ја подигнам во среда).
  8. Ако ви се јавиле, а сте го пропуштиле повикот и не ви се јават повторно (а не можете да ги добиете тие информации ако се јавите на оставениот број на сајтот) - како мене, одете следниот ден во 14:00, тоа е терминот за делење на визи секој ден освен петок... ако не го прочитаат вашето име, кажете на шалтерот на влез дека сте имале пропуштен повик претходниот ден и прашајте кога треба да дојдете повторно. Најчесто одлуката е донесена, па имате голема веројатност да влезете уште во истиот миг.
  9. Ако сè е ок - ЧЕСТИТКИ! :) Ќе рипате од радост зашто не сте имале потреба да вадите виза откако ни дозволија да патуваме во шенген зоната :) Најчесто визата ја даваат со повеќе влезови (мулти) и во траење од 6 месеци, така што би можеле да си ја исплатите визата со повеќе патувања...
  10. Ако не е, обидете се повторно... со екстра документи и уште една доза евра надвор од џебот :(

Колку помалку документи обезбедите, толку поголема е веројатноста да ве одбијат... така што, соберете колку што можете од набројаните документи. За среќа, не знам како е да ве одбијат, така што нема да знам да ви одговорам на прашањата „што во случај“?

За да ги дознаам овие работи се изначитав линкови кои само ме пренасочуваа на нови... се надевам дека овој мал водич со сите информации на едно место ќе ви помогнат да ги искористите евтините летови преку Лондон за да стигнете до некоја ваша посакувана дестинација ;)




Бонус: Превоз од аеродромот Лондон Лутон до станицата Викторија во Лондон може да си резервирате/купите онлајн на EasyBus и имајте предвид кога бирате час - дека може да се задржите на пасошка контрола (метеж или натурализирана Британка на шалтер) или додека го подигнете багажот. Оставете си доволно време од најмалку 1-2 часa кога ќе резервирате за тргање кон Лондон. Цените се од 2 до 15 фунти (GBP) во еден правец во зависност од периодот во денот.

Превоз од/до аеродромот Гетвик (London Gatwick) може да си купите преку GatwickExpress од Викторија или исто со EasyBus од друга станица во градот (нема автобус со нив од Викторија до Гетвик). Картата купена онлајн и повратната карта се поевтини отколку да се купат на лице место (цената онлајн за повратна карта е 27.4 GBP)

 * Секако дека постојат и други начини со директен автобус да се префрлиш од еден на друг аеродром, но на оваа релација, најевтин начин беше горенаведениот.

23 comments: Leave Your Comments

  1. Thank YOU for the info...fala za "mapata" da ne se gubime po stranive a se nadevam i vo London - Luton...inaku imam plan da apliciram za rabota na Olimpiskite igri vo London,pa bas me interesirase seto ova,i mi pomogna mnogu.Inaku nekoj sovet da spodelis ili pa da ne znaes mesta kade sto moze da se aplicira za rabota ili pa nekoja strana za stancinja so poniska kirija...bilo sto nesto so mislis deka moze da ni bide od korist.Blagodaram

    ReplyDelete
  2. Александар мило ми е што сум помогнала барем малку. Може ќе напишам некогаш и водич за низ Лондон, барем од искуството од една вечер помината таму :)

    Со британски сајтови за аплицирање за работа не сум запозната, тие што ги знам што отишле на пракса било преку ИАЕСТЕ кое таму работи под British Council.

    Јас таму преспав кај другар, така што немам барано ни сместување, ама еве што излезе по некое кратко пребарување:
    http://www.london-rooms.com
    http://www.spareroom.co.uk/
    http://www.intolondon.com/flatshare/
    http://www.intolondon.com/room-to-rent/

    Имај предвид дека сместувањето е ужасно скапо таму... Другар ми што живее во трета зона во Лејтон, плаќа околу 500 фунти кирија месечно за една соба во куќа со заедничко купатило и кујна... сигурно може да се најде или помала соба или поевтина уште подалеку, ама сигурно ќе се помачиш за да најдеш нешто такво а да е пристојно за живеење.

    Со среќа!

    ReplyDelete
  3. Многу корисен пост. :)

    Неколку совети од некој кој вадел туристичка, а не транзит виза.

    1. Чекав за визата доста подолго. Од поднесувањето на документите, до превземањето поминаа 3 недели. Периодот опфаќа велигденски празници, но сепак се работи за повеќе од 10 работни дена. Бидејќи беше повеќе време, решив да проверерам повеќе околу ова. Информациите се на следниов линк:

    http://www.ukba.homeoffice.gov.uk/countries/macedonia/processing-times/?langname=UK%20English

    Како што пишува, треба да се почека барем три недели, пред да им се пише за повеќе информации. Доколу се поминати повеќе од три недели, има форма преку која може да се испрати порака. Нормално, не го користев ова :)

    2. Околу пополнувањето на апликацијата: некои од полињата не прифаќаат многу карактери, а се бара да ги напишете сите патувања во последните 10 години. Јас бидејќи веќе се изнамачив да ги извадам (колку можам), во полето внесов само сума-сумарум во неколку реченици, а си ги испринтав на посебен лист сите патувања. Овој лист го предадов во амбасадата, каде што го прифатија. За разлика да речеме од друг лист каде што имав испринтано план за патувањето (летови) (НЕ КУПЕНА АВИОНСКА КАРТА, туку информација која карта би ја купил доколку добијам виза). Овој лист не ми го прифатија.

    ReplyDelete
  4. Линкот за EasyBus ти е:
    http://www.easybus.com/
    Мислам дека треба да е:
    http://www.easybus.co.uk/

    ReplyDelete
  5. Точно, поправено :) Фала на коментарите!

    ReplyDelete
  6. Мислам дека има промени во цените на визите. Сега цена за редовна туристичка виза е 105е

    ReplyDelete
  7. Здраво,
    многу ми се допаѓа постот. Сега претпоставувам има многу измени за цените како и за условите. Би сакала да прашам дали мора да е book-ирана картата за лет пред да аплицираш? и доколку сте информирани повеќе за новиот начин на аплицирање за визи за Обединетото Кралство ве молам споделете.

    ReplyDelete
    Replies
    1. Здраво Јасна,
      Цената мислам дека е зголемена за 10 фунти, а и условите се сигурно сменети но не познавам никој што во скоро време вадел виза.

      За летот ако е од нормалните летови преку агенција може да се изврши резервација која е доволна, за евтините преку wizzair за жал мора да биде купена бидејќи нема начин таквите да се резервираат, евентуално да пробаш преку некоја агенција исто така.

      Поздрав и ако вадиш виза слободно сподели ги измените :)

      Delete
  8. This comment has been removed by the author.

    ReplyDelete
  9. Здраво,
    би сакала да ги споделам промените при апликација за виза. Да не се повторуваме од претходно, процедурата е иста, само дополнително се плакаат плус 72€ поради новите канцеларии во Соравија.(повеќе инфо на следниов линк http://www.fakulteti.mk/news/14-02-11/se_menuva_nachinot_na_apliciranje_za_vizi_za_obedinetoto_kralstvo.aspx). Поради тоа што канцелариите уште не беа опремени, јас си платив, но ги носев документите во Амбасада. Ми одговорија за три недели(последниот ден) и одлуката беше донесена во Варшава. Немав резервирано карта, ја купив истиот ден откако ја добив визата. Преубаво си поминав, вреди да се види Лондон.

    Поздрав

    ReplyDelete
    Replies
    1. Фала многу на информациите! Сигурно ќе бидат корисни некому...
      [и оф, уште 72€ агрх :( ]

      Delete
    2. Здраво,
      Сакам да поднесам за туристичка виза,можеш ли да ми објасниш малку подетално околу потврдата од банка и резервацијата за авионски карти и аранжманот бидејки и јас сакам да одам.
      Мажена сум и имам три деца (што претпоставувам е олеснителна околност),сама сакам да патувам.
      Ти благодарам

      Delete
    3. Здраво..

      Во банка може да побарате извод од трансакциите на вашата сметка за последните 6 месеци и тоа директно на англиски јазик за да не преведувате специјално. Доколку имате константни приливи/одливи, не би требало да имате никаков проблем.

      За летовите имав пишано дека ако е нискобуџетна компанија како WizzAir мора да ви е купена картата, а доколку резервирате преку агенција со некоја од поскапите авио компании може да поминете и само со резервација, па да ја купите картата откако ќе ја добиете визата.

      За сместувањето важи истото, дали ќе платите однапред или само ќе резервирате зависи од хотелот/хостелот/airBnb, но ќе ви треба некаква резервација за местото каде би биле сместени (ако одите во посета на некого, ќе треба да ви испратат заверено гарантно писмо што е малку покомплицирано за тие што ве покануваат).

      Некаква потврда за редовен работен однос, доколку имате, исто така ќе ја осигура визата (или каков било друг документ со кој сте некако обврзани да се вратите назад).

      Среќно :)

      Delete
    4. А како да ја отпечатам резервацијата-ми стигна на мејл со детали за бр.на лет и сл-Дали мејлот да го испринрам?
      Ти благодарам

      Delete
    5. Да, мејлот е доволно..

      Delete
  10. Здраво,

    Имам прашање околу апликациската форма. Денес ја пополнив и кога стигнувам до крај и сакам да платам пишува payment refused. Ја проверив картичката и во банка, се е во ред.
    Дали на некој од вас ви се има случено ова?

    Благодарам за одговорот.

    Поздрав

    ReplyDelete
    Replies
    1. Здраво и извини за доцниот одговор, се надевам дека веќе си се снашла.. ако не, една пријателка имаше ист проблем и испадна дека сајтот им е сменет, треба да е овој: https://visas-immigration.service.gov.uk/apply-uk-visa (иако уште официјално на сајтовите се линкани тој што ми е линкан и мене погоре visa4uk)

      Delete
  11. Здраво :)
    Спремам сега апликација, сакам здравје на 14ти до 19ти Јуни да одам да шетнам во Лондон и се наааадевам ке добијам виза. Но имам некои нејаснотии, па ако имате инфо за тоа би Ви била преблагодарна.
    Бидејќи пред два месеци се вработив во нова фирма, м1-м2 образецот не ми е проблем да го имам, но не знам дали ке сакаат потврда да ми дадат дека фирмата ми ги дава четирите слободни денови ?!
    Некаде прочитав дека треба специјална потврда од работодавецот дека ти дозволува отсуство од работа и не знам дали ќе морам тоа да го приложам, или пак доволно ми е образецот м1-м2 и таа листата за стаж од пензиско дека сум вработена, со тоа што таму има и инфо нели претходно каде сум работела-нешто како историја, во смисла имам тука вработување долги години наназад ?!

    Фала нај <3

    ReplyDelete
    Replies
    1. Ако ги немаш потврдите не знам дали е причина да те одбијат, ама се работи што можеш лесно да ги извадиш па јас би ти препорачала да си ги имаш, најмногу ради цената на визата.

      По закон секој месец ти следуваат 2 дена, така што веќе имаш 4 за кои сигурно фирмата не би требало да има проблем да ти напише едно писменце на англиски (нема посебен шаблон за тоа, може и сама да го напишеш само да ти удрат потпис и печат). М4 формуларот многу брзо се вади, пензиско е меѓу ред кафе и еври деј во аеродром, само гледај да не ги начекаш на пауза :)

      Со среќа :)

      Delete
    2. Ти благодарам на сугестијата She <3

      Delete
  12. Здраво. Дали ми треба некаква виза доколку патувам директно преку Heathrow или Gatwick? На пр. одам од Тирана до USA преку Heathrow/ Gatwick? Тоа некако ми доаѓа само промена на порти и терминали. Се надевам ме разбра :)

    ReplyDelete
  13. Како Може Со Мк пасош И Која агенција е Каи Добра Да Ти Овозможи Виза До Лондон За Туризам Ве Молам одговор

    ReplyDelete
    Replies
    1. На следниот линк ги имате сите потребни информации и на копчето се појавува апликацијата, цената за стандардна виза за краток престој / патување е 97 фунти. За агенција не би знаела да ви кажам.. https://www.gov.uk/standard-visitor-visa/apply

      Delete

.