1600км низ Сардинија - дел 1


Leave a Comment
Сардинија (Sardinia) или Сардења (Sardegna) на италијански или Сар'диња (Sardigna) на сардински [:)] е вториот по големина остров во Средоземното Море после Сицилија (за малку) и е автономен дел од Италија. Локацијата доаѓа отприлика одма карши Рим, под француската Корзика.

Иако ние малку сме слушале, има пребогата историја уште од пред нашата ера, час била популарна за освојување, час ја оставале на раат да си биде автономна. Ќе напишам повеќе околу градовите и остатоците од цивилизацијата на Нурагите (не можам да најдам никаков извор на македонски, па ако знае некој нека линка).

Иако овој пат поради обврски не планирав да го искористам јунскиот одмор, сепак ни улета шанса која не се пропушташе - понуда за нововоспоставените летови со Алиталиа преку Рим до кој било италијански остров за 149€. Имајќи предвид дека само до Рим редовната цена на летовите е скоро дупло, моравме да ја искористиме оваа шанса и да летнеме до ретко зборуваниот и преубав остров Сардинија. Некако ни тргна со островиве после Мајорка, Лефкада и Крит, ама за разлика од нив, тука дефинитивно го скршивме рекордот на поминати километри со кола за 10 дена :) И морам да признаам дека е единствен остров од претходниве каде од која страна и да отидовме, сите плажи беа која од која поубави.



*** Сликите се од моето патување и бидејќи сум приврзаник на Криејтив Комонс, ако ги споделувате, линкајте назад на овој блог. Благодарам однапред.



Основни факти за патувањето


  • Период: 10.06-19.06 (2014)
  • Број на патници: 2
  • Релација:
    • Скопје -> Рим -> Кáљари, Сардинија (Cagliari, со акцент на првото „а“) 
    • Аеродроми има и во Алгеро (Alghero) и Олбија (Olbia), но конекциите со Скопје беа најзгодни преку Каљари
  • Превоз до Сардинија:
    • Опција 1: авион од Скопје преку Рим со Alitalia
      • патувањето пак ни беше скоро во последен момент, карти купивме 4 дена пред поаѓање и цената беше 149€ повратна карта со вклучен багаж.
    • Опција 2: со Wizzair до Милано (Малпенса), па со Easyjet до Каљари, Алгеро или Олбија (без вклучен багаж!) или со Wizzair до Венеција (Тревизо) па од Венеција (Марко Поло) до Каљари или Олбиа со Volotea (и јас сега прв пат слушнав, претежно летаат низ Шпанија, Италија и Грција). И овие конекции се доволно комплицирани да не ги набројувам и другите :)
    • Oпција 3: со кола до Рим, поточно Civitavecchia, па со траект до Каљари или Олбија. 
  • Превоз низ Сардинија:
    • Нашиот план е да слетаме во Каљари, да се однесеме до Алгеро, да го исшетаме северниот дел во 4 дена и да се вратиме во близина на Каљари последните 5 дена за да го шетаме југот. Постојат автобуси кои возат низ целиот остров и помеѓу големите и помалите градови, ама застануваат во секое можно село и времетраењето беше скоро дупло. Со оглед на тоа што имавме доста амбициозна агенда со места за посетување, се одлучивме повторно да одиме со рент-а-кар, кој нормално за четворица ќе се исплатеше многу повеќе.
Пандата <3

    • Со изнајмувањето малку импровизиравме бидејќи се надевавме дека ќе најдеме поевтина опција на лице место. Резервиравме преку Sardinya (Rent a car - Autonoleggio) светло-жолта Fiat Panda за првите 5 дена за 220€ со некој попуст за онлајн резервација и моравме да оставиме 300€ кеш за депозит. Ова беше најевтината варијанта бидејќи сите останати бараа или блокирање на минимум 1000€ на кредитна картичка или кеш депозит од 600€, во чии случаи можеше да се најде и поевтина кола, но секако со ризик да ви наплатат од резервираните средства бидејќи - Италијанци. 
    • На 5-от ден моравме да се вратиме на аеродром и да провериме дали колата е слободна, па ја доизнајмивме за уште 4 дена со доплата од 150€. Колку за споредба, претходната година на Крит беше за малку дупло поевтино за 9 дена.
    • За бензин плативме 149€ за поминати 1600км (цената многу варираше на различни бензиски пумпи).
    • Со ова ми се потврди дека во Италија изнајмувањето кола е најскапо низ Европа и со најлоши услови од досегашното искуство. 
    • Нема патарини, има еден мал автопат кој оди од Каљари до Сасари (Sassari) и некои пошироки регионални патишта до Олбиа и Алгеро, останатите се регионални но беа во прилично добри услови. Лани баш во тој период имаше работа на патот Сасари - Олбиа, но сигурна сум дека годинава веќе им е проширен патот. Интересен автопат со огромна километража на тунели беше во финална изградба и во делот Каљари - Виласимиус (Villasimius) на Југ и разбирливо го немаше во апликацијата за навигација.
Скоро на сите патишта ограничувањето беше 50км/ч (на автопат 90км/ч)

  • Места кои ги посетивме (на мапата со зелено): 
    • Градови: Каљари, Алгеро, Стинтино, Боза (Bosa), Порто Черво, Виласимиус, на поминување Олбиа.
    • Знаменитости: Гробница Нураге Лоса (на патот Сасари - Каљари)
    • Плажи на северозапад:  
      • La Pelosa - Стинтино
      • Le Bombarde - Алгеро
      • Bosa Marina - Боза Марина
    • Плажи на североисток:  
      • Пристаништето во Порто Черво
      • Brandinchi - Лу Импосту (Lu Impostu)
      • San Teodoro - Ла Чинта
    • Плажи на југ:  
      • Poetto во Каљари (премногу гужва, не застанавме)
      • Nora - Пула
      • Su Giudeu/Chia - Киа
      • Tuerredda

    • Плажи на југоисток:  
      • Mari Pintau & Geremeas - Геремеас (Жеремеас?)
      • Brandinchi - Лу Импосту (Lu Impostu)
      • Porto Giunco - Виласимиус
За жал немавме веќе сила ниту време да одиме на две од врвот на листата на топ плажи - Кала Мариолу (Cala Mariolu) и Кала Голорице (Cala Goloritzè) до кои мораше да се вози до некое од гратчињата Santa Maria Navarrese или Arbatax и да се фати брод од пристаниште или да се остави колата некаде на патот и по жештини да се пешачи 5км по ридаст предел до едната плажа. На крајот немавме живци да возиме до таму повторно од југо-централниот дел скроз до истокот.

На мапата со виолетови пинови се обележани сместувањата каде бевме, кои ги разгледувавме или знаевме некој кој бил таму, со зелена местата на кои отидовме и со црвена сите што ми беа на листа на желби и на крајот сфативме дека агендата е пренабиена и дека можеби требаше да се фокусираме само на еден дел од островот :)


  • Јазик: италијански, се снаоѓаат со шпански/каталонски (особено во западниот дел), едвај малку англиски и се разбира - пантомима
  • Валута: Евро (€)
  • Буџет: 750€ 
  • Виза: не ни треба заради Шенген зона
  • Што да се носи
    • лекови, аутан и синопен (нема многу комарци, ама за секој случај), ханзапласт, креми за сончање со фактор над 20, препорачливо 30 (дефинитивно Блек-Ап се покажува како најјак крем кој е поефикасен од Нивеи и други фенси креми - бесплатна реклама) 
    • испринтани резервации
    • чадор - најпаметно да си купите првиот ден од некоја продавница, лежалките се релативно скапи - ако немате чадор поисплатливо е да пиете пиво во кафичите во најжешкиот дел од денот (од 2€ до 3€ зависи од популарноста на плажата) - чадор дури и без лежалки знае да е од 10€ до 20€ 
    • ќе ви се најде инсталиран софтвер за навигација кој работи офлајн (како Navigon, на пример).
  • Безбедност: сигурно и безбедно, ама да не оставате ништо видливо во кола. Не заборавајте на стандардните мини-претпазливи потези како - да не носите вредни работи и пасоши на плажа (доста ви се по 10€-20€ за трошење), барајте куќа со паркинг/гаража; и ако сте на приземје во некои апартмани - не спијте со отворена врата/прозор иако е жешко.
  • Температура: Просечно беше околу 30С. Водата беше од најладна на плажи каде дуваше ветер и беше подлабока водата, до ептен ептен топла во лагуните... секаде бистра и чиста - одлична за капење. На островот дува многу, па не се осеќа сонцето и се гори лесно (ама затоа имаат и многу ветерници).
  • Активности: сите гратчиња што ги видовме се интересни за прошетка, а потрудете се и да застанете барем на едно од многуте мали пирамиди-гробници на Нурагите

.: Сместување :.

Бевме сместени на две места - 4 ноќи во Алгеро и 5 ноќи во викенд-населба јужно од Каљари - Торе дељи Уливи (Torre degli Ulivi) во вила со апартмани. И двете места беа тешки за договарање бидејќи скоро ич не зборуваа/пишуваа англиски. Бидејќи знаевме дека најмногу пари ќе потрошиме на превоз, баравме што е можно поевтини места.

Во Алгеро одбравме место во центарот на градот - Studios 10 на улицата Via Catalunya близу до стариот град и градското пристаниште. Имаше мало кујниче и врата од купатило на лизгање, ама заврши работа, цената беше 162€ за 4 вечери за двајца
Тука имаше и малку лажење - во некој дополнителен линк на сајтот наводно пишувало 20€ доплата за постелнина за која се расправав цел ден со „дилерот“ и немаше тераса како на сликите (бидејќи биле повеќе слични апартмани) и спиењето беше на спуштен кауч, ама после неколку пати расправање на телефон и во живо на крајот ја доплативме и таа сума зашто немавме време да бараме алтернатива. Гррр. 
Добрата страна беше што стварно беше блиску до центарот, и иако немаше обезбедено паркинг, паркиравме бесплатно на главното пристаниште.

Во Каљари сакавме да бидеме поблиску до плажа, а за да ни биде поевтино и бидејќи знаевме дека ќе имаме кола со нас, побаравме сместување во некое од малите гратчиња јужно од главниот град. Така ја најдовме Вила Росана во Торе дељи Уливи, за 200€ за 5 вечери за двајца. Местенцето беше слично како малите места на Халкидики, беше на плажа но плажата беше бескорисна, и имаше еден супермаркет и локално пица-ресторанче во стил на кафанче :) 
Сместувањето беше одлично, малку ни беше шубе што вратите не се заклучуваа, но бевме сами во цела вила (освен 2 дена делевме купатило со семејство), но не беше проблем. Сепак би било супер ако бевме цело друштво :) Домаќините беа премногу фини и се трудевме да си поправиме муабет на шпанско-италијанско-англиски од Пандев уна маџиа до на кои плажи да шетаме во околината :)
Во цената имавме вклучен и доручек - иако сув (двопек, мармалатчиња, спакувани кроасани...) и превкусно домашно капучино, доволно беше да не мора да пазариме за доручек.

За жал немам фотографии, ама на линковите ќе најдете по некоја веродостојна :)


.: Храна :.

Не може да се зборува за Италија, а да не се спомне храната која е превкусна. За чудо - пастата не беше толку застапена колку што се надевавме дека ќе ја има, ама затоа пици и морска храна имаше во изобилство. На плажа се снаоѓавме со сендвичиња и грицки, и задолжително пиво, а навечер јадевме најевтино - пица и еднаш/два пати морска храна.

Доручек во второто сместување - сува храна и преубаво домашно капучино
Пица во Алгеро, Ресторан Bella Napoli (4 сирења - 9€, Пармиџана - 8€, пиво - 5€, услуга 2,7€)

Свежи состојки како декорација пред ресторан во Каљари

Пауза од шетање во Каљари во лаунџ бар со панорамски поглед (2 пива и чипс, 12€)

Локално сардиниско пиво Икнуза, на плажата Киа (2.5€)

Не толку добра паста во Виласимиус (шпагети Карбонара 7€, равиоли 9€, чаша вино 3,5€, услуга 2х2€)

Икнуза радлер на плажа Ле Бомбарде (3,5€)

Морска храна во Боза (паста со морски плодови 9€, лигњи на скара 11€, салата капрезе 8€, вода 2,5€, леб 2,5€ - не прашуваат, вино 0,5л 8€)


Топ пици во единственото пица-ресторанче Pezza&Pizza - локална пицерија во викенд населбата Торе дељи Уливи (Torre degli Ulivi) - 2 пици и 2 пива од 20€ до 25€ (пица од 5 до 7,5€)

Следен дел: Северот на Сардинија.



0 коментари:

Post a Comment

.