Лефкада - дел 1

11 July 2012 //
6 comments
После огромниот подвиг за планирање неверојатен одмор на Куба, уште додека бевме таму, одлучивме дека следниот одмор ќе ни биде поскоро (во јуни) и тоа негде во близина каде што може да одиме со кола и каде што има добри плажи. Знаевме доста луѓе што веќе отишле по грчките острови во Јонско Море (и преку агенција и во сопствена режија), па отприлика знаевме што сакаме да најдеме и каде да го бараме тоа. Така, падна договорот на Лефкада - островот на зајдисонцата.

Јуни е супер за користење стари одмори и да се усогласи друштвото, денот е најдолг во годината и шансата за лошо време на остров е минимална (и да врне не трае повеќе од 2-3 дена). Планот беше да најдеме цела куќа/вила за 6-10 луѓе и да ја накрцаме со стандардното друштво со кое секогаш одиме по викендици низ Македонија.

На крајот, некако не успеавме да се собереме доволно голем број за тој план, па резервиравме апартман за четворица; а потоа успеаја да ни се придружат уште тројца другари во последен момент.

Многу луѓе ме прашуваа за тоа каде е најдобро да се сместат, како да патуваат и контакт од апартманот, па морав да смогнам сили и да напишам еден пост за неодамнешниот одмор иако сè уште немам завршено со постовите за претходниот :)


*** Сликите се од моето патување и бидејќи сум приврзаник на Криејтив Комонс, ако ги споделувате, линкајте назад на овој блог. Благодарам однапред.





Основни факти за патувањето

Основните факти за грчкиот остров ќе оставам да си ги прочитате на Википедија, со тоа што ќе дополнам со личните видувања од патувањето.

  • Период: 16.06-30.06 (2012)
  • Број на патници: 4+3
  • Релација:
    • Скопје -> Солун -> Лефкада (За тие со Андроид телефон, симнавме кракната верзија на Navigon со убава и детална мапа за Грција со добри инструкции).
  • Превоз (препорачувам да одите со сопствен автомобил):
    • 4-ца патувавме со автомобил
      • поминати 2x600км + околу 650км низ островот
      • вкупно потрошена сума 55€ по човек само за бензин
      • патарини по правец: 30+60+50 денари; отприлика 2€ + 2.4€  + 2€  + 3€ (последната патарина пред мостот за Лефкада)
      • треба зелен картон кој сега се вади годишно (вадете пред регистрација)
    • 3-ца патуваа со автобус преку наша агенција која одеше до Василики
      • автобусот ги остави во Лефкас
      • изнајмија Фиат Панда за 10 дена: 200€ + бензин (на лице место се доплаќа 60€ осигурување или да се заложи кредитна картичка со многу пари како гаранција)
  • Места кои ги посетивме: 
    • Градови: Лефкада, Нидри, Василики, Агиос Никитас (да не се чита Ајос?)
    • Плажи од север кон југ:  Агиос Јоанис (само за kite surfing), Пефкулија, Агиос Никитас,  Катизма, Каламици, Егремни, Порто Кацики, Агиофили
  • Јазик: грчки, се снаоѓаат со англиски и пантомима
  • Валута: Евро (€) - во моментот среден курс според НБРМ е 61,6 денари
  • Виза: не ни треба заради Шенген зона. Ако веќе сте биле во Грција, не заборавајте си го ливчето што ви го заменува пасошот; ако не сте биле, ќе ви дадат едно ливче да пополните на граница.
  • Што да се носи: лекови (фервекс, линекс, и по некој антибиотик, синопен и слично за каснатини зашто имаше многу оси!), аутан, креми за сончање со фактор над 20, препорачливо 30 (дефинитивно Блек-Ап се покажува како најјак крем кој е поефикасен од Нивеи и други фенси креми - бесплатна реклама), ханзапласт, чоколатца, чадор и лежалки (има доволно место на плажите), испринтана резервација, фрижидерче и амонијаци за секогаш да имате ладно пиво на плажа ;)
  • Безбедност: доста ни делуваше сигурно и безбедно, ама не заборавајте на стандардните мини-претпазливи потези како - да не носите вредни работи и пасоши на плажа (доста ви се по 10€ за трошење), не оставајте какви било работи внатре во кола додека сте на плажа, барајте куќа со паркинг/гаража; и ако сте на приземје во некои апартмани - не спијте со отворена врата/прозор иако е жешко.
  • Температура: на почетокот беше до 29С, првите 2-3 дена имаше ладни струи во морето, а навечер се спиеше одлично. Просечно беше околу 31-32С. Пред крајот на Јуни се покачи до 35С, па водата беше одлична за капење, а за спиење беше малку жешко иако бевме високо на планина.
  • Активности: Има тури со брод од Нидри и Василики до некои од атрактивните плажи, како и до Итака и Кефалонија. Во Нидри има и спортови на вода, како влечење на повеќе луѓе во голема гума, на банани и слично. Плажите на Василики (југ) и Агиос Јоанис (север) се познати како одлични места за едрење на даска (wind surfing) и сурфање со падобран (kite surfing).


.: Храна :.

Во градот Лефкада има голем дисконт маркет - Lidl, како и Carrefour, па ние испазаривме 3-4 пати од таму за евтина цена. Доручкувавме на тераса со прекрасен поглед, а на плажа носевме 2-3 шишиња вода, овошје, пиво, благо, грицки, житарки и нешто да го поминеме денот. Навечер најчесто си готвевме по нешто (салати, пици, тестенини, јајца, брускети, палачинки, итн), а три пати вечеравме во ресторани за цени од 10 до 20 € по човек, во зависност од тоа што и каде јадевме (салата, узо, скара/морска храна, вино, десерт).

Во Агиос Никитас јадевме и гиро (мораше да се проба) и задоволно си ги триевме мешињата после тоа :) Колку е скапо некое место, според мене може да се одреди според цената на гирото. Тука беше 2,2€ за носење.


Ептен го препорачувам ресторанот кој ни беше на неколку минути од апартманот во истото село. Ресторанот „Рахи“ го имаше најубавиот поглед на зајдисонце и превкусна храна. За да го фатиме зајдисонцето моравме порано да ја напуштиме плажата, а не примаа резервации па за да се фати маса во првиот ред требаше да се појавиме во 19.30 часот. Нормално дека се појавивме во 20.30, ама сепак успеавме да ја доловиме убавината на зајдисонцето што беше околу 21-21.10 часот. Ресторанот нема морска храна (тажно смајли) ама затоа имаше превкусна скара и полнети кременадли, вешалици, пилешко, а и одлично домашно розе вино кое легна убаво после салатата и узото. Оставивме место и за десерт - иако немаше чоколаден мус, поделивме по една панакота да заокружиме :) Главните порции се движеа од 6€ до 14€ , ама најскапо по човек што плативме беше 15€ за комплетен оброк + нешто ситно бакшиш. Отидовме два пати од што беше добро местото :)




Селото Каламици - поглед од ресторанот




Во Нидри бевме на вечерна прошетка и седнавме случајно во првиот ресторан во потрага по морска храна, веднаш покрај пристаништето (на главната улица имаше само гиро-места) - „the Barrel“. Тука се забележа недостигот на туристи, па „паднавме“ на убедувањето на симпатичниот главен келнер кој нè воведе во ресторанот. На почеток нè послужија со маслинки, леб и вода додека го чекавме јадењето (кои за чудо не ни ги наплатија). Јадевме салати, скара и морска храна: лигњи и октопод на жар и поховани лигњи, заокруживме со домашно бело вино. За најскапиот оброк со октопод плативме помалку од 20€, за другата храна нормално - поевтино. Храната си беше одлична. Кога побаравме сметка, ни донесоа и грчка алва за десерт гратис, па им оставивме дарежлив бакшиш на крај.

 
Грчка салата и лигња на жар (+ октоподче)


.: Сместување :.


EDIT: Бидејќи и годинава (2013) еден куп луѓе ме прашуваат за сместување а нашата вила не е слободна, го најдов списокот од ланското планирање со алтернативни вили со цени и го споделувам со вас ТУКА.

Овој пат, сместувањето ни беше и најбитно на цел одмор, за разлика од друг пат кога сме се сместувале каде стигнеме за поевтина цена. Агенциите претежно сместуваат во Нидри, втор по големина град на истокот, и во негова близина - според она што ни го рекоа сите познати што биле претходно - нема ниту една убава плажа. Во градот има само пристаниште и тоа со големи бродови, а воздухот е застојан и беше многу спарно.

Затоа, инсистиравме да најдеме куќа на западот, каде сместувањето е за нијанса поскапо, но и далеку поквалитетно и каде денот е подолг заради тоа што сонцето заоѓа во море. Бидејќи ниедна од преубавите огромни вили не можевме да си ја дозволиме за четворица, завршивме со изборот на апартманите „Амалија“ во селото Ексантија (Exantheia) кое се наоѓа во планината над Агиос Никитас (Agios Nikitas) со преубав поглед на запад.


Ексантија

Контактиравме со Софија, а таму нè пречека нејзината мајка, една премногу фина, релативно млада и слабичка симпатична жена која се трудеше да се разбере со нас на англиски, ги чистеше апартманите секои три дена од корен, менуваше постелнина и крпи, па дури и еднаш ни остави куглов-колач за кој ѝ вративме со палачинки со нутела и јагода :)

Апартманот кој го одбравме со најубав поглед - Korali/Coral - има две соби, две купатила, дневна, кујна и огромна тераса. Апартманот беше еден од наопремените во кои сум била, во кујната немаше што немаше! Сјај, сунѓерче (што обично стално купуваме), шеќер, сол, кафе, масло и оцет, зачини, секакви чаши, тенџериња, тавчиња, шпорет со рерна, тостер, кафемат за филтер кафе, микробранова и голем фрижидер во кој нè пречекаа со неколку Амита сокови, млеко, вода, мармалад и слично, а ни беа оставени и суви колачи и вино како за добредојде. Во купатилото имаше и машина за перење, легенче, прашок за перење... па така немаше потреба да купуваме кога требаше да заплакнеме крпи за на плажа од солта :)



Се гледаше дека истиот апартман го користат и самите газди бидејќи имаше секакви дрангулии низ дневната соба покрај одличниот систем за музика, телевизорот со сателитска (на кој не успеавме да најдеме пренос од ЕП 2012) и брз безжичен интернет без никакво ограничување (што ни овозможи да трошиме малку пари на СМС пораки :) ).




Дополнително имаше и сеф, клима уред (во едната спална соба), најдовме и двоглед, табла за играње, карти итн. Сè што можеше да има една викендица - имаше. Имаше и комарници на сите врати што нè спаси од многу денски муви и ноќни пеперутки.

Немам зборови да опишам колку ни се допадна местото, дефинитивно беше најубавиот апартман во кој сме престојувале дотогаш. А терасата... е сосема посебна приказна, која ќе оставам фотографиите да ја раскажат.








Цената од вечер за Корали до 30-ти Јуни беше 100€ за цел апартман од 85м2 + тераса во кој може комотно да се сместат 6 до 8 луѓе, а за 13 вечери добивме +1 гратис. Цените се менуваат во зависност од сезоната.

Тројцата другари го изнајмија помалиот апартман (соба, дневна, кујна, купатило и тераса) еден кат подолу - Smaragdi/Emerald - за 60€ од вечер за 9 вечери (цената е спуштена, веројатно зашто ги изнајмивме двата апартмани). Апартманот исто така беше помал од околу 55м2 (соба, дневна, кујна и купатило) + тераса во кој собира 4-5 луѓе; одлично опремен, а ги пречека исто фрижидер полн со основните работи: вода, млеко, сок. Бидејќи нашата дневна сепак беше поголема, едниот другар спиеше во нашиот апартман, па се распределивме 5+2. Во истиот распоред сигурно ќе собереше барем уште двајца во двете дневни соби за комотен престој.

Да, можеби се луксузиравме малку, ама на сите ни беа смачени типичните грчки стерилни плочка-апартмани на кои сме научени на Халкидики - и не зажаливме - иако не ни се мрдаше од тераса, сепак доста време посветивме и на плажите.

... следен дел 2: Плажи.

6 comments: Leave Your Comments

  1. Suuuuuper e se :) Sega se spremame za Lefkada pa ke vidime kaj ke zavrsime :) Blogot e top! Marija od Beograd :) Pozz...

    ReplyDelete
  2. Fala Marija, ako pominuvate niz Skopje zastanete na edno kafe! :)

    ReplyDelete
  3. Каков е ноќниот живот на Лефкада?
    Благодарам :)

    ReplyDelete
    Replies
    1. Во местото каде што бевме ние - никаков :) Во помалите градчиња во близината имаше ресторани и барови, но Нидри беше потипично туристичко место каде што имаше и подискаџиски барови, а најверојатно и клубови... исто така имаше и журки на бродови. Така што, ако сте за ноќна забава, барајте ги најтуристичките места, веројатно Нидри и самиот град Лефкада :)

      Delete
    2. Уште од времето кога Лефкада не беше атрактивна меѓу туристите, авантуристите ја сметаа за едно од најактуелните места за сурф и стално била полна со кампери. Ако сте за малку поинаков ноќен живот, кампувајте неколку вечери во камповите на Катизма и уживајте во ноќните камперски забави, покрај логорско оганче, со гитарче и дружете се со луѓе од цела Европа.

      Многу интересно блогче, се радувам што се повеќе креативни и луѓе кои зрачат со инспирација можат да се најдат "online".

      Delete
  4. This comment has been removed by the author.

    ReplyDelete

.