Нова Година во Минхен - дел 1

30 January 2013 //
2 comments
Обично за дочек на Нова Година со друштво бегаме на некоја планина во викендица, но немањето некое посебно расположение за дочекот, преселбата на двајца другари во Минхен и евтините летови до таму пуштени во Октомври нѐ натераа на првата покана за посета веднаш да одговориме со „да!“ :) По една пропуштена шанса за посета на Октоберфест уште во 2009-та, овој пат се радував на мојата прва посета на Германија, новогодишното баварско пивско искуство и доброто друштво што ме очекуваше.

Она што прво го дознавме е дека скоро цел град беше раскитен од божиќните декорации уште на 25-ти декември; но барем дел од центарот беше украсен, елката на главниот плоштад сѐ уште стоеше и беше останат само еден крисмас-маркет да ни сигнализира дека сепак доаѓаме за време на зимски празник. 




Основни факти за патувањето

  • Период: 31.12.2012 - 04.01.2013
  • Авионска релација:
    • Скопје -> Мемингем (Allgaeu Airport Memmingen): со wizzair.com - цената околу католички Божиќ и Нова Година варираше од 25 до 75€ во правец, нашата по ловење на цени скоро 3 недели, чинеше по точно 125€ (со вклучени 25€ за 1 куфер по правец и 10€ по правец провизија за картичка)
    • Мемингем -> Минхен: со аеродромски автобус, 30€ повратна карта - поевтино е да се купи online отколку на лице место 
  • Превоз низ Минхен: 
    • градски превоз: трамвај, метро (у-бан), автобус - за повеќе од 3 дена се исплати неделна карта за сите типови на превоз: IsarCard за 1-3 зона - 15,9€, нема потреба од отчукување на влез
  • Сместување: немам мои податоци бидејќи бев на гости, ама препорака од Александра и Ивана кои престојуваа 2 недели пред мене таму е хотелчето Аста... цитат Александра:
Резервиравме преку e-mail само со оставање податоци и број на кредитна картичка, без плаќање на одредена сума однапред. Иако бевме за време на Божиќната еуфорија, цената беше пристојна за стандардот во Минхен: 35 евра од човек со доручек (значи 70 евра соба). Целата сума ја плативме кога стигнавме таму. Хотелчето беше супер, владееше пријатна домашна атмосфера, а собите беа чисти, реновирани и убаво средени. Во собата имавме лавабо, а тушот и тоалетот беа заеднички на спрат, што не беше пречка секогаш да се беспрекорно чисти. За среќа немаше многу гости, инаку можеше да настанеше тепачка за тоалетот:) И доручекот беше многу вкусен и обилен, вреден за платените пари :) Домакинките (што беа тетки во доцни години и баби) беа многу фини, многу малку знаеја англиски, но се разбиравме некако со германско-англиски микс :) Хотелчето се наоѓа одма до железничката станица, така што освен до Olympia Park кога се качивме во метро, друг превоз не користевме.
  • Јазик: германски (знаат англиски) 
  • Валута: евро (€) - во моментот среден курс според НБРМ е 61.50 денари 
  • Виза: не ни треба заради Шенген зона 
  • Што да се носи во зима: зависи од должината на патувањето: фервекс (и слично што може да ви се најде после студен ден), топла облека, чевли/чизми за дожд и снег, чадор, испринтани резервации и авионски карти 
  • Безбедност: многу безбедно, ама избегнувајте го главниот плоштад за дочек на Нова Година :) 
  • Температура: Температурата варираше од -5С до 5С 


Храна, пиво и варено вино

Она што најчесто ќе го најдете во сите пивници и ресторани низ градот, како и на божиќните маркети (тезги со јадење и пиење) се секаков вид на германски колбаси (wurst), од кои типично минхенски е белиот колбас (weißwurst) кој се служи варен во порцелански длабок сад со топла вода. Обично bratwurst ќе ви ги послужат врз расол и компир-салата, порцијата што ја јадевме ние беше од 4 rostbratwurst и 2 пикантни црвени bratwurst. Цените се движеа од 4-5€ во сендвич на тезгите, до 14€ за порција во рестораните како на пример во една од постарите и поскапи пивници Augustiner am Dom, каде нивното пиво Augustiner Helles чини 3,55€ и Augustiner Edelstoff (малку појако и повкусно) е 3,95€ за кригла од 0,5л.

Порција различни колбаси (würstel teller)
Augustiner Helles
Најпознатата пивница во градот Hofbräuhaus е огромна, собира преку 1500 луѓе за седење, има жива музика, мини-музеј за нивната историја, маси резервирани за стари минхенски семејства кои си пијат од сопствените кригли кои се чуваат заклучени, продавница за сувенири и - прочуените едно-литарски кригли! Беше исклучително тешко да се најде место на првиот кат каде беше поинтересна атмосферата, додека на вториот имаше десетина души во огромен простор... по скалите меѓу катови имаше семејни портрети низ годините на оние среќници со постојани резервации. Порано пивото го служеле во метални тешки кригли, а ставале капачиња на нив за да не им паѓаат инсекти и лисја од околните дрвија. 
Тука јадевме само традиционален перек (по грешка нарачав голем од 3,7€, малиот беше 0,9€ во мени), а пиевме еднолитарски - темен радлер (морав да пробам) Dunkel Radler Mass и Hell Mass - и двете по 7,3€. 

Атмосферата на првиот кат
Музика во живо
Малиот музеј на вториот кат (метални тешки кригли, семејни портрети)
Кригли од 1л со логото на Hofbräuhaus
Чичко мештанин, еден од многуте
Поздрав до НаТочак со нивната новогодишна честитка
Исто така специјалитети им се свински коленици и други меса, но не експериментиравме премногу со баварската храна. 

Затоа јадевме пици во одличниот италијански ресторан L'Osteria кој се наоѓа блиску до Карлсплац и ако имате среќа ќе почекате само 15 минути. Пиците се вкусни и огромни, доволни за делење за двајца и чинат од 9€ до 12€. Тука пиевме едно од моите омилени матни пива Erdinger weißbier кое иако не е минхенско, сепак е баварско и вреди да се спомне. Мала кригла е 2,75€, а голема од 0,5л 3,75€.

Salsiccia Piccante
Erdinger Weißbier
Исто така, по останување гладни со една порција колбаси за четворица, отидовме и во уште еден италијански ресторан Pasta e Basta каде пиците се движеа од по 4,45€, односно 6,45€ како за споредба со претходниот ресторан, но беше доволна само за еден човек, така што горе-долу доаѓа иста цената. Пастите беа од 5€ до 7€, а салатите околу 5-6€. Пиев матно пиво Franziskaner Weissbier (3,10€) од една од најстарите пивници во Минхен, додека другите пиеја темно Löwenbräu Dunkel (2,8€), радлер (2,90€) и сокови (2,8€).

Löwenbräu Dunkel и Franziskaner Weissbier
Pizza Diavolo
Последниот ден како за промена јадевме во ирскиот паб Kennedy's каде беше преполно и се спремаше за жива музика, едвај најдовме една слободна маса за да седнеме да јадеме. Покрај ирските пива, нормално дека имаше и баварски, па пиевме матно баварско пиво Konig Ludwig Weissbier (3,8€), светло Augustiner (3,4€) и темно Augustiner (3,4€). Јадевме одлични, ама скапи порции со бургери - крцкав пилешки со помфрит (9,8€) и мексикански телешки бургер со печени зачинети компири (12,8€). 

Konig Ludwig Weissbier
Мексикански бургер

Во центарот на Минхен типично за тие простори стои Maypole (мајски столб? - столб украсен со мотиви од областа, украсен со ленти и цвеќиња, околу кој луѓето играат во мајските прослави) на кој имаше логоа од 6 пивници (Augustiner bräu, Hofbräu, Löwenbräu, Paulaner bräu, Hacker-Pschorr Bräu и Spaten bräu) и едно здружено за сите минхенски пива. Доцна ни текна да ги бараме сите по овој список, па едно ни остана непробано. Сфативме дека секој паб/бар има лого на влезот од една од пивниците чие пиво го служат.

Минхенскиот Maypole

Првото што го пробавме беше вечерта на Нова Година и кое редовно го пијам на скопскиот Пиволенд - матното Paulaner (околу 4€) во преполната пивница Zum Spöckmeier.


новогодишно точење Пауланер во пластични чаши за на улица
Последното што го пробавме беше Hacker-Pschorr, последната вечер на главниот плоштад на Мариенплац. Откако оригиналната пивница Hacker-Pschorr беше затворена (а вечерта на Нова година таму пиевме варено вино) отидовме од спротивната страна на Мариенплац во Café "Am Marienplatz" каде го видовме нивното лого. Светлото Hacker-Pschorr беше 4,7€, а темното Paulaner беше 4,9€.

Paulaner Dunkel
Hacker-Pschorr Helles

Од сите овие пива не можам да одвојам омилен бренд, ама можам со сигурност да кажам дека матното пиво (вајсби/е/р) ми е дефинитивно омилен вид, иако, сепак, за со потешко јадење е препорачливо да се пие светло пиво :)

Покрај пивото, пиевме и варено вино (Glühwein) - едно земено на Нова Година од надворешен шалтер на пивницата Hacker-Pschorr (3€ + 2€ депозит за чашата), другото на божиќниот маркет на Карлсплац (4€ + 5€ депозит), кој беше единствен останат после Божиќ бидејќи таму имаше и лизгалиште. Вкусот беше одличен иако се спремаат во големи котли, а чашата може да не ја враќате и да си ја задржите како сувенир. Таму имаше и тезги со колбаси, компирчиња, како и палачинки и други благи работи, но ние одевме после 20ч, кога скоро ништо немаше останато за јадење.

Вареното вино од Hacker-Pschorr
Вареното вино од божиќниот маркет

Божиќниот маркет на Карлсплац
Чаши за варено вино кои може да се купат
Лизгалиштето, секој си наоѓа различна потпора :)

Скоро ич не ни пиевме кафе од што пиевме пиво цело време, освен на раат во Олимпискиот ресторан (Olympiasee Restaurant) по едно капучино (3,2€) и кафе креме (2,8€) заедно со типични германски божиќни медењаци (lebkuhen, 1,4€ за две).

Кафе и медењаци
Другите две кафиња што ги испив таму беа после вечера во италијански стил за да не заспијам на маса :) Капучиното во Pasta e Basta беше 2,2€, а еспресото во Kennedy's 1,9€.

Ноќно кафе за освестување

Бидејќи постов само со пива излезе премногу долг, во следниот ќе читате за каде да се прошета и што да се види низ Минхен :)

Tschüs!

2 comments: Leave Your Comments

  1. Браво! Еве вака се пишува одличен блог пост за патување. Продолжи да го освојуваш светот и да нè поттикнуваш и ние да ги спакуваме куферите :)

    ReplyDelete
    Replies
    1. Фала ептен! :) Тоа е и целта, да докажам дека не е невозможно, се надевам што повеќе луѓе ќе искористат шанса со евтиниве летови :)

      Delete

.